Путин во потрага по мир на Јужен Кавказ
Објавено во: Колумни 20 Август, 2024
Рускиот претседател,
Владимир Путин, по украинската офанзива во Курската област, направи прва посета
во странство. Тој во неделата и вчера беше гостин на азербејџанскиот
претседател, Илхам Алиев. Путин во Баку беше пред шест години, иако во
меѓувреме обајцата имаа мноштво средби, пред се’, поврзани со решавањето на
конфликтот меѓу Азербеџан и Ерменија.
Како и што се претпоставуваше главната тема на средбата на двата претседатели, која го привлече вниманието на набљудувачите беше мировниот процес меѓу двете јужнокавкаски земји. Но зад оваа тема имаше и други кои имаат исто големо значење во соработката на Русија и Азербејџан. Теми на кои јавноста не им посветува многу внимание. Тука, пред се’, е коридорот „Север-југ“, кој треба да ја поврзе Русија со Иран, а од таму и со Индија. Азербејџан е голема транзитна делница на тој пат. Исто така и соработката во областа на гасот. Азербејџан сега е еден од главните снабдувачи на Европа со гас. Но, сега постои можност низ гасоводите да се транспортира и руски гас. Не е исклучено Азебејџан да почне да купува руски гас, а својот повеќе да го пласира на европскот пазар. А никој не може да тврди или да негира, дали низ гасоводите ќе се пушта и руски гас. Тука е и желбата на Баку да стане дел од БРИКС. Иако, по средбите немаше ништо објавено, но не е исклучено, барем во четири очи, Путин и Алиев да разговараат за односите на Турција со Сирија, особено што во последно време се повеќе се зборува за средба на сирискиот и турскиот претседател.
„Ќе се поврзам со него“, изјави Путин, пред почетокот на разговорите во поширок состав, мислејќи на ерменскиот претседател, Никол Пашинјан, додавајќи дека ќе му раскаже за преговорите со Алиев. Според Путин на сите им е многу добро познато дека и Русија се судрува со кризи, пред се’ со Украина. „Но, историската вмешаност на Русија во ситуацијата во Јужен Кавказ, дури и во изминатите неколку години, ни ја диктира потребата да учествуваме во овие настани - се разбира, до степен до кој тоа го бараат страните, тоа е без никакво сомневање. Ние сме, исто така, подготвени да го олесниме разграничувањето и демаркацијата на азербејџанско-ерменската границата, бидејќи поседуваме соодветни документи од советско време, потоа деблокирање на прекуграничните рути, воспоставување хуманитарни контакти“, рече Путин, нагласувајќи дека „стабилен мир во Јужен Кавказ одговара на длабоките интереси на сите народи во регионот“. Тој додаде дека знае дека Азербејџан има за цел да ги заврши сите процедури поврзани со целосно решавање на ситуацијата.
ТРНЛИВ ПАТ КОН ИДНИНАТА
Путин се осврна на оваа тема во своето последно обраќање: „Русија ќе продолжи да придонесува на секој можен начин за нормализирање на азербејџанско-ерменската заемна соработка и склучување на мировен договор врз основа на добро познатите трилатерални договори постигнати од претседателите на Русија, Азербејџан и премиерот на Ерменија“, нагласи тој. Токму реализацијата на договорите доведе до несогласувања, кои подоцна преминаа во војна со која Азербејџан ги протера најголемиот број Ерменци од Нагорно Карабах. Пашинјан се налути на Русија дека не презела ништо во тој поглед. А потоа односите меѓу двете земји се влошија. Ерменија го сврти листот и демонстративно се сврти кон Западот. Пред се’ кон Франција за воена и дипломатска поддршка. Имаше заеднички воени вежби со НАТО. Комуникацијата со Русија речиси е прекината. За „инает“ на Русија покажа потези, во полза на Украина, со кои сметаше дека праќа јасен сигнал дека гради нова иднина. Но стигнувањето до неа ќе биде по трнлив пат. Ерменија економски е многу зависна од Русија, а оваа таму се’ уште има воена база. Инаку демаркацијата на границата со Азербејџан почна во април, но оди тешко. Во Еревен долго време имаше протести на населението, иако Пашинјан ги убедуваше учесниците во нив дека тоа е од полза за мирот. Останува да видиме како ќе реагира Пашинјан на повикот од Путин до него.
Односите на Русија и Азербејдзан сега одат по нагорна линија. Во 2022 година меѓу двете земји беше потпишана Декларација за сојузничка заемна соработка. Посетата на Путин сигурно ќе помогне во решавањето на важни проблеми во меѓусебните односи. Но за Русија, пред се’, но и за Азербејџан многу е важна безбедноста на Јужниот Кавказ. Соработката на Ерменија со Западот ги алармира сите. Токму затоа Русија сака да биде посредник и колку што може да учествува во нормализацијата и решавањето на односите меѓу двете кавкаски држави. Неа и се брза за постигнување мировен договор. На есен во Грузија ќе има парламентарни избори. Таму опозицијата се организира за победа. Се јави и поранешниот премиер Михаил Саакашвили, лидер на една опозициона партија. Сите се настроени прозападно. По неодамнешните протести околу законот за „странски агенти“, Западот почна да ја казнува Грузија. Грузиската власт предупредува дека Западот ќе сака да отвори „втор фронт“ против Русија. Оттука ги повикува Грузијците да бираат меѓу „мир и војна“. Да не дозволат Грузија да ја има судбината на Украина.
Министерот за надворешни работи на Азербејџан, Џејхун Бајрамов во интервју за „Известија“, изјави дека неговата земја е отворена за преговори, кои сега се водат во двостран формат меѓу Азербејџан и Ерменија. Но, додаде дека Баку не се откажувал никогаш и од други терени за преговори. За нив Русија била секогаш прифатлива, па и сега би ја користеле. „Но во последно време токму ерменската страна не даваше согласност за тоа“, рече министерот. Главно прашање за официјален Баку, според министерот, е целосен отказ на Ерменија од територијалните претензии кон Азербејџан, а мировниот договор треба да ги отстрани сите потенцијални ризици и можности за враќање кон тоа прашање. „За никого не е тајна дека во сите основни документи на Ерменија се’ уште има територијални претензии кон Азербејџан, што е неприфатливо, и тоа е основната пречка за завршување на процесот за склучување мировен договор“, додаде министерот Бајрамов.
ЕУ НЕ Е ЧЕСЕН ПОСРЕДНИК
Доколу Ерменија не добие силна поддршка од Западот се’ ми се чини дека, како што се бараше од нас, и таа ќе мора да го менува Уставот по нарачка од Азербејџан. Кој,пак, сега се повеќе се јавува како регионална сила. Пред се’, поради енергетското богатство, пред кое се поклонува Западот, но и преку поддршката што ја добива од Турција, во прв ред. Азербејџан и Франција се фатени за врат. Баку го обвинуваа за поткупување пратеници во Европскиот парламент и политичари од Европа, но не му фали ништо. Во ноември во Баку ќе се одржи 29 седница на COP-29(Рамковната конвенција на ОН за промена на климата). Азрбејџанските медиуми вчера пренесоа дека ЕУ ја повикуваа азрбејџанската власт да потпише мировен договор со Ерменија до одржувањето на COP-29. Одговорот на азербејџанското министерство за надворешни работи е дека „има сериозни пречки наскоро да се потпише таков договор, а поткопана е и позицијата на ЕУ, како чесен посредник“.
На Русија и е потребен за мир во соседството, па и таа го поддржува Азербејџан. Во прв ред тој, барем засега, не гледа кон Западот, дури и се конфронтира со него. Се разбира за односот на Русија придонесува и Азербејџан кој не го забранува рускиот јазик. Напротив во таа земја има 324 училишта во кои се учи на руски јазик и во кои има 100 илјади ученици. Над 800 илијади ученици го учат рускиот, како втор јазик. На 26 факултети ширум земјата има одделенија на руски јазик во кои студираат 15 илјади студенти. Има филијала на Московскиот универзитет-Ломоносов и медицинскиот универзитет – Сеченов. Се договара отворање на руско-азербејџански универзитет во Баку. Во Азербејџан има најголема руска заедница на Кавказот. Таа брои над 120 илјади Руси. Речиси 1.300 претпријатија се со руски капитал. Над еден милион Русија после 2022 година се преселија и работат во Азербејџан.
Пред извесно време се појавија информации за тоа дека некои земји сакаат да станат дел од БРИКС. Се споменуваа Виетнам, Малезија, Тајланд, Турција. Сега во тој список се најде и Азербејџан. Владимир Путин тоа и официјално го кажа. „Во октомври в Казањ, во рамките на Самитот на БРИКС ќе ни биде задоволство да го видиме Илхам Алиев, во својство на гостин- потенцијален партнер. Алиев ќе присуствува и на Самитот на ЗНД во Москва. Ова јасно зборува за тоа колку бурно се менува, не само регионалната слика, туку и глобалната геополитичка во светски рамки. За заинтересираноста на Баку за членсво во БРИКС зборуваше и азербејџанскиот амбасадор во Москва, Полад Буљбуљоглу. „Се направи голема редица на земји кои сакаат да се присоединат кон БРИКС. Навистна и Азербејџан искажа таква желба. За тоа разговаравме со руските колеги, но тоа е процес и прашањето сега се разработува“, рече тој, одговарајќи на прашањето дали Азербејџан официјално побарал да се присоедини кон БРИКС.
ИЗЛЕЗ НА ИНДИСКИОТ ОКЕАН
Економската соработка меѓу Русија и Азербејџан беше оценета како добра, но може да се направи многу повеќе. Сега размената меѓу нив е над четири милијарди долари. Договорена е стратешка соработка меѓу „Гаспром“ и „SOCAR“. Договорено е заедничко производство на танкери „река-море“ за превоз на производи од нафта на релациите од Касписко море, до Азовско и Црно море. А оттаму и на светските пазари. Нагласен беше коридорот „Север-Југ“, главно железнички транспорт, кој ќе овозможи излез на Индискиот океан. Инаку ова, излезот на Индиски океан, беше желба дамнешна на покојниот руски политичар, Владимир Жириновски. Тој мечтаеше руските војници да си ги мијат чизмите во топлите води на тој океан. Ако не војниците, сега ќе можат тоа да го прават железничарите.
Спомнавме дека можеби е разговарано, во четири очи, и за односите на Русија со Турција. Односите на Путин со Реџеп Таип Ердоган се „заладени“, после некои потези на турскиот претседател. Иако двајцата неодамна се сретнаа на Самитот на ШОС(Шангајската организација за соработка), и беше повторена поканата од Ердоган до Путин, никако да дојде до одамна најавуваната посета на Путин на Анкара. Веројатно има прашања кои треба да се решат, пред да дојде до таква средба. На пример, соработката на Турција со Украина, па ослободувањето на заробените припадници и раководители на екстремната воена формација „Азов“, од егзил во Турција договорен со Русија, и нивно враќање во Украина, за што Русите бурно реагираа . Но засега, и покрај ова и со сите други недоречености, соработката меѓу двете земји продолжува. Има интерес и кај двете страни таа да не се влошува.
Се’ на се’ посетата е потврда дека државните интереси се незаменливи во политиката. Украинците напаѓаат во Курската област. Руската опозиција во странство го критикува рускиот претседател за тоа дека дава лоша порака до населението. Путин, пака, оди во потрага по мир на Јужен Кавказ, за да ја обезбеди Русија од некакво изненадување од тој дел на Кавказот, а Азербејџан да се потврди како регионална сила.
Мирче Адамчевски
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.