29 Септември, 2024
0.0262

ПРАШАЊА И ОДГОВОРИ: Кој добива, а кој губи со зголемените придонеси за хонорарците?

Објавено во: Анализа 07 Август, 2014

Добивај вести на Viber

Во разговор со Ванчо Дамјански, управител на Друштвото за интелектуална сопственост Берин, кое меѓу другото делува како авторска агенција, се обидуваме да откриеме кои се предизвиците кои стојат пред законодавецот во однос на дефинирањето на прецизни подзаконски акти кои ќе овозможат јасна примена на новите решенија. Според него, новото законско решение има и предности, но има и слабости кои ќе значат поевтинување на трудот. Договорите на дело и авторските договори се основа на која се регулира приходот на многу лица кои времено или редовно се ангажирани од корисниците на нивниот труд и дела. На овој начин корисниците имаа можност cо посредство на авторските агенции и сметководствените бироа едноставно и транспарентно да ги пресметаат и исплатат договорените надоместоци и уплатат даноците и да издадат соодветни извештаи. Новините кои се предложени со законот за изменување и дополнувањe на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување отвараат многу прашања кои пред се ги интересираат најзасегнатите учесници во досегашниот систем на исплата. Фактор: Дали имате точни податоци кои хонорари ќе се оданочуваат? Дамјански: Се уште нема официјални информации кои од хонорарите ќе бидат предмет на најавената обврска за задолжителна пресметка на социјални придонеси, иако според текстот на предлогот кој беше дел од дневниот ред на 10-тата седница Собранието и од консалтинг куќата со која соработуваме, станува збор за обврска која ќе се однесува на сите видови хонорари кои на месечно ниво надминуваат износ од една просечна плата. Фактор: Со колкави проценти ќе бидат дополнително оданочени хонорарите и по која основа? Дамјански: Според овој неофицијален извор, обврските би биле во износ на задолжителните пензиско-инвалидски и здравствени придонеси кои изнесуваат 17% односно 6%. Покрај досегашните 10% ова би било значителен износ кој е потребно исплатувачот или примачот на надоместот да го има предвид кога ќе го договара износот на надомест за кој било ангажман кој во тековниот месец може да надмине сума од една просечна плата. КОЈ И КАКО ЌЕ СЕ ОДАНОЧУВА? Фактор: Што вели новото законско решение, дали таму е прецизно наведено како и кој ќе се оданочува? Дамјански: Според актуелниот начин на регулирање на исплатата на надоместоците по основа на интелктуален ангажман и авторски дела се чини дека допрва е потребно да се регулира начинот на кој ќе се применува оваа обврска. Особено што обврската за уплата на овие придонеси е кај правните лица исплатувачи, кои немаат увид во месечните приходи по истиот основ на лицата кои ги исплаќаат, па поради тоа не ќе можат да оценат во кој момент таа обврска настапува. Дополнително, многу често авторските договори предвидуваат исплата на износи кои се над највисоката плата на чија основа можат да се пресметуваат придонесите. Фактор: Кои се предностите на ова законско решение? Дамјански: Предноста единствено ја гледаме во можноста дел од лицата кои немаат регулирано пензиско и здрвствено осигурување да можат да се стекнат со какво такво осигурување. Но, се поставува прашањето дали доколку некој не сака да остварува права на пензиско, здравствено и инвалидско осигурување или истите ги има остварено по друг основ, не се оптоварува неговиот приход со непотребни давачки. Фактор: Кои се слабостите и какви маниуплации може да има? Дамјански: Можноста за манипулација секако постои и главен проблем би се јавил кај утврдување на најниската плата. Сметам дека правните лица за да ја избегнат обврската за пресметка на придонсите со лицата кои ќе бидат ангажирани на овој начин ќе склучуваат месечни договори кои се под прагот на најниска плата. Ова ќе доведе до дополнително поевтинување на трудот на дел од лицата кои на овој начин ги остваруваат своите приходи. ШТО СТАНУВА СО „ДОГОВОРИТЕ НА ДЕЛО“ НА ДРЖАВНИТЕ ИНСТИТУЦИИ? Фактор: Дали со новото законско решение ќе дојде до зголемување на вработувањето? Дамјански: Интересно е дека најголем дел од таканаречените „договори на дело” се склучени од страна на државните органи и јавните институции. Мислам дека доколку се имплементира решението доследно, единствено може да порасне вработувањето во овие организации. Голем број од компаниите од стопанството кои користат овој вид на договори за реализaција на дел од својата дејност поминуваат на постојано вработување единствено во моментот кога се зголемуваат приходите, а не кога се зголемуваат трошоците! Фактор: Има ли информации кој ќе биде исклучен од оданочување на хонорарите? Дамјански: Со законот се воведува категоријата на обврзници ”лица кои остваруваат приходи од извршување физичка и/или интелектуална работа, врз основа на договор за дело и/или авторски договор” и единствено се исклучени корисниците на пензија, чии обврски би се регулирале согласно прописите за пензиско и инвалидско осигурување. Фактор: Дали имaте дополнителни појаснувања од надлежните институции за измените? Дамјански: Не, се уште нема никакви прописи кои ги предвидуваат измените со кои би се утврдиле и регулирале попрецизно определени ситуации и форми на работа. Фактор: Како ќе се прават пресметките? Дамјански: Се уште не е пропишан обликот на извештаите и начинот на пресметување и уплата на овие обврски и секако ќе биде предизвик за сите субјекти кои беа вклучени во досегашниот начин на исплата на овие надоместоци да го усогласат своето работење со новите измени. Фактор: Според Вас, кој би требало да биде исклучен од одданочувањето на хонораите? Дамјански: Сите лица кои се вработени и кои имаат регулирано пензиско и здравствено осигурување и за кои редовно се уплаќаат овие придонеси од нивните работодавачи, нема потреба да бидат опфатени со решението или ова да биде оставено само како опција. Исто така, авторите и уметниците кои се ангажираат на проекти кои се времени и не им овозможуваат редовен ангажман и приход потребно е да бидат исклучени од обврската. С.Н.