28 Септември, 2024
0.3066

Македонска ТВ реалност: Шест часа турски и индиски серии наспроти два часа вести, секој ден!

Објавено во: Анализа 05 Јуни, 2014

Добивај вести на Viber

Ова се податоци од Државниот завод за статистика и се однесуваат за деветте приватни телевизии со национална концесија

Приватните телевизии со национална концесија лани емитувале просечно дневно по шест часа играна програма од која најголем дел се серии, потврдија официјалните податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС) за минатата година, објавени деновиве. Според податоците на статистичкото истражување деветте приватни телевизии со национална концесија на своите гледачи просечно секојдневно емитувале по 21,5 часови програма. Деветте телевизии минатата година емитувале 70.592 часа програма односно 7843,5 часа просечно секоја од телевизиите со национална комцесија.

Дури 27, 5 отсто од целото време додека емитуваат програма приватните национални телевизии емитуваат играна програма, а најголем дел во таа програма се серии од турска, индиска или екс-југословенска продукција. Лани сите девет телевизии емитувале 19.439 часа играна програма.

Два часа вести

Секојдневно на понудата на приватните национални канали има по 2 часа вести, пресметале стручните лица од ДЗС. Во иста мера е застапеноста и на забавната програма на нивните репертоари. Според статистичарите, на вести лани телевизиите потрошиле 6.661 час од програмата, а на забавна програма 6.703 часа.

Многу застапена е и програмата што се препознава под статистичката ставка „информативна програма“- вкупно лани 7.325 часа или просечно на репертоарот на националните ТВ станици по 2,2 часа секојдневно.

Потоа следува информативно-забавната програма со продукција од 6.120 часа (овде најголемо значење имаат контактните утрински емисии) кои во дневниот просечен скор учествуваат со 1,9 часа.

Реклами по 1,6 часа на ден

Деветте национални лани емитувале 5.330 часа реклами – основниот извор на приходи на нивна егзистенција. Просечно дневно по 1,6 часа рекламен простор за секоја од националните телевизии односно 7,55 отсто од емитуваните содржини на годишно ниво кумулативно кај сите телевизии.

Документарци по 1,7 часа на ден

На документарна програма лани отпаднале 7,9 отсто од програмата односно вкупно 5.600 часа. Просечно дневно на репертоарот на овие телевизии за документарци биле резервирани 1,7 часа.

Половина час спорт

Спортската програма иако во светски рамки носи многу публика во Македонија не е приоритетна. Податоците се поразителни: во целата програма спортот на приватните телевизии завзема само нешто повеќе од половина час просечно дневно. Односно во цела 2013 година вкупно 1.911 часа спортска програма.

Повеќе податоци можат да се најдат на следниот ЛИНК

Р.Ф.