Добивај вести на Viber
Иако е бессмислено споредувањето на состојби во САД и Македонија, ситуацијата околу донесувањето на буџетите за наредната година во двете земји е речиси идентична во однос на последиците доколку позицијата и опозицијата не се договорат да ги донесат до крајот на годинава. Во САД автоматски ќе дојде до пораст на даноците и до кастрење на јавната потрошувачка, што значи дека нема да остане никој (фирми, поединци, институции) кој нема да биде погоден од неуспехот во преговорите. Во Македонија, исто така, неблаговременото донесување на буџетот ќе има многу негативни последици врз сите слоеви на населението, вклучувајќи го и бизнисот. Од овој аспект гледано, се‘ говори во прилог на тоа дека е неопходно да се вложат сериозни напори властите и опозицијата да постигнат договор и да се избегнат несаканите последици.
Демократите на актуелниот претседател Обама инсистираат на спроведување на политиката на намалување на буџетскиот дефицит и јавниот долг. Во исто време се залагаат за зголемување и на даноците на богатите Американци како и за зголемување на јавната потрошувачка, иако допуштаат извесно забавување на динамиката во однос на ветувањата дадени во предизборната кампања. Републиканците, пак, сметаат дека зголемувањето на даноците не е потребно и дека тоа може да ги демотивира богатите да инвестираат и да се намалува невработеноста. Тие предлагаат и сериозни кастрења на јавната потрошувачка (здравство и здравствена заштита, социјална грижа за населението на кое му е потребна). Во меѓувреме „пазарењето“ продолжува и не е извесно како ќе заврши. Се предвидува дека во последен момент ќе се најде решение за да се избегнат неповолните последици од автоматското зголемување на даноците и кастрење на потрошувачката, бидејќи и од едното и од другото последици ќе трпат приврзаници и на едната и на другата партија.
Буџетскиот судир во Македонија е еден чекор понапред до решавање. На прв поглед неразумното блокирање на благовременото донесување на буџетот на земјата за наредната година со поднесување на повеќе од 1.000 амандмани во саботата доби разумна разврска. Опозицијата даде предлог кој, доколку би се усвоил, амандманите би се повлекле, а буџетот би бил донесен на време, без опасност да се загрози извршувањето на виталните функции на државата. Со него би се заштедиле околу 205 милиони евра, а „жртва“ би биле владините реклами, економските промоции, фонтани и споменици, нови објекти од „Скопје 2014“, нов мебел , нови возила и нови згради за владата и министерствата. Не се задира, значи, во предлозите на владата за зголемување на пензиите, на платите во администрацијата, за субвенциите за земјоделците, за трансферите кон сите социјални категории на граѓани. Во истовреме, со тоа, и опозицијата се приклонува кон остварувањето на интересите на потенцијалните гласачи, наспроти критиките од власта дека опозицијата е против земјоделците, пензионерите, социјалците итн.
Од овој аспект гледано предлогот е достоен за разгледување за да се избегне буџетската криза и последиците од неа. Како што се претставени рестрикциите во потрошувачката-„жртвите “ се минимални, а користа значајна. Се разбира, доколку во споменатите ставки се предвидени толку средства колку што се очекува да се заштедат. За ова вреди да се отвори „пазарење“. Секоја можност за заштедување на било кои пари од непродуктивна потрошувачка треба да се искористи. Не треба да е проблем кастрењето на потрошувачка која може да се одложи една година, а притоа да не се загрози остварувањето на работните задачи на вработените во администрацијата и јавните институции.
Впрочем, лесно е да се троши кога ќе има. Проблемот е сега, кога неизвесноста е голема и не се знае дали денес планираните средства, што треба да се заработат утре, ќе бидат доволни да се задоволат буџетските потреби за плати, пензии, социјални трансвери до капитални инвестиции. Посебно доколку се има во предвид фактот дека веќе сме на прагод да ја поминеме црвената линија на дозволено задолжување. Значи ако се согласуваме дека буџетот има силна рефлексија врз економијата, а и економијата силно влијае врз буџетот треба да се прифати дека, во година на забавени стопански активности, е разумно да се преиспита непродуктивната потрошувачка, а секоја заштеда е корисна за јакнење на производната потрошувачка. Во овој контекст не треба да ги потценуваме предупредувањата од меѓународните финансиски институции, преку странските инсвеститори па се‘ до домашните бизнисмени, дека 2013 ќе биде една од потешките во последните 5-6 години. Секоја заштеда од потрошувачка која може да се одложи е добродојдена. Ова не е во спротивност со концепцијата при стагнантни и рецесивни движења да се поттикнува потрошувачката, зашто ставот се однесува пред се‘ на производната потрошувачка. Оттука, мислам дека нема да биде ниту навреда, ниту губење на политички поени, ниту повреда на суета, доколку се разгледа предлогот на опозицијата. Таквиот чекор ќе значи обезбедување простор за аргументирана дискусија, повлекување на амандманите и обезбедување на постапка за донесување на буџетот за наредната година.
Д-р Крсте Шајноски
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.