28 Септември, 2024
0.0331

Прашање што ги мачи сите работници: ЌЕ ИМА ЛИ К-15 ГОДИНАВА?!

Објавено во: Анализа 14 Мај, 2014

Добивај вести на Viber

Вработените во приватниот секор годинава треба да добијат К-15. И токму ова прашање деновиве е актуелно во речиси секоја компанија,каде работниците се прашуваат ќе биде или не исплатена сумата за К-15 предвидена со закон. Дел од синдикатите велат, веќе е договорено  парите на работниците да бидат исплатени и тоа во поголемиот број фирми, дел пак се сомневаат дека сите фирми тоа ќе го направат со оглед дека некои од пресметките покажуваат оти на некои фирми може повеќе да им се исплати да платат казна наместо да платат К-15 за работниците, а тешко дека некој од работниците потоа ќе се осуди да го тужи работодавачот за неисплатен К-15 , бидејќи на тој начин ќе си ја доведе во прашање работната позиција. 8400 денари мора да добие секој работник? Од Конфедерацијата на синдикални организации  велат оти ги поздравуваат измените и дополнувањата на општиот колективен договор за стопанството каде е прецизирано дека надоместокот што работникот треба да го добие за регресот за годишен одмор во висина од 40% од просечната плата околу 8400 денари .
„Меѓутоа мислам дека во Законот постои простор одредени работодавци да ја искористат казнената политика што се однесува во случај овие измени да не се почитуваат. Ова го објаснуваме на следниот начин, ако станува збор за мала фирма со неколку вработени математиката на газдите ќе покаже дека поисплатливо ќе биде да исплатат К-15  додека фирмта со повеќе вработени поисплатливо ќе биде да си ја платат казната отколку да исплатат К-15. Проблем претставува и фактот што доколку работодавецот не исплаќа К-15, работникот ќе мора да го даде на суд, а тоа претставува дополнителен трошок за фирмата плус самиот работник се изложува на ризик да биде избркан од таа фирма имајќи во предвид дека во голем број на приватни компании вработените не се синдикално организирани и мислиме дека во поголемиот дел од компаниите регресот за годишен одмор нема да се исплати, иако би сакал до крајот на годината кога е рокот за исплата, да бидам демантиран“, вели за Фактор Марјан Ристески од Конфедерацијата на синдикални организации.
Во Синдикатот на металците, енергетичарите и рударите, СМЕР велат дека најголемиот дел од компаниите во кои работат луѓе кои се членови на овој синдикат, ќе иплатат К-15.
„Веќе е договорена сумата за исплата, и според тоа што е досега, нема да има проблем за исплатата. Договорено е исплатата да биде од минималната сума за К-15 во помалите компании, па се до сума од 22 илјади денари во поголемите компании. Зависи во која фирма. Тоа е нешто што ние како синдикат во дел од фирмите и досега го имавме потпишано со колекетивните договори“, вели Пеце Ристески претседател на СМЕР.
Работодавците нема да го почитуваат законот? Според текстот на колективниот договор, сите работодавци во стопанството се обврзани да исплаќаат регрес за годишен одмор. Ако не, ќе бидат казнети според одредбите на Законот за работни односи кои се однесуваат на непочитување на одредбите на потпишаните колективни договори.
„Но, не е за очекување дека многу работодавци ќе го почитуваат договореното. Дури и веројатно е дека нивните претставници се согласија на оваа одредба зашто се свесни дека ќе можат да не ја почитуваат во практиката. Затоа синдикатите не смеат само да се фалат со тоа што утврдиле регрес за годишен одмор во колективен договор, туку да воспостават механизми за утврдување дали работодавците ќе ја почитуваат оваа одредба. А и самите работници треба, прво, да ги знаат своите права и, второ, да бараат од своите работодавци да ги почитуваат истите, а ако тоа не е случај да пријавуваат до Инспекторатот за труд. Самиот Инспекторат на труд мора да се подготви навремено преку засилени контроли во летните месеци да проконтролира колку работодавците го почитуваат она што е договорено со колективните договори“, смета универзитетскиот професорт Здравко Савевски .
Заедничко „селфи“ на синдикалците и министрите Данило Апостолски пак од движењето за социјална правда Ленка за Фактор вели дека секоја политичка одлука на ниво на законска измена која го подобрува и онака девалвираниот и оскуден материјален статус на работникот е добредојдена и логична.  Но, дека конкретнот паричен додаток, работниците не треба да го сметааат како подарок од авторитетите и доживуваат како извојувано право на репрезентативниот синдикат затоа што К-15 паричниот додаток му беше познат на македонскиот работник во минатото.
„Воедно, сметаме дека се работи за уште еден популистички потег на власта, која залудно сака да интервенира во реалната перцепција кај работниците и јавното мнение, за улогата и положбата на својот миленик Сојузот на синдикатите на РМ, кој истиот ја има во заштитата на работничките права и интереси. Пред почетокот на применувањето на  К-15 додатокот, очекуваме една сериозна видео и фото сесија на Претседателот на ССМ, Министерот за труд, Премиерот и сите останати инволвирани “фотеља” службеници, каде не би не изненадило  и едно колективно “селфи” - далеку од реалноста и бедата со која секојдневно се соочуваат работниците и армијата невработени во државата, вели Апостолски.
Дополнително Апостолски го отвора и прашањето за примената на ова право,  односно дали истото ке се применува селективно од компанија до компанија, од регион до регион, поучени од тудово-правното, практично (не)применување на Законот за минимална плата, Законот за работни односи, Законот за безбедност и здравје при работа. Сепак, вели оти во блиска иднина не очекува подобрување на материјалната состојба кај работникот, која е детерминирана од оскудните примања, изразени во вид на плата и надоместоци на плата и сметаме дека ке има сериозни недостатоци во примена на правото на К-15.
„Примањата на работникот по сите основи се апсолутно одалечени од износот на потрошувачката кошничка (кој е 30.000 денари), а светлосни години одалечени од едномесечниот приход на сопственикот на највисоката плата во Република Македонија кој изнесува околу 82.000 евра“, вели Апостолски.
Што договорија ССМ и работодавачите? Сојузот на синдикати на Македонија и Организацијата на работодавачи на Македонијана карајот на 2013 година договорија исплата на регрес за годишен одмор на работниците во приватниот сектор од областа на стопанството. Висината на т.н. „К-15“ ќе изнесува најмалку 40 проценти од просечната нето-плата по работник исплатена во последните три месеци.Во Општиот колективен договор е предвидена и можноста на ниво на дејност да се утврди и повисок износ на регрес од оној утврден во општиот колективен договор кој ќе важи од почетокот на 2014 година во следните две години. Претходно, правото на регрес за годишен одмор не беше прецизно уредено. Односно, регресот се утврдуваше со колективен договор на ниво на дејност, а во спротивно ова право остануваше само како право напишано во ОКД, но реално беше неостварливо за голем број работници. Праксата покажа дека во претпријатијата каде не постои синдикално организирање и колективно договарање, работниците не беа во можност да го остварат ова право. С.Н,