29 Септември, 2024
0.0236

Приходите на „Макпетрол“ на домашен пазар паднаа за 8 милиони евра!

Објавено во: Анализа 18 Август, 2014

Добивај вести на Viber

Компанијата книжи загуба од 106 милиони денари за првите шест месеци во кои податоците покажуваат дека менаџерите многу повеќе внимание посветиле на кратење на расходите кои се намалени за 457 милиони денари во споредба со лани „Макпетрол“, најголемата македонска компанија за продажба на мало на нафтени деривати, во првите шест месеци изгубила 5 отсто од пазарот што во пари значи помали приходи за 490 милиони денари (7,95 милиони евра) во споредба со истиот период лани, покажуваат неревидираните неконсолидирани биланси што ги објави таа компанија. Податоците покажуваат дека менаџментот на компанијата во овој период целосно се фокусирал на кратење на трошоците во најголемата расходна ставка „набавна вредност на трговски стоки“. Во првото полугодие таа изнесува 8,85 милијарди денари, а истиот период лани била 9,36 милијарди денари. Значи дека била намалена за 510 милиони денари (8,28 милиони евра). Оваа реакција на менаџментот дава за право да се изведе заклучок дека компанијата води дефанзивна деловна политика, дека нема тактики и стратегија да го задржува или зголемува пазарното учество затоа што на конкурентите им оставила 8 милиони евра кои ги имала во истиот период лани. Прашање е какви резултати можат да се очекуваат во среднорочна перспектива ако главна мерка е да се кратат трошоците и тоа во делот на набавната вредност на стоки. Дали тоа значи дека се набавуваат деривати во помал обем? Дали тоа значи дека не се чува залиха? Доколку се прави оптимизација на тие процеси тогаш зошто се зголемуваат трошоците за вработените? Дали е тоа популизам за „мир во куќа“ во која најбројни се токму малите акционери? Каква е логиката на кастрење на трошоците во најголемата ставка – набавка на трговски стоки кога речиси сите други помали расходни ставки покажуваат повисоки трошоци од работењето во истиот период лани? На сите овие прашања одговори треба да побараат малите надворешни и внатрешни акционери во „Макпетрол“. Секако и инвеститорите кои тргуваат со таа акција на Македонската берза. Позитивно кај приходната страна е само тоа што „Макпетрол“ за 31 отсто ги зголемил приходите од продажба надвор од земјава, но тие 70 милиони денари раст се само капка во морето. Вкупните приходи од продажба на „Макпетрол“ годинава се 9,74 милијарди денари и се пониски за 388 милиони денари (над 6,3 милиони евра) во споредба со истиот период лани. Компанијата во првите шест месеци има загуба од работење во износ од 51,8 милиони денари. Во тој период финансиските приходи се 31,7 милиони денари, но се за 54,2 милиони денари пониски од финанските расходи што компанијата ги има за камати и за курсни разлики. Епилогот е загуба од 110 милиони денари што е речиси на половина од загубата што компанијата ја имаше минатата година во истиот период. Анализата на билансот на состојба сепак укажува дека постои и простор за оптимизам. Имено „Макпетрол“ во овој период ги намалил своите побарувања од купувачи за 292 милиони денари во споредба со истиот период лани и тие изнесуваат 888 милиони денари. Ова можеби и значи отпис на некои побарувања, но можеби и значи наплата на некои долгови. Намалување има и кај ставката останати побарувања и тоа за 85 милиони денари односно за 44 отсто. Салдото на тековни обврски покажува намалување на вредностите за повеќе од 10 милиони евра во споредба со истиот период лани. Сега тековните обврски на „Макпетрол“ изнесуваат 4,76 милијарди денари и се пониски за 12 отсто од истиот период лани. Р.Ф.