29 Април, 2024
0.0273

Повторувањето (не) е мајка на знаењето?!

Објавено во: Анализа 05 Септември, 2013

Добивај вести на Viber

Е добро, знам и јас дека е клише да се пишува за „туризмот“ во Охрид, ама што да се прави. Таму ќе има туризам на „куково лето“, а можеби и тоа е оптимистичка варијанта. Поаѓајќи од народната поговорка дека не е вест кога куче ќе касне човек, туку обратно - кога човек ќе касне куче, сакав и јас да напишам нешто позитивно за Охрид. Ама ајде, напиши нешто позитивно, а притоа да го опфатиш однесувањето на охриѓани? Едноставно, не оди. Ретко кој има толку бујна фантазија, па убедливо да ги излаже и другите, а богами и себеси. А почни да пишуваш нешто негативно, што би се рекло реално, сами ти течат мислите...

Еден од основните проблеми на Охрид и плажите околу Охрид е паркингот. Под паркинг обично се подразбира одредена географска локација која е јасно обележана дека служи за таа намена. Таму можеш да си ја оставиш колата, без страв дека кога ќе се вратиш ќе се соочиш со „духовити“ графити, отсуство на регистарски таблички или тркала и слични настани кои ќе го вулгаризираат твојот речник до таа мерка што ќе се засрамиш од самиот себе. Се возиш од Охрид до Свети Наум... Попатно неколку пати ќе се покаеш зошто не си зел кајче „без платно“. А и не е скапо, цена на повратен биле е 100 денари. А вака... возиш повеќе од пола саат во кола и почнуваш да се потиш. Не од топлина, зашто климата работи во колата, туку  с'клет те фаќа од патот кој е во иста состојба од времето кога винарите белограѓани го носеле платното за Билјана. Нивната упорност можеби и се исплатила, па Билјана се омажила за момчето што го водело караванот, ама тоа било во некои други, романтични времиња. А денес? Жив знак нема по патот. Секоја кола од каде сака влегува и врти, сообраќаец нема ни за жива глава, кој кај што ќе стигне застанува со колата. Кога конечно ќе стасаш до она што локалните жители го нарекуваат плажа, се соочуваш со „снаодливоста“ на секоја „будала“ која својот двор го претворила во паркинг, а другиот слободен простор го окупирала со средствата за локален транспорт, односно, популарните кајчиња. Се паркираш во дворот на мештаните, им завидуваш на досетливоста и си викаш - зошто и јас улицата во Скопје да не ја претворам во паркинг? Ех, ама ова е Охрид, не е Скопје! Одиш натоварен по патот, малку е стрмно, многу луѓе гледаш, а ти бараш слободна лежалка. Полесно ќе најдеш игла во стог сено. Откако ќе изгубиш време и нерви, ќе најдеш нешто. Воопшто не е скапо, треба само да пиеш пијачка и не треба да платиш за лежалката, некаде можеш и јадење да си носиш, ама да пиеш од beach барот задолжително. Ако не си на лежалка, а си ставил крпа ништо не си направил. Крпата ќе е поместена кога ќе излезеш од вода, а ти оди барај ја... Се враќаш во кола, чекаш двајца - тројца да излезат пред тебе за да можеш да ја мрднеш колата и почнуваш да возиш. Си викаш, ајде во Охрид да стигнам да јадеме, да се тушираме и да одиме во град. Добра идеја додека не се вратиш на туристичката делница Свети Наум - Охрид. По саат и пол - два во кола, кога ќе се враќаш од плажа од Трпејца или Градиште, ги намалуваш желбите и си викаш нема да јадам, само да се избањам, па после ќе видиме. Всушност, најбитно е паркинг да најдеш, цел пат возиш и не пцуеш никого, зашто си концентриран каде да се паркираш во градот. Ќе треба ново уличе да си најдам, кај општината ли, или може позади Охридати, а таму позади Кам маркет да ја оставам колата. Таму ако одам кај Горна порта паркингот ќе ми биде тешко за качување после, а да се паркирам.... Е мили мои, зарем Охрид и ова лето да го памтиме по гужвите за паркинг, по градскиот панаѓур и лесковачката скара, по тепачките во охридските кафеани и по некој стомачен вирус кој мора да те закачи во топ сезона. Зошто еднаш да не си отидеме од Охрид со убави мисли за добро поминат летен одмор, културно и духовно исполнети, и физички одморени, исполнети со добра музика, добро храна и благодарни на добрите домаќини. Толку ли нема учени луѓе во Охрида града да го организираат градскиот превоз и паркинг простор? Ако сака некој да се паркира во центар, нека плати и 500 денари. Нека се соберат пари и нека се организира паркирањето, а не вака... Еден куп вработени во паркинг службата - цел Охрид и на секој ќош стојат охриѓани за да наплатат, а од друга страна владее тотален хаос и дезорганизираност. Се додека во Охрид главен бизнис е наплатата на паркинг, а не туризмот, ние ќе бидеме далеку од туриститичките светски стандарди уште многу лета. Џабе провокативни реклами за подигање на свеста и добрите вредности за развој на туризмот, кога Охрид нема желба, ниту интерес нешто да се смени, а богами се повеќе верувам дека немаме ниту знаење нешто да промениме на подобро. Охриѓани земајте тоа багерите и лопатите и патишта да правите. За луѓето во с. Пештани да не ги згазите, патеки да се направат. Џбунови  и трње секаде по патот, па тоа да се исчисти, па што може убави патеки од Охрид до Пештани да има, ем за шетање ем за велосипеди. Е да, ама треба некој да се фати за работа... Субрата Рој и тоалетата на Golden Beach плажа ќе дојдат и ќе пројдат, ама Охрид паркинг место, чиста плажа и добар келнер „немат да имат“ уште долго. Еј, Охриѓани свестете се и следната сезона ќе има помалку Холанѓани, и Срби и Бугари и Грци. Сезоната не поради времето, туку поради друго ќе биде уште потапа, а народот помалку ќе има пари, ако вие и понатаму си свиркате, бистрите политика и си чекате некој друг да ги реши проблемите. м-р Искра Ивановска Стојановска