31 Март, 2020
0.0226

Предизборни математики и комбинаторики

Објавено во: Колумни 21 Февруари, 2020

Нормално, како пред секој предизборен циркус во Македонија, и власта и опозицијата најавуваат „ голема победа, победа за Македонија“. Освен  во случаите каде што опозицијата била свесна дека  сигурно ќе ги загуби изборите и како јамп во најава, предизвикува бојкот и несоочување на изборен мегдан. За наша среќа, најава за бојкот нема, а со тоа се очекува дека изборните резултати ќе бидат прифатени и нивниот легалитет и легитимитет нема да биде постизборно оспоруван. Сепак  ако се исцртаат контурите на двете политички коалиции, ќе се види дека и владејачката коалиција и  опозицискиот блок влегуваат со свои предности и маани, во однос на претходните избори. Прво  Социјалдемократскиот сојуз на Македонија после 14 години, за прв пат настапува на едни парламентарни избори од позиција на власт, но кога станува збор за оваа партија, тоа и не мора да значи „ предност  три  од карти“, бидејќи СДСМ многу лесно ги губела изборите од позиција на власт ( 1998 и 2006).

Што може да очекува СДСМ?

Всушност владејачката партија, ги добивала парламентарните  избори после голем политичко-општествен турнус и потрес ( воената 2001 и „ бомбашката криза “ од 2015, со нагласување дека на  последните избори СДСМ не беше победник, но сепак формираше влада, поради внатрешнополитичките и надворешните геополитички интереси и околности). СДСМ секогаш имала помало традиционално гласачко тело, за разлика од ВМРО-ДПМНЕ, и секогаш доаѓала на власт  кога стотици илјади неопределени ќе застанале на нејзината страна ( политичката елиминација на Љубчо Георгиевски и падот на Никола Груевски). Во пресрет на овие избори, што е поволно за СДСМ, а што оди на нејзина штета? Единствените две работи кои носат, не било каква предност на владејачката партија во однос на ВМРО-ДПМНЕ се: поголемиот коалициски потенцијал и резервоар на гласови ( партиите на етничките заедници, како и ДОМ, ДС, О за М, Достоинство , кои  се новите „ лојални“ коалиционери на оваа партија,и какви и да се, носат додадена гласачка вредност на коалицискиот резултат), и второ гласачкиот потенцијал кај етничките Албанци, кој  СДСМ ќе го задржи, но не во толкава мера како 2016- тата  година. Од  друга страна пак, аферата „ Рекет“, пропаста на СЈО, неисполнување на паролите на „ Шарената револуција“, непотистичките и корупциски скандали, ќе бидат камен околу вратот на оваа  владејачка коалиција, и ќе видиме колкава штета ќе предизвикаат во однос на неопределените гласачи кои на минатите избори гласале за СДСМ, дали овој пат, исто така би ја дале својата доверба.

Кои се адутите на ВМРО-ДПМНЕ?

Што може ВМРО-ДПМНЕ да очекува на овие избори? Како секоја опозициска партија, може да се надева на контингент на разочарани гласачи од неиполнетите ветувања на актуелната владејачка партија, но дали тие ќе бидат доволни за победа и резултатски пресврт? Како што предност за СДСМ е коалицискиот капацитет, за ВМРО-ДПМНЕ, тоа може да биде хендикеп, особено што неколку помали новоформирани партии од центар- десно ориентацијата како ГДУ на Петар Колев, Глас за Македонија на Солза Грчева, Интегра на Љупчо Ристовски, веројатно ќе настапат самостојно, и ќе откинат неколку илјади десничарски гласови. Тоа не е за потценување, бидејќи добро ја  помниме 2016 та година, кога  разликата беше многу тесна , т.е околу 17.000 гласа во корист на ВМРО-ДПМНЕ. Исто така, ВМРО-ДПМНЕ се уште е перцепирана за партија која  е анатемизирана кај албанското гласачко тело, и  би имала можеби сериозен  проблем ,  доколку  биде победничка  да направи коалициска влада  со партија/ партии од етничкиот албански опозициски блок. Тој  политички  од  „ ние сме за НАТО и ЕУ “ , ама сме против „ капитулантскиот Преспански  договор“, исто така е опасен во постизборните комбинаторики, бидејќи секое официјално непочитување или прекршување на Договорот, ќе ги загрози позициите за отпочнување на преговорите со ЕУ, ќе ги разбранува националистичките духови во Атина и Софија, и сите американски обиди за „ стабилизација на овој дел од регионот“, можат повторно да се изјаловат. Така што , тешко дека „ стратешките пријатели “ од Вашингтон, кога после скоро три децении нерешливост го затворија „ прашањето за името“ , би дозволиле одново некоја политичка сила да го искомплицира решението, и одново со години, па и децении да си имаат проблем со малата  Македонија во овој дел од Европа.

Народот повторно ќе биде изневерен!

Геополитиката е таква, сурова, со интереси, без минимум принципи. Подобро да ја разберете и да се вклопите во тие интереси, а ако не сакате ви преостанува да се жалите единствено како Палестинците, или Курдите на пример.  Веројатно најголема, непозната во изборната равенка е резултатот во т.н албански политички блок. Има некои неофицијални најави за предизборна коалиција на Алијансата за Албанците, БЕСА и Алтернатива, и по сите анкети, само ваква трипартитна коалиција може да го загрози ДУИ. Од друга страна, има најави за коалиција единствено на Алијанса за Албанците со Алтернатива, а БЕСА и ДПА да одат во друга посебна, и трето, ДПА да оди во предизборна коалиција со СДСМ. Дури не ги видиме конечните предизборни прегрупирања во овој блок, би било тешко од оваа дистанца да го предвидиме резултатот кај Албанците, но едно е сигурно: во постиизборието, голема е веројатноста  да треба  две  етничко албански политички партии да направат коалиција со македонскиот етнички коалициски блок, бидејќи на овие избори, дисперзијата на албанските гласови ќе биде еднаква, или уште поголема од последните избори во 2016 та година. Македонија буквално, секоја година оди на избори ( парламентарни, локални, претседателски).  Во предизборниот  период, политичката проституција е пуштена на најјако, политичкиот карван си врви , кучињата ( голиот народ) по него лаат. Триесет години се повторува истата слика. Прашање е дали во наредните триесет ќе останат „ голи кучиња“ да лаат по карваните. 

Благојче Атанасовски - политиколог

Можеби ќе ве интересира

Образованието во доба на корона (дел втори)

Образованието во доба на корона (дел втори)

Тарзан фризура

Тарзан фризура

Европски и економски перспективи на Македонија во време на Корона!

Европски и економски перспективи на Македонија во време на Корона!

Факторингот како инструмент за финансирање на меѓународната трговија

Факторингот како инструмент за финансирање на меѓународната трговија

Европски и економски перспективи на Македонија во време на Корона!

Европски и економски перспективи на Македонија во време на Корона!

Образованието во доба на Корона (дел први)

Образованието во доба на Корона (дел први)

Економијата и етиката

Економијата и етиката

Од Цаци си страдаме

Од Цаци си страдаме

Букет

Букет