29 Март, 2025
0.2114

ПРВИОТ ПАЦИЕНТ ЛЕКУВАН ВО СТРАНСТВО СЕ ВРАТИ ДОМА, НЕКОИ СЕ СЀ УШТЕ КРИТИЧНИ: Лекарите предупредуваат на можни инфекции

Објавено во: Македонија 26 Март, 2025 13:52

Добивај вести на Viber

Со враќањето на првиот пациент лекуван во Србија, почнува процесот на постепено враќање на повредените во пожарот во Кочани, во зависност од нивната здравствена состојба и препораките на лекарите кои ги лекуваат во странство.

Во меѓувреме, здравствените власти и медицинските тимови во Србија, Словенија, Бугарија и другите земји продолжуваат да се грижат за останатите пациенти, нагласувајќи дека процесот на рехабилитација е долг и неизвесен, особено поради опасноста од инфекции и можните компликации.

Лекарите апелираат на трпение и поддршка за семејствата на настраданите, бидејќи за многумина од пациентите престојот во болница ќе биде продолжен, а некои ќе имаат потреба од повеќе хируршки интервенции и долготрајна нега.

Трагедијата во Кочани оддекна гласно во Словенија

По катастрофалниот пожар во дискотеката во Кочани, четворица тешко повредени млади Македонци се префрлени на лекување во Словенија, каде што тимови на специјалисти во Универзитетските клинички центри во Љубљана и Марибор даваат максимални напори за подобрување на нивната здравствена состојба. Тројца од нив остануваат во критична состојба. 

Ова е првата изјава на лекарите, веднаш по приемот на пациентите.

„Правиме сè и се максимално се трудиме да ги излечиме пациентите,“ изјави д-р Адела Штечер, во клиничкиот центар во Љубљана. Таа нагласи дека должината на нивното лекување е непредвидлива, со оглед на тежината на повредите и компликациите што може да се појават во текот на процесот на заздравување. Слично мислење изнесе и д-р Грегор Просен, раководител на ургентниот центар во Марибор, кој потврди дека состојбата на пациентите е исклучително тешка и непредвидлива.

Словенија беше една од земјите што најбрзо реагираа во обезбедувањето медицинска помош за повредените. Министерството за одбрана организираше специјален медицински авион кој ги транспортираше пациентите, а здравствените институции во земјата мобилизираа ресурси за нивно лекување. Во изјава за Фактор, новинарот Аљаж Врабец вели дека во знак к на солидарност, Словенија веднаш отворила и телефонски линии за донации, максимално е вклучен и Црвениот крст на Словенија, се организираат кампањи за донации со цел да се помогне на жртвите и нивните семејства.

„Трагедијата оддекна гласно во Словенија. Во првите три дена, особено откако беа доенесени четворицата пациенти, ова беше главна вест кај нас, а колку што следам и воопшто во регионот и во светот. Но, сега веќе информациите, посебно за здравствената состојба на пациентите се ограничени. Она што можеме да потврдиме е дека тимовите на лекарите во Љубљана и Марибор прават сè што е во нивна моќ да им помогнат на младите пациенти од Македонија. Всушност, словенечките власти и медицинскиот персонал се ангажирани на највисоко ниво“, изјави новинарот Врабец за Фактор.

Бугарија: Петмина од повредените се малолетни, најголем проблем е вдишувањето на гасови

Во бугарските болници се лекуваат 15 пациенти повредени во катастрофалниот пожар во Кочани. Според податоците, само двајца од нив се постари од 30 години, додека петмина се малолетни, односно под 18-годишна возраст.

Портпаролката на болницата Пирогов, Марија Поиразова, во телефонски разговор за Фактор, изјави дека се во постојан контакт со македонските здравствени власти и редовно ја соопштуваат здравствената состојба на пациентите на Министерството за здравство на Северна Македонија.

Во последната изјава, бугарскиот министер за здравство, Силви Кирилов рече дека здравствената состојба на повредените кои се хоспитализирани во болниците во Софија, Варна и Пловдив е стабилна, но дека нивното лекување е комплицирано поради последиците од вдишувањето гасови за време на пожарот.

„Кај нас се лекуваат 15 пациенти. Само двајца од нив се постари од 30 години. Петмина, пак, се помлади од 18 години. Се третираат според сите лекарски правила. Од хоспитализираните, најголем дел се на спонтано дишење, двајца се екстубирани, кои не се веќе на механичка вентилација. Но, оние што сè уште се на механичка вентилација се во тешка, но стабилна состојба. Голем дел од пациентите имаат отворени рани што се лекуваат, а за што веројатно ќе бидат потребни пластични операции. Второ, имаат и оштетувања на белите дробови. Затоа, рано е да се даваат прогнози. Имаме уште многу долг пат“, потенцираше бугарскиот министер за здравство.

Пациент од Белград се врати во Македонија, првиот од 115-те кои се на лекување во странство

Првиот од 115-те повредени во пожарот во дискотека во Кочани кои се на лекување во странство попладнево се врати во Северна Македонија. Пациентот е лекуван во болница во Белград, Србија, а ќе остане на опсервација на Клиниката за токсикологија.

Директорот на Клиниката за токсикологија Андон Чибишев изјави дека пациентот е вратен од Србија во целосно подобрена општа клиничка состојба.

„Тој ќе биде на клиника опсервација одреден период, неколку дена или можеби до утре. Моментално се прават некои клинички тестови. Тој е прегледан и е во сосема добра состојба, со добри клинички параметри. Ќе направиме дел од нашите истражувања за да бидеме сигурни дека можеме да го пуштиме да си оди дома кај неговото семејство“, рече Чибишев.

Во српските болници се лекуваат 29 млади луѓе повредени во пожарот во Кочани, од кои сега веќе 16 се сместени во Ургентниот центар на Клиничкиот центар во Белград.

Според директорот на Клиниката за пластична хирургија и реконструкција, Милан Стојичиќ, двајца пациенти се на механичка вентилација, додека на уште двајца веќе им била извршена операција. Тој посочи дека овие пациенти се во добра општа состојба и дека постоперативниот тек се одвива непречено.

„Следната недела, најверојатно ќе бидат оперирани уште пет-шест пациенти, а неколкумина веројатно ќе може да бидат префрлени на одделение бидејќи респираторната функција успешно им се опоравува, а изгорениците им се такви што не бараат престој на одделението за интензивна нега. Пациентите кои се на механичка вентилација се во тешка состојба, но и другите потенцијално може да бидат доведени во таква состојба во зависност од текот на лекувањето. Инфекциите се една од компликациите што најчесто се јавуваат кај пациенти со изгореници“, потенцираше Стојичиќ во текот на неделава.

Македонските здравствени власти очекуваат во наредните две недели барем половина од пациентите кои се лекуваат надвор од земјава да бидат вратени назад.

Анита Буховски

Можеби ќе ве интересира

ПРИМИ ВИТАМИНСКА ИНФУЗИЈА ПРЕД ОПЕРАТА „ТРАВИЈАТА“: Тенорот Благој Нацески има вирусно заболување

ПРИМИ ВИТАМИНСКА ИНФУЗИЈА ПРЕД ОПЕРАТА „ТРАВИЈАТА“: Тенорот Благој Нацески има вирусно заболување

„СО МОМЧИЊАТА“ - БУЈАР ОСМАНИ СПОДЕЛИ ФОТОГРАФИЈА: Во семејна атмосфера пред големиот празник Рамазан Бајрам

„СО МОМЧИЊАТА“ - БУЈАР ОСМАНИ СПОДЕЛИ ФОТОГРАФИЈА: Во семејна атмосфера пред големиот празник Рамазан Бајрам

ПОДИГНУВАЊЕ НА СТРУЧНОСТА И ДОБИВАЊЕ ЛИЦЕНЦИ ЗА КВАЛИТЕТНИ СУДСКИ ПОСТАПКИ: Комората за вештаци организира обука

ПОДИГНУВАЊЕ НА СТРУЧНОСТА И ДОБИВАЊЕ ЛИЦЕНЦИ ЗА КВАЛИТЕТНИ СУДСКИ ПОСТАПКИ: Комората за вештаци организира обука

„ДВАЈЦА ПАЦИЕНТИ ВО ВЛОШЕНА СОСТОЈБА, ТИЕ СЀ УШТЕ СЕ ИНТУБИРАНИ“: Денеска се враќаат пациенти од Литванија и од Шведска

„ДВАЈЦА ПАЦИЕНТИ ВО ВЛОШЕНА СОСТОЈБА, ТИЕ СЀ УШТЕ СЕ ИНТУБИРАНИ“: Денеска се враќаат пациенти од Литванија и од Шведска

ПО ПОЛНОЌ СТАПУВА И ЛЕТНИОТ РАСПОРЕД НА ЛЕТАЊЕ ОД СКОПСКИОТ АРЕРОДРОМ: Ќе пристигне Изиџет на 2. април, а од мај повторно ја имаме Барселона

ПО ПОЛНОЌ СТАПУВА И ЛЕТНИОТ РАСПОРЕД НА ЛЕТАЊЕ ОД СКОПСКИОТ АРЕРОДРОМ: Ќе пристигне Изиџет на 2. април, а од мај повторно ја имаме Барселона

СКАНДАЛОЗНО ВО ЦЕНТАРОТ НА СКОПЈЕ – СЕ ОБИДУВААТ ДА ГО ЗАШТИТАТ ДЕТЕТО ОД АВТОМОБИЛ ШТО СЕ ДВИЖИ ПО ПЕШАЧКА ПАТЕКА: Сѐ е по старо

СКАНДАЛОЗНО ВО ЦЕНТАРОТ НА СКОПЈЕ – СЕ ОБИДУВААТ ДА ГО ЗАШТИТАТ ДЕТЕТО ОД АВТОМОБИЛ ШТО СЕ ДВИЖИ ПО ПЕШАЧКА ПАТЕКА: Сѐ е по старо

РОДНИНА НА ПРАТЕНИЧКАТА БИСЕРА ЗЛАТЕСКА Е НАЗНАЧЕН ЗА КОМАНДИР: Левица обвинува за најновиот скандал кој доаѓа од МВР

РОДНИНА НА ПРАТЕНИЧКАТА БИСЕРА ЗЛАТЕСКА Е НАЗНАЧЕН ЗА КОМАНДИР: Левица обвинува за најновиот скандал кој доаѓа од МВР

КОЈА Е ЕКОНОМСКАТА ПРЕДНОСТ НА ЛЕТНОТО СМЕТАЊЕ НА ВРЕМЕТО: Во 2.00 часот по полноќ стрелките на часовникот одат еден час напред

КОЈА Е ЕКОНОМСКАТА ПРЕДНОСТ НА ЛЕТНОТО СМЕТАЊЕ НА ВРЕМЕТО: Во 2.00 часот по полноќ стрелките на часовникот одат еден час напред

НЕВРЕМЕТО ВЧЕРА НАПРАВИ ПУСТОШ: Поројни дождови, град и силен ветер низ повеќе градови и села

НЕВРЕМЕТО ВЧЕРА НАПРАВИ ПУСТОШ: Поројни дождови, град и силен ветер низ повеќе градови и села