Добивај вести на Viber
Македонската економија е „заглавена“ на раст кој е стабилен, но недоволен за да поттикне вистински развој. Растот на БДП од 3,7 отсто во 2015 година не значи речиси ништо за обичниот граѓанин, бидејќи не го чувствува во својот џеб. Стандардот расте споро, а тоа најдобро го покажува таканареченото
Правило 70.
ШТО ЗНАЧИ ПРАВИЛОТО 70?
Правилото 70 е еден од наједноставните и најилустративни начини за пресметка колку време ќе и биде потребно на една вредност за да порасне двојно. Конкретно, во однос на растот на БДП, Правилото 70 гласи:
Ако бројот 70 се подели со стапката на просечниот економски раст на земјата, се добива временскиот период, односно бројот на години, неопходни за двојно зголемување на БДП на земјата.
Ако ова го примениме во пракса, може да се пресмета дека, доколку македонската економија продолжи да расте со ова темпо од 3,7 отсто,
ќе бидат потребни 19 години за двојно зголемување на стандардот на граѓаните. Но, дури и тогаш би биле далеку од просекот во ЕУ, чии жители имаат речиси три пати повисока куповна моќ од Македонците. Доколку домашната економија земе „залет“ и почне да остварува просечен раст од 7 отсто, ќе ни требаат 15-ина години да го достигнеме европскиот стандард, се разбира, ако во исто време ЕУ - членките продолжат да продуцираат умерен раст.
3% ВО МАКЕДОНИЈА И ВО АНГЛИЈА НЕ Е ИСТО
Економистите со став дека актуелните стапки на раст се далеку од посакуваните. Според поранешниот Гувернер на НБРМ, Петар Гошев, за работите да бидат појасни, мора да се направи илсутрација што значи растот од 3 проценти за Македонија, а што за некоја развиена европска економија.
„Истата бројка од 3 отсто, за Македонија значи раст од 120 евра по глава на жител, а за Англија 600 евра по глава на жител. Тоа значи дека апсолутните разлики драматично се зголемуваат. Колку години треба Македонија да има раст за да стигне до 600 долари по жител односно ист пораст како Англија за да не се зголемуваат апсолутните ралики? Тоа се манипулации. Тие бројки не значат ништо.“ – вели Гошев.
Со сличен став е и еконмскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ, според кого, фалбите дека Македонија остварила втор или трет највисок раст во Европа, воопшто „не држат вода“.
„Сосема е нормално Македонија да има повисок раст на БДП од Германија, затоа што Германија е отприлика четири пати поразвиена. Затоа, кога се дава оценка за висината на економскиот раст во Македонија, тој треба да се спореди со растот кој го остваруваат земји на слично ниво на развој. Според податоците на Светска Банка, во Македонија БДП по глава на жител, според куповната моќ, изнесува околу 12.300 американски долари (по цени од 2011 година). Земји со слично ниво на развој се Монголија и Перу (околу 11.400 долари) или Кина и Колумбија (12.600 долари). Во Македонија, во последните 5 години, растот на БДП изнесува 2.4% годишно. Во Колумбија и Перу, тој бил околу 4%. Во Кина 7.5%, во Монголија 10%. Оттука, растот кој ние го остваруваме последниве години никако не може да се нарече висок. Кога ќе имаме просечен раст од барем 4% за период од 5 години, тогаш ќе може да зборуваме за солиден раст.“ - вели Јовановиќ.
М.Т.