Проектот „Иловица“ може да се следи преку информативен центар
Објавено во: Мои пари 06 Февруари, 2013
Канадската компанија за истражување и развој „Еуромакс Ресорсис“ отвори информативен центар за проектот за злато и бакар лоциран во селото Иловица, општина Босилово.
Во новоотворениот центар ќе може да се добијат информации поврзани со сите аспекти на развојот на проектот. Центарот ќе работи секој работен ден од 10 до 17 часот.
Договорот за концесија меѓу „Еуромакс Ресоурсис“ и Владата за проектот „Иловица“ беше потпишан на 24 јули минатата година. Пред потпишувањето беа изработени концептуална студија и првична студија за влијанието врз животната средина кои добија одобрување од релевантните институции, вклучувајќи го и Министерството за животната средина.
Резултатите од Прелиминарната економска анализа потврдија дека може да се експлоатираат 143 милиони тони руда со просечна содржина од 0,42 грам/тон злато и 0,23 проценти бакар. Производството се проценува на 12 милиони тони руда годишно, од што ќе се добијат околу 4,2 тони злато и 24 илјади тони бакар годишно.