ПОТРАГАТА ПО ВАЊА ВЛЕГУВА ВО ЧЕТВРТИОТ ДЕН: По што се разликува „Амбер алерт“ и зошто е толку ефикасен
Објавено во: Македонија 30 Ноември, 2023
И по 72 часа од
исчезнувањето на 14-годишната Вања Ѓорчевска од центарот на Скопје нема ниту
трага. Нејзината фотографија не се симнува од медиумите и од социјалните мрежи,
а за нашето девојче веќе се добро упатени и во соседните земји. Објавата е напишана
и на англиски и на српски јазик, за жал досега нема никаква информација.
Во изјава за Фактор, мајката на Вања, Зорица Ѓорчевска, вели дека е во постојан контакт со полицијата и дека цврсто верува дека ќе ја најдат нејзината ќерка.
-Полицијата интензивно работи. Јас не сакам да се сомневам во ништо и во овие моменти мора да останам силна. По неколку пати во денот сум во контакт со полицијата, на се што можам да се сетам, се што сметам дека е важно за истрагата им го кажувам и тие буквално работат деноноќно. Секако дека се надевам на најдоброто, вели Зорица за Фактор.
Иако, во Македонија го немаме американскиот систем за брзо пронаоѓање на исчезнати малолетни лица, наречен „Амбер алерт“, на нозе се кренати сите надлежни ниституции во земјава, а за исчезнувањето на Вања, веќе е алармирана и информирана Европската организација за исчезнати деца.
-Како Меѓаши сметаме дека и во Македонија е неопходно да се имплементира системот „Амбер Алерт“ кој е наменет за пронаоѓање на деца кои се жртви на киднапирања заради разни причини и особено поради фактот што тој има посебен начин на функционирање. Она што сакам да го истакнам е дека посебно се залагаме и за воведување на линијата 116000, исто така за исчезнати деца и на овој начин да се вмрежиме со останатите земји каде што функционира ова, односно да бидеме во иста мрежа со Србија, Грција, Албанија и Бугарија. Во оваа насока, сакам да потенцирам дека за исчезнувањето на Вања стаоивме и во контакт со две организации за исчезнати деца во Белград и во Тирана и практично ги мобилизиравме, вели Драги Змијанац од „Меѓаши“.
И на телефонскиот број 112 има огромен број јавувања од страна на граѓани кои сакаат да помогнат.
-На овој број навистина се јавуваат голем број граѓани и јас навистина ги охрабрувам сите кои имаат каква било информација за Вања да се јават на 112. Истрагата секако ја води полицијата, и ЦУК сите овие јавувања ги пренасочува во МВР.
Но, по што се разликува „Амбер алерт“ и зошто е толку ефикасен во брзо пронаоѓање на исчезнати деца.
Станува збор за систем со кој преку СМС, објави на телевизија, известувања на аеродроми, хотели, гранични премини се даваат податоци на исчезнати деца за нивно брзо пронаоѓање. Од скоро Амбер алерт функционира и во соседна Србија.
-Во случај на исчезнување на малолетно дете, се испраќа итно известување во медиумите на секои 30 минути. Предвидено е медиумите да ја прекинат програмата и да објават фотографија од исчезнатото дете со основни информации. Потоа мобилните оператори испраќаат пораки на своите корисници за исчезнатото дете, заедно со линк до веб-страницата на Министерството за внатрешни работи. Во рамките на овој систем е предвидено ЈП „Патишта Србија“, аеродромот „Никола Тесла“, автобуските и железничките станици на своите екрани да објавуваат информации за исчезнувањето на детето. Системот се активира кога животот на детето ќе биде во опасност, а ќе функционира така што телевизиските програми ќе се прекинуваат на секој половина час во првите осум часа по исчезнувањето.
По тие осум часа, до истекот на 48 часа од пријавувањето на исчезнувањето, емитувањето на објавата ќе мора да продолжи на секој час. Потоа медиумите повеќе не се обврзани да ги објавуваат информациите, освен ако полицијата не го побара тоа. Но, не се објавува секое исчезнато дете. Според системот, во оние ситуации кога објавувањето податоци за исчезнување дете го отежнува случајот, се меша во работата на полицијата и претставува опасност за жртвата, началниците на полициските управи ќе направат одлука за активирање на системот врз основа на јасно дефинирани пораки.
Девојчето по кое е именуван системот Системот „Амбер алерт“ (Amber alert), врз основа на кој е создаден „Фајнд ми“ (Find Me), е создаден во САД во 1996 година, а го добил името по Амбер Хагерман, деветгодишно девојче од Тексас кое било киднапирано и убиено. Вообичаената полициска практика во светот беше потрагата по исчезнати лица, вклучувајќи и деца, да започне по 24 или 48 часа, за да им се даде шанса на оние што во афект побегнале од дома да се вратат. На овој начин полицијата заштедувала ресурси, но трагичниот настан ги променил сите процедури и светот го добил системот „Амбер алерт“, кој во голема мера ги зголемува шансите за пронаоѓање на исчезнатите деца.
Анита Буховски
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.