29 Септември, 2024
0.0234

Продажбата на „Скопски пазар“ падна за 1,8 милиони евра, пазарното учество се намали за 10 отсто

Објавено во: Анализа 08 Ноември, 2014

Добивај вести на Viber

Оперативните расходи во периодот јануари-септември се поголеми од приходите од продажба. Компанијата е во добивка зашто генерира солиден приход во ставката „останати оперативни приходи. „Скопски пазар“ изгубил 10 отсто од своето пазарно учество во првите девет месеци годинава во споредба со истиот период лани, покажуваат податоците за продажба објавени во билансот на успех за првите девет месеци годинава објавени на интернет страницата на Македонската берза за хартии од вредност. Податоците покажуваат дека приходите од продажба паднале за 111,4 милиони денари (1,8 милиони евра) во споредба со првите девет месеци лани. Лани приходот од продажба, што е основна дејност на оваа компанија за малопродажба и закуп, изнесувал 1,07 милијарди денари, а годинава е 958,9 милиони денари. Од друга страна споредбата на перформансите за последниот квартал јули-септември покажува раст на приходите од продажба за 309,7 милиони денари од нивото 649,2 милиони денари реализација на крајот на јуни годинава. Тоа е раст за 47,7 отсто и остава впечаток дека развојот на настаните е позитивен во однос на реализацијата во првите шест месеци. Но споредбата на овие параметри со оперативните расходи покажува дека сепак приходите од продажба се пониски од трошоците. Така во периодот јули-септември на приходи од продажба во износ од 309,7 милиони денари, оперативните расходи пораснале за 325,1 милиони денари. Споредба на шестмесечните податоци (јануари – јуни) ја покажува истата тенденција. Расходите од оперативно работење изнесуваат 672,7 милиони денари, а приходите од продажба изнесуваат 649,2 милиони денари. Овие податоци покажуваат дека компанијата во својата основна дејност – малопродажбите има дебаланс и дека го губи пазарното учество. Од достапните податоци анализата на ведува на заклучок дека менаџментот на компанијата прави напори за рационализација и за оптимизација на работењето со тоа што ги намалува трошоците за набавна вредност на трговски стоки кои се продаваат на продажните места односно маркетите на „Скопски пазар“. Набавката вредност на трговските стоки во првите девет месеци годинава е 632,9 милиони денари и е за 12 отсто односно за 83,3 милиони денари пониска од нивната вредност во периодот јануари – септември лани. Трошоците за вработените кои се втора по големина ставка се речиси на исто ниво како и лани и тука не се реализирани кратења. Но и покрај напорите за оптимизација преку менаџирање на залихите на продукти во малопродажба, засега очигледно е дека компанијата и покрај тоа што го намалува своето пазарно учество не може во доволна мерка да ги скрати трошоците од работењето за да може од основната дејност да биде макар и на позитивна нула! Податоците од билансот покажуваат дека ставката „останати оперативни приходи“ и изворот што го држи во позитива работењето на „Скопски пазар“ и од таму се генерираат средства кои го покриваат оперативното работење на компанијата и овозможуваат таа да работи со добивка. За првите девет месеци годинава приходите од таа ставка се 121,77 милиони денари (околу 2 милиони евра) и со нив се покрива оперативното работење за да може компанијата да биде во позитива. Импресивен е растот на оваа ставка особено во периодот јули-септември. Изнесува 59,4 милиони денари (безмалку 1 милион евра) и е на ниво од приходите по овој основ што се реализирале за двојно подолг период односно во првите шест месеци на оваа година и изнесуваат 62,4 милиони денари (малку над 1 милион евра). Токму овој извор на приходи овозможува „Скопски пазар“ првите девет месеци на годинава да ги заврши со добивка од 40,4 милиони денари што е 18 отсто повеќе од нето добивката што компанијата ја имала во истиот период лани. Без разлика на финансиските резултати на „Скопски пазар“ акцијата на компанија е на годишно највисоко ниво во актуелниов период и бележи неверојатен раст поголем од 300 отсто во период од една година. Во недостиг на официјални информации за растот на цената и покрај ваквите финансиски резултати се шпекулира дека еден од двајцата најголеми акционери успева да ја зголемува пазарната цена на таа акција, но тоа е информација што не е потврдена. Според актуелниот нето износ на добивка секоја акција носи добивка од 472 денари. Книговодствената вредност на таа акција, според евиденцијата достапна на интернет страницата на Македонската берза, е 8.743 денари за акција, а последната пазарна цена постигната на берзата е 9.250 денари. Р.Ф.