Добивај вести на Viber
Трката за Ректор на најголемиот и најстариот Универзитет во земјата –УКИМ предизвика реакции кај студентите и академската јавност. Тие очекуваат од идниот ректор да не ги повтори грешките на својот претходник, кој како што велат молчеше пред проблемите за кои јавно израеното незадоволство од лошо спроведените реформи се прелеа на улица. Педизвикот велат е голем бидејќи наспроти себе идниот прв човек на универзитетот ќе има охрабрена студентска младина и разбудена академска заедница.
Идниот Ректот не би смеел повеќе да дозволи ниту една буква во Законот за високо образование да биде променета без да бидат консултирани професорите и студентите, ниту еден упад од страна на Владата посебно на просторот на Универзитетот да биде толериран и најостро треба да реагира против подмолни подметнувања од власта особено кога се работи за финансиите на УКИМ и кадарот- вели за Фактор,
Ивана Туфекџиќ која беше дел од работните групи на преговорите меѓу студентите и универзитетот. Недопустиво е според неа Ректорот да молчи кога власта интервенира во вработувања и кадровски решенија. Па затоа предизвикот е голем на тој тренд како во во општеството, но најпрвин на универзитетот да му се стави крај.
“Несомнено е дека првиот и бескомпромисен предизвик е АВТОНОМИЈАТА НА УНИВЕРЗИТЕТОТ. Имено оваа власт успеа од 2008 до 2016 година преку Законот за високо образование да ја погреба автономијата на универзитетот. 16 пати менуваниот Закон без никаков концепт и анализа со секој пат премостувањето на по една црвена линија и длабокото навлегување и одземање на автономијата ги извади студентите и професорите на улица и ги натера да речат ДОСТА! Сепак и покрај макотрпни преговори меѓу работната група на УКИМ и Владата и постигнувањето на договор дека ни е нужен нов закон тие пронаоѓаа секој пат нови начини за упаѓање во истата. Барокот на УКИМ, испраќањето на полиција во Кампусот без дозвола на Ректорот, да не говорам за односот на власта кон студентите кои протестираат и кои се тепани од полицијата зашто учеле после 23 часот. Ова беа упади на кои УКИМ премолчуваше, иако студентите и дел од професорите се обидуваа да бидат гласни”- вели Туфекџиќ.
Дополнителен проблем вели е предлог-законот за отварањето на нов Универзитет “Дамјан Груев” кој е веќе во постапка во Собранието, иако за истиот нема ниту финансии, ниту образложение за потребата, ниту детална и издржана анализа, освен тоа дека би требало да го замени УКИМ. Иако засега копјата се кршат во Собранието, а предлог –законот е заглавен на матичната комисија, според Туфекџиќ ова прашање не смее да биде премолчено. Не како што вели заради угледот на УКИМ, туку токму поради барањето за квалитетно високо образование.
“Истакнувано беше секој пат дека квалитетно високо образование се гради стратешки, со анализи, но и со многу посериозни финансии, најмногу за научно истражувачката работа. Квантитетот на универзитети не е никакво решение. Новиот ректор на УКИМ не навлегувајќи намерно во дебатата на персонализација на истиот туку на функцијата РЕКТОР навистина го очекуваат сериозни и тешки предизвици со кои ќе мора да се соочи-додава Туфекџиќ.
Алармот кај студентите кој го разбуди гневот и незадоволството беше ИСТЕЧЕНИОТ МАНДАТ НА СТУДЕНТСКИТЕ ПРЕТСТАВНИЦИ. СПУКМ за нив нема легалитет и легитимитет за претставување на студентите во органите на управување на Универзитетот бидејќи нивниот мандат е веќе две години истечен.
“Покрај нашето алармирање и борба не беше сторено ништо, што сега може да предизвика проблем во изборот на Ректор. Неприфатливо е да студентска организација која е предвидена во ЗВО и Статут на УКИМ има статус на невладина организација како и секоја друга НВО во државата и притоа истата да е единствен претставник на студентите во органите на управување. Тука е нужна промена во Статутот на УКИМ каде оваа студентска организација ќе биде предвидена како студентско независно тело ПРИ УНИВЕРЗИТЕТОТ, каде што и припаѓа. Освен тоа, сега постојат наводи дека Претседателот на СПУКМ, Кирил Спироски ги променил 10-те студентски претставници во Универзитетскиот Сенат. И навистина, барам јавно да одговори во интерес на сите студенти дали ги променил студентските претставници без избори, на кој начин и кој сега ги претставува студентите во Универзитетскиот Сенат и ќе го изгласа нивниот ректор? Исто така одлично би било доколку Спироски се одважи и го покаже барањето од студенти, поради кое тврди дека останал како В.Д Претседател поради истечениот мандат”- потенцира Туфекџиќ.
Нетранспарентноста и тајните игри во работата на студентската организација која се нарекува репрезентативен претставник на студентите на УКИМ, според неа е доволен повод за самите студенти да инсистираат на одговори бидејќи тие треба и мора да знаат кој ги троши нивните пари и какви одлуки носи во нивно име.
Оттука Туфекџиќ порачува дека иако општествено –политичката состојба го стави образовниот процес во втор план, сега сепак е шансата тоа да се промени, да се затвори кругот на како што вели незнајни претставници, на нелегитимни Претседатели, на криење на финансиски извештаи од студентската јавност, бидејќи демократизација на студентското организирање и тоа онаа вистинската, не хартиената, е и повеќе од неопходна.
С.Б.