01 Декември, 2024
0.1047

Последниот Мохиканец од Европската Унија

Објавено во: Колумни 17 Април, 2013

Добивај вести на Viber

Мохиканците се индијанско племе во Северна Америка. Како и сите други индијанци, така и ова племе било доведено на прагот на исчезнување за време на освојувањето на „дивиот Запад“. Оние малкумина кои останале биле асимилирани од страна на доселениците од Европа. Денес сеуште можат да се најдат Мохиканци на територијата на САД, секако интегрирани во современите општествени движења. Иако поголемиот дел од припадниците на ова индијанско племе одамна се дел од историјата, до ден денешен остана симболиката на Мохиканците, па и на последниот Мохиканец. Симболика на нешто што некогаш постоело, а денес е во изумирање. Симболика на нешто на што ќе се сеќаваат некои идни генерации кога ќе го истражуваат минатото и сегашноста. Како да се направи паралела помеѓу банкарството и индијанците? Можеби можат да се направат повеќе паралели, но ние ќе се повикаме на симболиката на Мохиканците и на последниот меѓу нив. Во нашиот случај ќе се осврнеме на прашањето на банкарската тајна. Она што за многумина е завиткано под превезот на мистеријата, а благодарение на неодамнешните настани на Кипар, таа мистерија почна да се расветлува. Притиснати од економската криза и празните државни буџети, дури и најразвиените европски земји како што се Германија или Франција повикаа еднаш засекогаш да се стави крај на банкарската тајна. Побараа банките од сите земји да почнат да разменуваат податоци за своите клиенти и за нивните депозити, со цел тие клиенти да плаќаат даноци во матичните земји. И тука се појави (и се продлабочи) јазот помеѓу богатиот Север и сиромашниот Југ. На глобално ниво, а посебно во Европа. Земјите од југот на Европа, посебно оние кај кои постоеше концептот на банкарска тајна, најпрвин се спротивставија на тоа да ги откријат податоците за своите клиенти. Станаа свесни дека на тој начин ќе дојде до одлевање на депозитите и осиромашување на банкарскиот сектор и на општеството во целина. Но, се соочија со еден друг проблем. Се соочија со поделбата на „големи“ и „мали“. Иако се дел од Европската унија, испадна дека сепак сите членки не биле еднакви по моќ и влијание. Соочени со сопствената финансиска немоќ, земјите од југот на Европа почнаа да отстапуваат од своите банкарски начела. Попушти Кипар, попуштија и другите земји од Медитеранот. Залудни беа обвинувањата за лицемерие адресирани на сметка на големите земји во Европската унија. А потоа, на ред дојде Луксембург. Земја која што претставува еден од финансиските центри на Европа, земја која што со години важеше за Ел Дорадо кога се во прашање парите, богатството и моќта. И секако, земја во која до неодамна беспрекорно функционираше концептот на банкарската тајна. Се до „брилијантната“ идеја на Европската унија дека големината на банкарскиот сектор треба да биде усогласена со големината на бруто домашниот производ. Луксембург која е земја каде што големината на банкарскиот сектор е многу поголема од бруто домашниот производ беше принуден од двете зла да го прифати помалото. Оваа земја се согласи од 2015 година да почне да разменува информации со партнерите од Европската унија за депонентите во луксембуршките банки, со цел да се спречи даночната евазија. На тој начин, макар одложено, и Луксембург го укина концептот на банкарската тајна. На тој начин, речиси сите земји од Европската унија почнаа да ја напуштаат банкарската тајна како концепт на работење на нивните банки. Сите освен една земја. Земјата која остана да го брани овој концепт како последен Мохиканец. Таа земја е Австрија. Неодамна министерот за финансии на Австрија изјави дека оваа земја ќе ја задржи банкарската тајна. Тоа не значи дека Австрија нема да се бори против даночната евазија и перењето пари. Во рамките на позитивните законски прописи, Австрија ќе ги вложи сите сили да му застане на патот на финансискиот криминал. Но оваа земја нема да дозволи депозитите од нејзините банки да се одлеат во трети земји кои не се членки на Европската унија и кои не мора да се грижат за нејзините директиви. Ставот на Австрија секако е за почит. Не може да се бара од една земја која пред дваесетина години се приклучила на Европската унија по секоја цена да го укинува концептот на банкарската тајна, а оние земји кои ја основале истата таа Европска унија во своите некогашни (па и сегашни) колонии непречено да работат со offshore сметки. Да не зборуваме за Швајцарија која е во срцето на Европа, а не помислува да го укине концептот на банкарската тајна и да почне да разменува информации со членките на Европската унија за депонентите во швајцарските банки. Австрија остана последен Мохиканец во Европската унија кога е во прашање банкарската тајна. Времето ќе покаже дали оваа земја ќе остане доследна на своите принципи или и таа ќе попушти под притисокот на „големите“. д-р Гоце Трајковски

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.