ПРЕДИЗБОРНИ ИГРИ (НА СРЕЌА)!
Објавено во: Колумни 19 Октомври, 2023
Како непишано правило, речиси пред секои избори, се актуелизира прашањето на игрите на среќа. Постојат дежурни критичари на легалните игри на среќа, кои со наративот дека младите стекнуваат зависност од излозите и рекламите на објектите, ја потхрануваат негативната перцепција на јавноста. Да биде иронијата поголема, таквите „независни активисти“ неретко се луѓе кои имаат искуство со игри на среќа и како разочарани што не ги оствариле своите финансиски планови се најгласно против. Партиите сметајќи дека така ќе освојат повеќе гласови на изборите го држат ова прашање високо на нивните агенди. Да бидам сликовит, партиите се натпреваруваат кои ќе биде порадикален со најголемиот приватен работодавец во државата.
И така постојат засега два популистички концепта. Едниот дека игрите на среќа треба да се дистанцираат на 500 метри, 3 километри, само во хотели со 5 sвезди и другиот концепт, да се затворат целосно. Заедничко за двата концепта е што предизвикуваат иста последица, затворање на легалните игри на среќа и отворање на диви играчници, по подруми како во минатото, без никаква контрола од државата, каде профитот ќе завршува во приватни џебови. Дистанцата е параван за затворањето на објектите, бидејќи истата е неизводлива поради инфраструктурната поставеност на општините. Патем, 10 илјади луѓе ќе останат без работа, 54 илјади до 100 илјади други работни места кои индиректно печалат од игрите на среќа ќе трпат сериозни загуби, а околу 35 илјади луѓе ќе станат кандидати за иселување од Македонија. Ќе се иселат во западните земји каде повторно ќе работат во истиот сектор. А не треба да се оди подалеку, доволно е да се види искуството со Албанија. Забраната на игрите на среќа предизвикала штети по нивниот Буџет затоа што се отвориле играчници на црно. После таквото признание премиерот Еди Рама предложи укинување на забраната. Во Грција беа ограничени игрите на среќа само во хотели. Кога забележаа дека помеѓу 3 до 5 илјади Грци во еден ден играат во казината во Гевгелија, Грчките власти за да спречат одлив на финансии надвор од нивните граници, поставија 36 илјади апарати за игри на среќа во државата.
И никој не си го поставува прашањето, на кој приредувач на игри на среќа му се потребни млади гости? За да го трошат џепарлакот од родителите? Зарем некој верува дека игрите на среќа можат или сакаат од нив економски да опстојуваат? Како што никој не ја отвора дилемата зошто нашите сограѓани (важи и за политичарите) кога ќе отидат на туристичките посети на Монако или Лас Вегас, гордо се фотографираат како гости на нивните казина? Зошто таму е „ин“ да играш игри на среќа, а во Македонија треба да биде „ерес“? Дали во Македонија постои барем еден случај каде некој е присилен, спротивно од неговата волја, да игра игри на среќа? Зошто логиката за предизвикување на зависност од објектите за игри на среќа не важи и за кафулињата, кафеаните и тобаката?
Игрите на среќа во Македонија се легален бизнис, постоечката регулатива е најстрога на Балканскиот Полуостров. Надлежните државни институции вршат перманентна контрола на сите сегменти на функционирањето на објектите. Голем дел од компаниите се претставници на странски капитал, кој доаѓа од ЕУ. За членките на Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа – АПИС не постои записник од надлежни органи каде е констатирано присуство на малолетници во објектите на игри на среќа. Станува збор за општествено одговорни компании кои постојано водат кампања во медиумите за елиминирање на сите евентуални ризици и влијаат за одвраќање на малолетниците од било каков контакт со игрите на среќа. Во објектите постои и дежурен психолог за секој играч кој чувствува дека развива зависност од игрите да побара и добие стручна помош. Дополнително, АПИС спроведе истражување кое утврди дека автомат клубови и казина посетува само 3 проценти од полнолетната популација. Станува збор за традиционални играчи, кои веќе си ја пробувале среќата претходно, најчесто во западните земји.
Најтрагично е што ниту една државна институција не чувствува потреба да заштити 10 илјади вработени во овој економски сектор. Едноставно, кон нив се однесуваат како да се заразни. Не е важно што меѓу нив има и мајки, најчесто на малолетни деца, на кои воопшто не им е сеедно кога слушаат обвинувања дека игрите на среќа се извориште на зло за младината. Како да се пуштени низ вода. А, нивните и судбините на нивните семејства се доведени во прашање. Апсурдот да биде поголем, во исто време кога измените го поминаа првиот Собраниски филтер на Комисијата за европски прашања, Државата носи одлука за капитално учество на Државната лотарија во 3 нови компании кои ќе организираат игри на среќа преку интернет. Е како оди дистанца на објектите заедно со интернет игри на среќа? Не е можно во исто време да се тврди дека учениците се загрозени од близината на објектите, а да се овозможува онлајн игри на среќа кои се целосно достапни од секое место преку мобилните уреди.
Крајно време е да се погледне на вистината во очи. Научно е докажано дека потенцијалната зависност не се стекнува преку очите, туку заради несакани социјални потреси, негативни домашни и семејни околности. Семејството и домашното воспитување се клучниот фактор за здрава и прогресивна младина. Бројот на отворени објекти за игри на среќа е последица на менталитетот и навиките на луѓето од овие простори да си ја искушуваат среќата. Не беше толку одамна кога секојдневно бевме сведоци на игри со ќибритчиња на поранешната калдрма на „Камен мост“ и покер апарати поставени во кафулиња и „флиперници“. Игрите на среќа постојат откако постои цивилизацијата. Само со строга државна контрола оваа економска гранка може си го оправда постоењето.
Политичките партии треба да ја ослободат оваа економска гранка од стегите на дневната политика. Пратениците се избрани меѓу другите да ги претставуваат и овие 10 илјади вработени. Нека соберат храброст и нека ги погледнат во очи. Нека го слушнат нивниот глас. Тие се обични луѓе, не се роботи. Нека се одважат да ги послушаат и да ја прекинат нивната неизвесност и голгота. Нека им кажат дека во услови на инфлација, растечка сиромаштија и ценовни шокови нема да гласаат скандалозни законски измени кои ќе предизвикаат затворање на легалните игри на среќа. Едноставно, партиите треба да стават крај на постојаната негативна кампања која се води против легалните игри на среќа. Затоа што не постои ниту една ЕУ директива која заменува легални со нелегални игри на среќа. Ако може Принцот на Лихтенштајн на референдум да ги брани игрите на среќа во Кнежевството, можат и нашите политичари!
Горан Стоименов, претставник на АПИС
Ставовите изразени во рубриката колумни се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Фактор
Пр објава
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.