28 Март, 2024
0.0236

Празнична продажба

Објавено во: Колумни 08 Март, 2020

Добивај вести на Viber

Не сретнав никаде каков е рејтингот на Празникот на жената во однос на Валентајн или пак денот на вештерките што ги увезовме и се повеќе се одбележуваат кај нас,но останува фактот дека Осми март, како што некои го нарекуваат и комунистички празник, и натаму се слави. А жената и натаму е нерамноправна во сите области на животот споредена со посилниот пол и покрај определбите и гласните заложби за промени, посебно во предизборие.

Ништо не не спречува во деновите на борбата против корона вирусот и затворените граници и одложените туристички тури да  славиме по кафеани со дневни џумбуши и жива музика (со качување по маси и чочек), а има богами и многу куси престои во странство, како кој....така било и веројатно ќе остане уште долго. Но подарувањето цвеќе за празникот никој не го оспорува,барем немам чуено или прочитано такво нешто.....на мајката, сопругата, колешката, саканата,.....

Ми се враќа во сеќавањата еден Осми март од пред многу години. Ние петмина студенти Бато (Миодраг Радоњиќ), Цинцар (Љубодраг Вучиќевиќ), Ќос (Јосиф Ќурчиев), Шилка(Миле Ивановски) и мојата маленкост Бимбо (малото слонче на Јумбо) на една од многубројните средби кај Јоле и Почу решивме своите тенки буџети да ги збогатиме со еднодневна продажба на цвеќе за празникот. Се поврзавме со словенечката фирма „Аграрија“ која се занимава и со таква продажба, газдите на кафеаната ни ветија да ни позајмат маса како пулт, а го избравме и плацот за остварување на замислата-скверот пред Кооператива ,со бавчата на дрвената Македонија како декор и место за краток одмор и закрепнување.Луѓето од фирмата рано изутрината на Осми ни донесоа цвеќиња во енормни количества,потпишавме документ (веќе не се сеќавам кој од името на сите нас).Освен каранфилот и понекое цветче сите останати првпат ги чувме и разбравме од спецификацијата....секогаш има првпат.

И почна бизнисот и многу скромно и не многу охрабрувачки (кој купува цвеќе за Осми Март уште рано претпладне).Јагмата се случи по завршувањето на работното време и попладнето.„Еј па кога дошол Осми март“ се прашува гласно еден офицер и купува саксија и неколку букети и не прашувајќи за цената. На прашањето на една госпоѓа (читај другарка) за цената на еден побогат цветен аранжман сите во еден глас одговараме со различен износ, „нема везе“ таа го купува и заминува задоволна. Имаше и спорен момент - да ти дошол пред Кооператива еден од директорите на набавувачот да провери што се случува и го прашува Ќос за цената на едно цвеќе во саксија-тој од бафтана кажува износ (така му дошло) па едвај се оправдавме (веројатно оправдување беше и сликата на веќе испразнетото плато....Од карши застанаа некои индивидуи со кофа каранфили, ние им ја откупивме целата количина по дампинг цена,а потоа ги продававме каранфилите по повисок износ (целофанот гратис).Од скршените цветови правевме аранжмани во кошнички што ги купувавме од Препород (каква симболика), дури една баба ја предриблавме дека дома може да го пресади набрзина спичканиот цветен производ завиткан со целофан и со машничка одозгора....

Како и да е се излезе како што си замисливме и подобро.Се разделивме откако испивме по пијачка - две у Клуб си ги поделивме заработените банкички и создравје. Ја и Шиле си купивме по еден мантил, тој бел, а ја браон.....Се пукнавме од смеење деновиве со Бато и со Шиле, Цинцар и Ќос ги нема веќе (на оној свет се слави ли Осми март-кој знае)....останува споменот и сеќавањето засекогаш.

Честит меѓународниот ден на жената Осми Март! 


Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?