Путин доби нов мандат – Европа се подготвува за војна
Објавено во: Колумни 18 Март, 2024
Приказната со познат почеток и познат крај заврши. Рускиот претседател и кандидат за нов претседателски мандат, Владимир Путин, според претходните резултати од изборите доби нов мандат. Тој води со над 87 проценти од гласовите на избирачите. Втор е кандидатот на комунистите, Николај Харитонов, со околу четири проценти, па кандидатот од партијата „Нови лица“, Владислав Даванков, со близу до четири проценти и последен е наследникот на Владимир Жириновски, сегашниот лидер на Либерално демократската партија, Леонид Слуцки со околу три проценти од гласовите на избирачите. Излезноста, според соопштените резултати, е околу 74 проценти, што е повисока од онаа во 2018 година, кога изнесуваше 64,5 проценти.
Бројките се над лицитираните во предизборието. Очекувано беше Путин да добие над 80 процени од гласовите, се спомнуваа околу 82 проценти и излезност од над 70 проценти. Иако, за волја на вистината, путиновиот портпарол, Димитриј Песков, на неколку месеци пред изборите, уште кога Путин не беше се изјаснил дека ќе оди на нов мандат, изјави дека тој ќе победи со 90 проценти од гласовите на избирачите. Бројките се впечатливи, многумина тврдеа и тврдат дека изборите не се демократски, но сепак не можеш со сила да натераш речиси 90 милиони избирачи да излезат на избирачките места. Имаше и протестни гласања, особено надвор од Русија, како и DDoS напади од Украина и Северна Америка. Интернет провајдерите соопштија за 90 обиди за напад на ресурсите на Централната изборна комисија и други владини сајтови. Имаше и напади од дронови од страна на Украина на избирачки места во деловите под контрола на Русија, но и врз Русија.
Но овие избори нема да бидат запомнети ниту по резултатите, ниту по нападите со дронови, ниту по DDoS нападите. Туку по фактот дека Путин за прв пат јавно го спомна Алексеј Наваљни. Во изминативе години тој се правеше дека не го чул, ниту дека не го знае, или пак зборуваше во трето лице за него. Рускиот претседател вчера вечер дојде во неговиот изборен штаб и најнапред им заблагодари на граѓаните кои го дадоа својот глас за него. Но и на прес конференцијата одговори на новинарски прашања. Едно од нив, на американски новинар, беше за руската демократија. Дали е демократија за време на неговата предизборна кампања, Алексеј Наваљни да умре во затвор? Или пак американскиот дописник на „Волстрит џорнал“, Еван Гершкович, да чмае во затвор, а на Борис Надежин, потивник на војната во Украина, да не му се дозволи да се натпреварува со Путин. Дали тоа е демократија? „Тоа е животот“, одговори Путин. „Што се однесува до господинот Наваљни. Да, тој почина. Тоа (смртта)е секогаш тажен настан. Имавме и други случаи кога луѓе починаа. Зарем ова не се случувало и во САД? Се случувало и не еднаш“, рече Путин. Тој потврди дека се согласил со идејата за размена на Навални на Запад, неколку дена пред смртта на политичарот.
ЗАПАДОТ ТРАДИЦИОНАЛЕН ПРОТИВНИК
„Патем кажано, ќе ви кажам дека неколку дена до починувањето на господинот Наваљни некои колеги ми кажаа, не соработници на администрацијата, туку некои луѓе ми кажа дека има идеја да се размени господинот Наваљни со некои луѓе, кои се во затвор во западните земји. Може да ми поверувате, можеби не. Човекот кој зборуваше со мене уште не ја доврши реченицата, јас му реков „согласен“. Но под еден услов, ќе го размениме, но тој да не се враќа, нека седи таму. Но, тоа (смртта) се случува, со тоа ништо не може да се направи“, заклучи рускиот претседател. Кога беше актуелна смртта на Наваљни имаше соопштенија за посредувања за негова размена со лица за кои е заинтересирана Русија. А како посредник беше споменуван Роман Абрамович, рускиот олигарх, кој на почетокот од војната во Украина посредуваше за постигнување мир, а кој се чини дека се’ уште е лице од доверба на Путин.
Како ќе помине најновиот петти шестгодишен претседателски мандат на Путин? Прво, тој можеби ќе соработува со двајца американски претседатели. Најверојатно Бајден или Трамп, а потоа и со некој трет. Но, многу поважно е како ќе се реши војната во Украина и за шест години да се има поддршка од рускиот народ. Кога почна војната во Украина на овие страници укажувавме дека Западот тешко ќе може да го креира мнението на Русите околу војната. Затоа што Русија ќе се обиде војната да ја претстави како војна со Западот, а не со Украина. А Западот е традиционалниот противник уште од времето на СССР, и е влезен во потсвеста на народот и стои таму до ден денес.
Москва и Петербург не се Русија. Кога ќе бидат објавени официјалните резултати ќе се види дека излезноста и поддршката на Путин во нив е најмала. Но, остануваат многу градови и села во внатрешноста, каде што руските медиуми ја шират и ќе ја шират руската вистина за војната. И работите денес се токму такви. На фронтот најмногу одат доброволци од внатрешноста на Русија.
Во поткрепа на ова оди и изјавата на Путин на прес конференцијата во изборниот штаб. „Принудени сме во вистинската смисла на зборот со оружје во раце да ги заштитуваме интересите на нашите граѓани, нашите луѓе и да создаваме иднина за целосен, суверен, безбеден развој на Руската Федерација, нашата Родина. И јас мислам, не мислам, туку резултатите, пред се’ од излезноста, покажуваат дека луѓето, обичните луѓе тоа го чувствуваат и разбираат дека токму од нив зависат многу работи“, рече Путин.
АРМИЈАТА И ФЛОТАТА ГЛАВНИ СОЈУЗНИЦИ
Што се однесува до предизвиците во новиот мандат за рускиот претседател најважно е да се решаваат задачите во рамките на „специјалната воена операција“, да се зацврсти одбранбената способност, да се зацврстат вооружените сили. Тоа веќе се случува, „тоа го гледаме и се одвива со добро темпо и со одличен квалитет“, вели претседателот. Тој не заборави и да ги повтори главните задачи кои ги спомна во обраќањето до Федералното собрание, кое и беше образлагање на неговата изборна програма. Инаку уште еден од руските императори, Александар Втори, има речено дека главни сојузници на Русија се армијата и флотата.
Над 60 држави членки на ОН заеднички ги осудија изборите на териториите во Украина под контрола на Русија. Имаше критики дека изборите нема да бидат и не се демократски. Ваквата реакција од Западот за Путин е очекувана. „А што сакате вие, да ни аплаудираат“, праша Путин во изборниот штаб, додавајќи „тие се борат со нас и тоа по воен пат. Тој изјави дека војници од НАТО се присутни во Украина. „Војници од НАТО има таму. Ние знаеме. Слушаме таму и француски и англиски јазик. Нема ништо добро во тоа, во прв ред за нив, затоа што таму гинат и тоа многу“, рече Путин. Тој се заложи за санитарна зона во Украина: „Да се создаде зона на безбедност, која не ќе можат да ја преодолеат, со користење на воените средства, пред се’ оние од странско производство“.
Според рускиот претседател, во случај на веројатен судир меѓу Русија и НАТО светот ќе биде во еден чекор од трета светска војна. Но тешко дека некој е заинтересиран за тоа. Иако, се’ е можно во современиот свет. Одговарајќи на прашањето за подготвеноста на Русија за прекин на огнот на барање на францускиот претседателЕмануел Макрон, Путин изјави:„ Јас цело време зборував и уште еднаш ќе повторам. Ние сме за мировни преговори, но не поради тоа што противникот е пред крај со муниција. Туку сум за, ако тие навистина, сериозно, во долгорочна перспектива, сакаат мирни, добрососедски односи меѓу две држави, а не за да направат пауза од една до две години за дополнително да со вооружат“. Русија ќе размисли со кого да се договара во Украина, „Ова е прашање што го чека неговиот макотрпен истражувач. Ќе размислиме за тоа“, рече Путин, одговарајќи на прашањето со кого Русија ќе преговара за мир во Украина. Во поглед на ставовите на Макрон во последно време, Путин вели:„ „Многу би сакал Франција да игра улога која не води кон продлабочување на конфликтот, кон негово заострување, да не ја провоцира оваа ситуација. туку напротив... станува збор за можни начини за мирно решение. Во оваа смисла, Франција може да ја одигра својата улога, „не е сè изгубено“. Што се однесува до повикот на Макрон за прекин на огнот за време на Олимпијадата, Путин вели дека Русија е подготвена да ги разгледа сите прашања, но поаѓајќи од своите интереси. Се разбира и овде Русија нема да оди на прекин на воените дејства, ако нема цврст договор од сите страни. И гаранции дека прекинот за времетраењето на Олимпијадата нема да се искористи за подготовка на нови операции и дополнително вооружување. Ќе гледа на тоа како обид на Макрон да им даде на Украинците време да ги одморат силите, да ги залечат раните и да произведат или да добијат ново оружје. Згора на тоа Олимпискиот комитет не ги прима Русите на Олимпијадата како рамноптравани спортисти. Па оттука и мала е веројатноста Русија да се согласи на таков предлог на Макрон. Веќе има реакции, зошто Макрон не повикува на мир на Блискиот исток, на пример, Израел, или во Африка или на други места.
РАСКОЛ ВО ЕУ И НАТО
И додека Путин до мај, кога треба да стапи на должност ќе се подготвува за нов мандат Емануел Макрон како да ја подготвува Европа за нова војна! Со својата изјава дека доколку треба, може да бидат испратени НАТО сили во Украина, па со ставањето на црвени линии за тоа, напад на Русија врз Одеса и Киев, тој повеќе ја замелуши Европа, отколку што ја заплаши Русија. Наместо НАТО членките веднаш да станат и да го поддржат, речиси сите рекоа „не доаѓа предвид тоа“. На прв поглед се содава раскол во ЕУ и НАТО. А тоа оди во прилог на Русија.
Дали е тоа оној истиот Макрон кој по почетокот на војната во Украина велеше дека не треба да со дозволи понижување на Москва? Кој инсистираше на сочувување на дипломатски канали со Путин. Некои набљудувачи сметаат дека Макрон сака да го сметаат како „доминантна сила во Европа“. Особено по конфликтот со канцеларот Олаф Шолц. Ако не е конфликт тогаш е соперништво. Не на две личности, туку на две држави. И нарушување на „џентлменската спогодба“, Германија да се занимава со економија, а Франција со „стратешки прашања во ЕУ“. Сега двете земји си навлегуваат во тие области. Нема јасна граница. Како пример се посочува намерата на Германија да купува ПРО од САД и Израел, додека Франција е за „купување европско“. Заклучокот е дека „Макрон имал намера да си ја врати себе си улогата на европски стратешки лидер“! И ова го прави во предвечерието на изборите за Европскиот парламент. Интересно е што Макрон деновиве изјави дека никогаш немало проблеми меѓу него и Шолц. Имале многу зедничко во однос на целите и ситуациите. „Само начинот на кој тие се спроведуваат е различен, бидејќи стратешките култури на нашите земји се различни“, изјави Макрон. „Стратешки култури“! Веројатно Макрон мисли на стилот на кој се остваруваат тие цели. Како да е модна ревија војувањето.
Информациите за несогласувања меѓу лидерите се појавија по изјавите на Макрон за можно распоредување на странски трупи во Украина во иднина. Во следните денови, Шолц неколку пати му противречи и изјави дека нема да испраќа германски војници во Украина. Во исто време, Макрон продолжува да инсистира дека можеби ќе бидат потребни странски војници.
Сето ова води кон тревога во Европа. Се јавуваат од Шпанија, од Италија. Од Чешка, од Балтикот, Полска. Едни се согласуваат со Макрон, други се категорично против. Што станува со изјавите дека НАТО не сака ескалација на војната во Украина? Макрон во интервју за два украински медиуми, деновиве, за неговите изјави за разгледување на можноста за испраќање војски во Украина како да се повлекува. Изгледа виде дека нанесува штета на единството во Европа, па вели дека „Франција нема да биде прв иницијатор за каква било агресија“. Додавајќи: „Јас засега не се залагам за офанзивна иницијатива, бидејќи тоа противречи на духот на колективна солидарност“. „Ние нема да одиме по патот на ескалација, затоа што нам не ни е потребана уште една војна. Но треба да кажеме дена немаме ограничувања. И ние ќе реагираме во зависност од тоа што ќе преземе Русија“, рече Макрон за украинските медиуми. Притоа, според него, „ако има уште еден бран ескалација од Русија, ние ќе бидеме подготвени да реагираме поради безбедноста на Украина и Европјаните“. А каква би била реакцијата? Додава дека ако Русија отстапи од црвените линии, тогаш и Запад нема да ги почитува. А кои се црвените линии на Русија или црвените линии на Запад.
ПРЕГОВОРИ ПУТИН - ЗЕЛЕНСКИ
Во изминативе две години видовме еден куп прегазени црвени линии на Русија, па и на Европа. Дали за Макрон се црвени линии Киев и Одеса? Макрон вели дека е подготвен за дијалог со Путин, ако овој му се јави. А зошто Макрон не му се јави на Путин, па да му ги каже неговите планови. Згора на тоа францускиот претседател вели дека вистински преговори за крај на војната треба да водат претседателите на Украина и на Русија. Но, што станува со декретот на украинскиот претседател Владимир Зеленски да не води преговори со сегашната руска власт? Дали оваа изјава на Макрон не значи и притисок врз Зеленски да го повлече декретот? Згора на ова Макрон вели дека на Украина треба да и се даде се’ што треба за засилување на нејзината одбранбена способност, но притоа да се придонесе и за деескалација. Тој најави посета на Украина, која досега беше одлагана неколку пати. Но сега ќе дојде кога ќе бидат подготвени „конкретни предлози и конкретни решенија“.
Дека Европа се подготвува за војна може да се види и од веста од Германија дека, според министерката за образование, учениците треба да бидат подобро подготвени за сите потенцијални кризи и катастрофи. Според неа важно е обучувањето во школите за граѓанска одбрана. Такво нешто учат децата во Британија, на пример. Мала дигресија, сега изгледа и нас ќе на враќаат во минатото, кога учевме и учествувавме во вежбите за „цивилна заштита“. Тоа ти се тие „комунистички“ творби кон кои со потсмев се однесуваа(т) „капиталистите“. Тие ова би го нарекле милитаризација на училиштата.
Внимание заслужува една изјава на чешкиот претседател Петар Павел. Тој засега не очекува Украина и Русија да успеат да се договорат за прекин на војната. Според него, „Сите предлози на Русија до денес фактички биле диктат. Кремљ го претставил својот список на услови кои, тој, како агресор нема права да ги испорачува“. Пред една недела Павел изјави дека доколку војските на НАТО даваат поддршка на територијата на Украина, тоа нема да наруши никакви меѓународни норми. За ова сигурни разговараше со Макрон на нивната неодамнешна средба. Можеби и сега ова е на дневен ред во разговорите меѓу НАТО членките. Дали сакаат да проверат дали во Русија има црвени линии и за ова. Силите на НАТО да ја бранат Европа во Украина. Министерот за надворешни работи на Италија и вицепремиер, Антонио Тајани, смета дека би било грешка за НАТО да влезе со војски во Украина на која „ние треба да и помогнеме да се заштити“. „Да се влезе во војна со Русија, тоа значи и закана од трета светска војна“, изјави тој.
Дека не се празни муабетите за подготовки на Европа за војна со Русија потврди и Жозеп Борел, првиот европски дипломат. Во порака до американската јавност тој рече дека „речиси сите европски метрополи тесно работат на сценариото за речиси неизбежната можност за мошне разорна конвенционална војна во Европа“. Во излагањето на Универзитетот Џорџтаун во Њујорк, кое беше објавено во Брисел, Борел нагласи дека „сите, се разбира, се надеваат дека тоа нема да се случи, но Европејците вклучија тревога“, бидејќи се во прашање нивните животни интереси.
Сето погоре изречено од Европјаните е доволен предизвик за Путин да почне да го остварува својот мандат соочувајќи се со новата европска реторика. Тој вчера во Изборниот штаб искажа ставови и за Макрон и за Украина и за евентуална Трета светска војна. Наредниве месеци ќе покажат кој е во право. Но никако не треба да се заборави на развојот на настаните во Америка. Таму дуелот меѓу Џо Бајден и Доналд Трамп се повеќе се разгорува. Во поглед на Украина, Трамп засега го контролира Претставничкиот дом и се’ уште не е изгласана помошта за неа. Сето тоа доведува до фактот дека Европа ќе мора сама да се грижи за Украина, но и за себе. Но што ако победи Трамп на претседателските избори во САД? Можеби затоа многу европски политичари јавно навиваат за Бајден. Не за друго. Историјата покажала дека светските војни почнуваат во Европа. Но овој пат тоа нема да биде војна како Првата или Втората светска војна. Ќе биде многу пожестоко. Не случајно шпанската министерка за одбрана , Маргарита Роблес изјави деновиве:„ Денес балистичката ракета од Русија сигурно може да дојде до Шпанија“. Наспроти неа премиерката на Естонија, Каја Калас, рече дека Путин го заплашува Западот, затоа што се плаши од војна со НАТО. Можеби некој ќе сака да го провери ова тврдење на Калас?
Мирче Адамчевски
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.