28 Ноември, 2024
0.7922

Препораки за јавниот долг: зошто ниско задолжената Македонија, всушност треба да е загрижена?

Објавено во: Анализа 29 Јуни, 2013

Добивај вести на Viber

Изминативе недели откако долгот на Централна влада достигна највисоко ниво во последниве 7 години надминуваји 34 % од БДП многу светски институции и домашни експерти искажаа загриженост за трендот на пораст на јавиот долг. Некои пак останаа на своето стојалиште дека Македонија и натаму е ниско задолжена земја. ММФ Нивото на задолженост на Македонија се најде и во најновиот Извештај на Меѓународниот монетарен фонд, со препорака да се намали примарниот буџетски дефицит за 1,6% и да забави темпото на задолжувања. Она на што упати ММФ е усвојување на Среднорочна Фискална Стратегија, како клучен документ за проектирање и водење на фискалните политики. “Таа стратегија треба да биде компромис помеѓу потребата за зголемен раст од една страна, и обезбедување фискална одржливост и одржливост на долгот, со потреба за намалување на задолженоста и буџетскиот дефицит со тек на време“ – се посочува во Извештајот на ММФ.

Петар Гошев

Неодамна, за “Фактор“, еден од поранешните Министри за финасии и екс-гувернер Петар Гошев изјави дека и сегашните бројки за задолженоста не ја отсликуваат реалната состојба.

“Не верувам во бројките на Владата која е крајно нетранспарентна кога станува забор за објавување на податоците за Вкупниот Јавен Долг. И натаму не знеме колку тој изнесува и по кој основ се задолжувањата ниту пак се дозволува на контролните институции да направат скенирање. Централното прашање е зошто не се објавува податокот за Вкупниот Јавен Долг, кој ги вклучува и долговите на општините и на јавните претпријатија. “ – изјави поранешниот гувернер Гошев

Марјан Николов - Центар за економски анализи Дел од економисите веќе алармираа дека целосно е искористен фискалниот просторо за натамошни задолжувања, а доколку ги има тие би биле по “повисока“ цена, особено откако кредитната агенција “Стандард и Пурс“ го намали рејтингот на ББ-. “Според мое мислење фискалниот простор за натамошни задолжувања е потрошен.Сегашното ниво на задолженост ќе влијае врз “цената“ на сите евентуални натамошни задолжувања. Кога се одредува каматата на задолжувањата, за кредиторите е исклучително важно нивото на задолженост на една земја“ – изјави за “Фактор“ Марјан Николов од Центарот за економски анализи. Глобален часовник Според априлските мерења објавени во рамките на “Глобалниот часовник за јавен долг на магазинот ’Економист“ – Македонија е во групата на ниско задолжени земји.

“Македонија во овој момент е задолжена за 2,7 милијарди долари или 26,3 отсто од Бруто домашниот производ што од прилика изнесува 9,8 милијарди долари. Во 2012 година долгот изнесуваше 27,8 отсто од БДП, или 1,5 отсто повеќе од годинава.“ – се посочува во Извештајот во кој се оценува дека според овие параметри нашата земја спаѓа во категоријата на најниско задолжени земји и е најмалку задолжена во споредба со земјите од регионот.

Европска комисија

И во својот последен Извештај, Европската комисија посочи дека и годинава ќе продолжи темпото на пораст на јавниот долг. Според проценките на ЕУ, годинава ќе ја завршиме со јавен долг од  34,3%, а во 2014 тој ќе се искачи на 36,1% од БДП. Еврокомесарот Оли Рен неодамна изјави дека македонската економија покажува знаци на опоравување, но дека опасност за економиите ќе бидат токму задолжувањата.

“Македонија покажува знаци на силна економска состојба и одржливост, што не може да се каже за самата ЕУ, за еврозоната и за поголем број од земјите-членки на големото европско друштво. Она што не загрижува е податокот што јавниот долг продолжува да расте и во ЕУ. Годинава е прогнозиран на 89,9% од БДП, додека во еврозоната на 95,9%, иако максимум дозволено е 60% од БДП. А, долгот во некои земји е неодржлив “ – заклучи еврокомесарот Оли Рен по повод економска прогноза на Комисијата.

Податоците на домашен терен покажуваат натамошен раст на јавниот долг на централна Влада, кој по априлските 34,1 % достигна ново највисоко ниво од 34,2 % од БДП.

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.