23 Јуни, 2024
0.0243

Преведените книги од владиниот проект ќе ја нарушат автономијата на универзитетите?!

Објавено во: Анализа 09 Март, 2014

Добивај вести на Viber

Законската обврска за задолжително користење на литературата од владиниот проект „Превод на илјада учебници од кои се учи на светските универзитети” предизвика различни ставови во академската заедница. Дел од професорите не сакаат јавно да зборуваат дали овие законски измени ќе бидат на штета или од корист, како за студентите така и за професорите и дали истите ќе помогнат или одмогнат во реализирањето на предавањата, но дел пак од нив отворено зборуваат за последиците од законските измени. Според универзитетскиот професор и поранешен министер за образование и наука Ненад Новковски ова создава нова обврска во списокот на литературата да се стават книги кои што биле преведени по програмата на Владата, а тоа, според него, има голем број лоши страни кои директно ќе влијаат на образовниот процес и ќе ја нарушат универзитетската автономија.
„Kако прво, се повредува автономијата онака како што се подразбира во современите меѓународни дефиниции, но и со конкретните дефиниции од нашиот закон. Имено, во Член 12 алинеа 5 стои: Слобода на избор на студиските програми и содржината на одделните предмети, како и подготвување на учебници и други учебни помагала. Со новиот член јасно е повредена вака дефинираната автономија! Покрај тоа, има и практични недостатоци - книгите што се преведени во голем дел се со сериозни грешки, без проверка од професорите кои што предаваат материја од тоа подрачје и се најупатени во проблематиката. Со тоа се загрозува и македонската научна терминологија која што е клучен дел на националниот идентититет. Повеќе нации можат да користат ист јазик, но да се разликуваат по терминологијата”,  вели универзитетскиот професор Ненад Новковски.
Според професорката Билјана Секуловска-Габер од Економскиот факултет во Скопје, недопустливо е со законски акт да се регулира дел од материјата  која што е во исклучива надлежност на факултетите. т.е на Универзитетот, па оттаму истото претставува директен упад во нивната автономија.
„Можам само да го изразам моето длабоко разочарување што повторно и повторно во недоглед, се оди кон распарчување на на автономијата на Универзитетот. Сосема друго прашање е на каков начин е дојдено до “фамозните” преводи  и каков е нивниот квалитет. Оттаму погрешно е што во моментов, оние кои се обидуват да го одбранат проектот, фокусот го ставаат на квалитетот  на споменатите преводи, па дури и влегуваат во дискусии поврзани со тоа како и одделни професори “кумувале”  во целиот процес. Значи најмалку се работи дали преводите се добри или лоши, туку се работи за ноторен факт дека е извршено најгрубо кршење на со УСТАВ загарантираната  универзитетска автономија”, вели Секуловска-Габер.
 Книгите се вредни и ќе останат за следните генерации! Агендата на Владата која упатува на користење на оваа литература за која се вложени многу финансиски средства е позитивно решение за современото  образование-смета  професорот по уставно-политички систем  Осман Кадриу од Правниот факултет при државниот Тетовски Универзитет.
Книгите се вредни и остануваат и за следните 100 години. Тие  се најзначајниот извор на студирање. Со задолжителната литература не се доведува во прашање  автономијата на Универзитетот ниту истата се нарушува. Што се однесува до преводите, не сум успеал да ги видам сите книги, но знам дека има одреден проблем околу терминологијата или суровиот превод. Треба убаво да се проверат и да се отстрани оваа слабост. Тоа битно би влијаело на темите кои се преведени, но од друга страна, преводот во науката е тешка дисциплина на која треба да се работи, бидејќи е факт дека не е целосно успешен проект кој ги има овие слабости. Но, тоа не е причина да се откажеме од овие дела”,вели професорот Осман Кадриу.
Oд Mинистерствотo  за образование и наука велат дека употребата на преведените учебници во факултетската настава ќе ги подигне критериумите и квалитетот на образованието. Забелешките околу преводите и евентуални грешки, порачуваат од ресорното министерство,  можат  веднаш да се пријават кај нив. Со новите законски измени се предвидуваат глоби за професорите и академските институции кои во студиската програма нема да ги вклучат книгите од проектот „Превод на илјада учебници од светските најреномирани универзитети”. Казните се движат од 1000 до 35 илјади евра. Неодамна, уставните судии одлучија дека Законот за високото образование  не ја загрозува универзитетската автономија, што е оценка наспроти поднесувањето на повеќе иницијативи на професорите и сенаторите на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ кои оспоруваа 19 одредби од Законот за високо образование, два правилника и една уредба на Владата. Б.С.

Можеби ќе ве интересира

ЕВЕ КОЛКУ ТРЕБА ДА ВАЖАТ ВАШИТЕ ПАСОШИ ПРЕД ДА ПАТУВАТЕ: Нема да можете да влезете во овие земји ако не ги запазите датумите

ЕВЕ КОЛКУ ТРЕБА ДА ВАЖАТ ВАШИТЕ ПАСОШИ ПРЕД ДА ПАТУВАТЕ: Нема да можете да влезете во овие земји ако не ги запазите датумите