Добивај вести на Viber
Иако, според најавите,во првиот квартал од годинава требаше да почнат градежните работи за реконструкција на пругата од Куманово до Бељаковце, на терен се уште не е почната реализацијата на првата фаза од железничкиот Коридор 8. Во МЖ Инфраструктура велат дека доцнењето било предвидено во договорот, оти се работело за крупен проект
Се уште не се соопштува ниту името на градежната компанија што треба да ја изведува рехабилитацијата. Во МЖ Инфраструктура велат дека ќе се бира меѓу девет европски компании, а се очекува градежната оператива да ги започне планираните работи во септември.
„Два месеци доцниме со изборот на фирма, но сепак станува збор за крупен проект и доцнењето е предвидено.Имаше повеќе пријавено компании, од кои само девет влегоа во потесен круг и тоа се компании кои веќе работеле на многу вакви крупни проекти. Дел од нив настапија во конзорциум со домашни градежни фирми, но се уште се прави евалуација и објавата на избраната компанија ќе биде во септември кога и се очекува почеток на градежните работи“, вели
Ирфан Асани, директор на МЖ Инфраструктура.
Рехабилитацијата на пругата во должина од 30,8 километри, според планот, треба да заврши најдоцна до 2017 година. Парите се веќе обезбедени од Европската банка за обнова и развој, која лани и додели заем на државата од 46,4 милиони евра. Рехабилитацијата на пругата всушност ќе значи замена на шините и праговите како и санација на мостовите. На железничката траса од Куманово до Бељаковце се предвидени вкупно девет станици и стојалишта, а Куманово ќе добие уште една железничка станица, која ќе биде поблиску до центарот на градот.
Оваа пруга е дел од источната делница на Коридорот 8, односно првата секција од планираното железничко поврзување на Македонија со Бугарија. Ставењето во функција на железничкиот коридор 8 е од стратешки интерес за државава, а кога ќе биде завршен, ќе се протега од јадранскиот брег во Албанија преку Македонија до регионот на Црно Море во Бугарија, со што ќе се овозможи пристап и пократка рута до пристаништата.
Изградбата на делницата од Бељаковце до Крива Паланка ќе чини околу 145 милиони евра, а од Крива Паланка до Деве Баир дури 332 милиони евра. Овие пари уште не се обезбедени.
ЕБОР обезбеди и грант од 2,5 милиони евра за да заврши проектната документација и да може да се аплицира и за втората фаза од проектот, кој опфаќа изградба на пругата од Бељаковце до Крива Паланка.
Според анализата на сегашната состојба во сообраќајот и во транспортот, неопходни се вложувањата во железничката инфраструктура, посебно во Коридорот 8, кој низ Македонија треба да има должина од 317 километри и да ги поврзе Драч–Тирана–Скопје–Софија–Бургас и Варна.
Изградбата на делницата од Бељаковце до Крива Паланка ќе започне најдоцна во 2015 година, а ќе заврши во 2020 година. Се проценува дека ќе чини околу 145 милиони евра, од кои 2,5 милиони евра веќе се обезбедени како грант од ЕБОР со намена за изработка на проектна документација, која треба да биде готова до крајот на годинава. За делот од Крива Паланка до Деве Баир, кој е најтежок и најскап, Министерството за транспорт поднесе барање до ИПА за обезбедување два милиони евра за изработка на основните проекти. Се проценува дека оваа делница ќе чини 332 милиони евра, кои треба да се обезбедат од ИПА, ЕБОР и од Европската инвестициска банка.
Македонија има изградено само 154 километри од железничката пруга од Коридорот 8, што е половина од нејзината вкупна должина.
С.Н