02 Мај, 2024
0.0313

Псевдо-колумна

Објавено во: Колумни 15 Март, 2016

Добивај вести на Viber

Не толку одамна, во една од моите колумни напишав дека живееме во една псевдореалност. Затоа во еден постмодерен дух, мора да си играте со таа реалност. Во спротивно, како што и тогаш реков, тешко ќе преживеете. Затоа во оваа псевдоколумна, троа ќе си поиграме со псевдореалноста што ја живееме, за да би да ја преживееме. Па така, денеска ќе предложам уште еден „проект“. Човек треба навистина да е бескрајно креативен и да ја дофаќа бескрајноста на можностите за бескрајно многу проекти. Сепак, еве и мојата маленкост сака да предложи „проект“, во ова „доба на проекти“. Морам да признаам дека семоќниот и себескраен „проектант“ ме претекна во мојата идеја за проект - „бесплатна ласерска операција на очи“. Искрено, таа идеја и мене ми падна на ум. Не верувате? Се разбира, сега е доцна да ја докажувам „оригиналноста“ и првосходството на таквата идеја, кога веќе „проектантот“ јавно ја обзнани и повеќе не би инсистирал на оригиналност да не би да бидам обвинет за плагијаторство (а за наставник на универзитет тоа е тешко „обвинение“, зарем не!?). Само за да ве уверам ќе ви посочам дека тоа ми падна на ум заради сопругата која со години „се мачи“ со контактни леќи, па барав начин како да ја спасам од таа мака. Дури, во рамките на проектот, мислев како повторно да ја запишам на факултет (со врски, признавам), за бесплатно да ù го овозможам тоа. Но, како и да е. Сега е доцна за тоа. Затоа, денеска ќе предложам нов „проект“, кој се надевам дека барем делумно ќе спаси други страдалници, со други маки. Проектот е работно насловен „Ѓети за секое дете“! Простете што не сум сигурен дали според правописот правилно е со „ѓ“ или „г“, но зборот го немаше на сајтот на „Дигитален речник“, па не можев да го проверам. А ѓети верувам знаете што се? Добро, за неупатените, еве мал вовед. Тоа се плетени, волнени чорапи, кои се облекуваат над, т.е. врз чорапите и кои држат многу топло во ладните зимски денови. И главно се шарени со многу бои на нив кои пркосат на секоја естетика, или во најдобар случај се со чудна боја што прв пат ја гледате како дете. Тоа е така, затоа што главно се плетени од неколку различни волници што ù останале на бабите од други плетила или од едно клупче што останало затоа што бојата е толку грда што никоја снаа не сака да носи таков џемпер. Ова е појаснување за урбаните „скопјанишча“ што никогаш го немале задоволството да носат такви плетени ѓети од своите баби и прв пат виделе нешто слично кога им отворија „Веро“ и други „молови“, во кои нешто налик може да се најде. Верувам дека ние селанчињата и провинцијалците што бевме израснати од баби добро знаеме што се гети. И особено кои се бенефитите од нив. Е сега за бенефитите за сите кога би го прифатиле и реализирале овој проект „Ѓети за секое дете“. Пред тоа, дозволете само малку за деталите на проектот. Со проектот би биле опфатени сите деца во Македонија на возраст од 1-6 години независно од пол, раса, верска, етничка и социјална припадност, како и 1000баби во пензија (исто така независно од погоре-наведеното), подготвени да ги плетат гетите. Временска рамка – две години, со можност за продолжување уште две. Финансиски импликации – 150 илјади евра од Буџетот на РМ. Како што може да се види, проектот не имплицира значајни финансии и не го оптоварува буџетот на државата (150 илјади евра наспроти 500 милиони за СК14, сепак се капка во море), особено ако се земат предвид ефектите од истиот. А тие би биле повеќе димензионални: социјални, економски, етички, медицински и т.н. За само 100 евра по баба (100 илјади евра, и плус 50 илјади евра за набавка на волница), добивате ѓети што ќе ги усреќат децата – нашата иднина. Ова е етичкиот аспект на проектот – придонесувањето за туѓата среќа е единствено вредната социјална доблест. Дополнително, што ќе биде организирано јавно доделување на ѓетите од страна на бабите на децата, што дополнително ќе придонесе за јакнење на моралот на нацијата и социјалната кохезија. Тоа е социјалниот аспект на поректот. Дополнително, ако го изведеме доделувањето на рандом начин, па Албанки доделуваат на дечиња Роми, Ромки на Македонки, Македонки на Срби...ќе придонесеме сериозно за зајакнување на мултикултурализмот и интеркултурната интеграција. Економски ефекти исто така би биле значајни: парите на бабите ќе им го дополнат пензискиот буџет, но дополнително што дел од тие пари ќе дадат на внучињата, веројатно е дека ќе се зголеми и оптекот на пари во игрални, сендвичари, продавници... каде внучињата би ги потрошиле дадените пари од баба. Медицински ефекти исто така би биле големи – дечињата ќе бидат со топли нозе, следствено немада им измрзнат бубрези. А се разбира ќе им ги зачува и простата, јајниците и др. Тоа, секако ќе има и далекусежни импликации за трошоците во здравствениот систем. Колку ќе заштеди државата за идно лекување на последиците од „ладни нозе“, оставаме на посериозни експерти од нас да пресметаат. Ефектите на еден ваков проект можеме уште долго да ги редиме, но верувам и овие се доволни за да се разбере неговото значење и потребата од истиот. Се надевам дека „главниот проектант“, ќе го земе предвид, како мој скромен влог во „проектантските активности“ на неуморливите проектанти (министерства), во ова доба на проекти. Д-р Трајче Стојанов

Можеби ќе ве интересира

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД