Добивај вести на Viber
1 Мај е празникот е посветен на борбата за зачувување и унапредување на правата на работниците, но тие со години наназад иако свесни дека нивните права секојдневно се кршат, а законските измени наместо да им обезбедат поголема заштита, се’ повеќе се рестриктивни и на нивна штета, молчат пред проблемите. И тоа молчат оние кои се најзасегнати и директно на свој грб и по свој џеб ги чувствуваат последиците од своето молчење - вели за Фактор, Марјан Ристески-претседател на Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија. Властите во Македонија според него тенденциозно и континуирано ги кратат работничките права, а таквата пракса е развиена поради фактот што дел од синдикатите во земјава се блиски со властите и со работодавачите, отколку со работниците.
Поради верскиот празник Велигден првомајските протести ќе се одржат утре, но според Ристевски тие треба масовно да бидат подржани од сите работници, бидејќи само на тој начин ќе ја пренесат моќта на своето демократско делување и зрелост.
“Во Република Македонија по повод Први мај -Меѓународниот ден на трудот веќе неколку години наназад мал е бројот на оние граѓани –работници кои се одлучуваат за овој празник да се приклучат на протестите што се организирани од неколкуте прогресивни независни синдикати и неколку прогресивни невладини организации потписнички на Повелбата за солидарност која еве втора година по ред ќе организира протест.Поради тоа што оваа година први мај се паѓа истовремено со големиот верски празник Велигден, протестот ќе се одржи на втори мај со почеток во 18 часот .Ја користам оваа прилика да ги повикам граѓаните да ни се приклучат на овј протест и сите заеднички да го искажеме нашето незадоволство од моменталната ситуација во која се наоѓа македонскиот работник. Денеска македонскиот граѓанин се наоѓа во многу тешка економска ситуација ,ако на ова ја додадеме и моменталната политичка ситуација во која се наоѓаземјава, можеме да констатираме дека ова дополнително ќе ја влоши и онака тешката состојба. Поради тоа мора да се реши што поскоро оваа криза, а на тој начин би дошло до стабилизирање, а во блиска иднина и до подобрување на економијата во државава”-вели Ристески.
Кршењето на работничките права не смее да стане секојдневие
Информираноста за законски утврдените работнички права е важен аспект и главен предуслов за спречување на нивното кршење. Работниците вели честопати не ги знаат ниту основите права кои им следуваат и се загарантирани со закон, а честопати и да знаат се плашат да ги остварат поради притисокот и заканите да не го изгубат работното место.Забраната за дискриминација, право на безбедни работни услови, правото на заработувачка – плата, согласно со закон, колективен договор и договорот за вработување, правото на синдикално здружување,штрајк и сл. се само дел од обврските со кои мора да биде запознаен работникот. Сепак според Ристески кршењето на работничките права не смее да стане секојдневие бидејќи информираноста е моќна алатка во рацете на работникот.
“Mал е бројот на синдикати кои вистински ги застапуваат правата на работниците. Во јавниот сектор, јавните претпријатија може да се каже дека во одредена мера работникот е синдикално организиран и на одреден начин успеваат да ги остваруваат основните синдикални права. Додека во приватниот сектор македонскиот работник е оставен на милост и немилост на работодавците. Со чест на исклучоци меѓутоа во поголем број работодаваците не дозволуваат работниците синдикално да се организираат, а на тој начин дирекно ги попречуваат работниците да ги остварат своите права. Еден од главните виновници што моменталната ситуација со синдикалното движење во државава е на вакво незавидно ниво по мене е Сојузот на синдикати на Македонија. Секоја чест на одредени синдикалци што се наоѓаат во Сојузот меѓутоа очигледно е дека тие сами не можат да допринесат за реформа на овој синдикат .Со неговата сервилност кон сите влади не се дозволува да заживее синдикалниот плурализам во Македонија”-додава Ристески.
Блиску е времето кога за Први мај и во Македонија ќе се протестира
Оттука потребно е да се изврши промена на Законот за работни односи во делот на синдикатите за да се регулира начинот на регистрирање и преговарање со надлежните институции бидејќи македонските работници само на телевизија ги гледаат протестите во светот на кои се бара подобрување на работничките права, а синдикатите со години го преспиваат денот кога работниците симболично го креваат гласот против експлоатацијата.
“Ние се надеваме дека до оваа промена ке дојде што поскоро како би можело вистинските синдикалци да дојдат на позиција и да бидат во можност да покажат како се бранат работничките права, а такви верувајте ги има во независните синдикати и потписниците на повелбата за солидарност.Се надевам дека блиску е времето кога за Први мај и во Македонија ќе се протестира барем приближно како тоа го прават вистинските синдикати во демократските држави. За жал во моментов гарнитурата на власт со сета своја апаратура, а потпомогнати од сојузот на синдикати го оневозможува ваквото прославување на празникот”-нагласува претседателот на Конфедерацијата на синдикални организации.
Режимската хајка против левичарските организации
Антивладините протести кои веќе трета недела континуирано се одржуваат на улиците во повеќе градови и резултат на аболицијата која ја донесе претседателот Иванов од негова страна се целосно оправдани.Таа одлука вели само ја прелеа чашата на незадоволство кое тлее веќе подолг перид кај граѓаните и тие како никогаш досега демонстрираат единство во протестите без разлика на верската, политичката, или национална припадност. Режимската хајка против левичарските организации според него претставува обид тие да бидат скршени, исплашени и да се повлечат од протестите.
“Веројатно режимот смета дека со притисокот врз левичарите, ќе придонесе до растурање на широкото протестно движење. Но, во моментов, приоритетната политичка разлика во Македонија е дали сакаме да градиме општество во кое ќе има место за политички разлики, или ќе дозволиме да завладее тоталитарно мракобесие. Енергијата на левичарските организации произлегува од солидарноста, другарствата градени на протести, и визијата за подобро општество. Токму затоа, тие апсењата и повиците за линч ги дочекаа само како дополнителна причина да протестираат со поголем интензитет”-нагласува Ристески.

Актуелната власт според него оди од грешка во грешка со експресните одлуки за директен притисок кои од информативен разговор преминаа на приведување, а отидоа и до таму да одредуваат куќен притвор за демонстрантите мислејќи дека на тој начин ќе ги заплаши луѓето што протестираат. Н аовој начин како што вели само дополнително го подгреваат незадоволството и гневот на граѓаните поради лошите политики на менаџирање на власта која си ја ставија како лична и партиска а не државна обврска.
“Меѓутоа, за нивна жал, а за наша среќа напротив тоа само го зголеми револтот на граѓаните на протестите да доаѓаат во поголем број. Во услови кога сите опозициски партии, невладини организации кои се грижат околу изборите, на крајот на краиштата и меѓународните фактори јасно кажаа дека додека не се створат услови за фер и кредибилни избори во Македонија неможе да има избори.Од секојдневните протести можеме да забележиме дека граѓаните се решени овој пат за конечен излез од кризата и немаат намера да прекинат со протестите. Секојдневно се приклучуваат се повеќе граѓани од општествениот и јавниот живот со порака “НЕМА ПРАВДА НЕМА МИР” и се додека во Македонија не преовладува правото подеднакво за сите граѓани нема да се престане со протестите.Меѓутоа оваа власт овој режим очигледно нема намера да го слушне гласот на граѓаните и се обидува преку така наречени невладини организации да прави контра протести од кои може да произлезе судир меѓу самите граѓани”-објаснува Ристески.
Тој апелира пред се до власта да го слушне гласот на народот, да надвладее разумот и да седнат сите релевантни политички фактори, представници на граѓанскиот сектор за конечно да се изнајде решение за излез од политичкава криза. Историската традиција и борба за обезбедување на социјална правда и индустриска демократија, повикувајќи се на потребата од се поголема социјална инклузија, еднаквост , рамноправност, политичка, етничка, верска и национална толеранција, економски раст, развој на работничките права на сите работници и граѓани треба да биде приоритет на секоја идна власт. На статичните синдикати кои од канцеларија ги застапуваат интересите на работниците и се загрижени само за себе и нивните лични интереси, порачува Ристески треба да им се спротистави моќта на гласот на работникот кој сам ќе ги бара своите права, а за да ги побара првенствено ќе мора да ги научи и да се бори за нив.
С.Б.