Добивај вести на Viber
Мерката на НБМ која стапи на сила за отписи на ненаплатливи кредити всушност значи дека во иднина ќе се намалат профитите на домашните деловни банки. Тие мора да ги бришат нефункционалните кредити, да ги покриваат со резервите, а потоа резервите да ги надополнуваат од идни добивки или со докапитализација
Знајачно ќе се намалат добивките на македонските деловни банки! Ова е констатација што јасно произлегува од известувањето дека драстично се намалило салдото на нефункционални кредити што беше објавено деновиве. Оваа вест има две значења кои се меѓусебно поврзани. Првиот факт е дека се отпишуваат нефункционални кредити кои деловните банки мораат да ги отпишат заради регулативата на Народната банка. Износот е 123 милиони евра. Од друга страна тоа значи дека со отписот на кредити кои не можат да се наплатат негативно ќе влијае врз добивките на банките.
Заради тоа што банките ќе мораат да користат нивните планирани резерви за надополнување на дупката што настанува со отписите, а потоа ќе мораат дел од актуелните или новите профити да користат за надополнување на резервите кои мора да бидат во корелација со издадените кредити.
Засега не се знае кои се банките кои најмногу ќе бидат на удар со мерката на НБМ која важи од овој месец и со која банките мора да ги отпишат побарувањата што не можат да ги наплатат во рок од најмногу три години. Но наскоро ќе има податоци од кварталните извештаи на банките и во идниот период ќе се стане познато кај кои банки оваа мерка имала најголемо влијание врз ставките за отписите на побарувања. Како што веќе пишувавме овој тренд според Народната банка е резултат на една од мерките со кои монетарната власт ги задолжи банките да започнат со операцијата за “чистење“ на кредитните портфолија.
“Мерката на Народната банка за задолжително „чистење“ на кредитните портфолија од старите и целосно расходувани нефункционални кредити, статистички ги подобри показателите за квалитетот на кредитната изложеност на банките, но, од друга страна го анулираше кредитниот раст (кој, со изземање на ефектите од оваа мерка, заклучно со јуни 2016 година ќе беше двојно повисок). Сепак, со оваа мерка, учеството на нефункционалните во вкупните кредити се сведе на 7,5% и е за околу една третина помало во споредба со јуни 2015 година, кога изнесуваше 11,5%“ , објаснуваат од НБМ.
Со ова, мерката даде позитивен ефект врз “чистењето“ кредитните банкарски портфолија, но од друга страна сепак, негативно влијаеше врз кредитниот раст. Дел од банкарите објаснуваат дека се работи за стари, веќе ненаплатливи побарувања, кои сеуште фигурираат на некој начин во билансите на банките.
“Банките и натаму ќе можат преку свои инструменти и законски можности да се обидуваат да ги наплатат овие побарувања, но тие веќе нема официјалано да бидат дел од банкарските биланси, со што ќе се добие на некој начин и пореална слика за состојбата“, коментираат дел од банкарите.
Во јуни салдото на проблематичните побарување изнесувало 333,4 милиони евра а во мај тоа беше 456,9 милиони евра.
Инаку, НБМ оцени дека македонскиот финансиски систем е стабилен и отпорен на надворешните и на внатрешните потреси. За банките смета дека се ликвидни, солвентноста и капитализираноста се на соодветно ниво, нефункционалните кредити се под контрола а кредитното портфолио е на високо ниво.
Р.Ф.