РАБОТНИЦИ vs ГАЗДИ: Можеме да работиме и во недела, ама платете ни двојна дневница
Објавено во: Економија 06 Ноември, 2020
И во услови на корона криза, не претсанува општествената дебата околу тоа дали недела треба да биде неработен ден за сите работници, освен за оние во чии дејности не е можно да се прекине работењето или производниот процес.
Откако Владата најави дека го задолжила Министерството за труд и социјала да го подготви законското решение за прогласување на неделата како неработен ден, а Фактор ја отвори темата, пренесувајќи ги ставовите и на синдикатите, и на работодавачите, голем број граѓани реагираат на оваа најава.
Како што е познато, Синдикатот практично ја прослави оваа, за нив своевидна победа, но затоа, пак, дел од приватниот сектор укажа дека земјава не е толку богата за да може да си дозволи во недела да не работат ниту моловите ниту угостителските објекти, бидејќи на тој начин ќе изгуби значаен промет и девизен прилив. Затоа тие препорачуваат неделата да остане да биде работен ден, но дневницата за работење во недела да се плати повеќе за 35 отсто од вообичаената, а потоа во текот на наредната недела за работникот да има еден ден кој задолжително ќе биде слободен.
Владата не открива многу детали. Велат дека Труд и социјала имаат рок од две недели да го подготват законското решение, кое потоа ќе се гледа и на Економско социјалниот совет, каде што учествуваат трите партнери – власта, работодавачите и синдикатите.
Најголем дел од граѓаните сметаат дека неделата мора да биде неработна, и дека така ќе им се помогне на работниците, додека, пак, има и некои спротивни размислувања, иако тие се многу поретки.
„Ова најмногу не им одговара на газдите на конфекциите. Бидејќи со овој закон немa да може толку многу работниците во конфекциите да им бидат своевидни модерни робови на газдите“, пишува еден граѓанин.
Друг, пак, вели.
„Газдите сакаат до толку да го експлоатираат работникот, па ако може 24/7да им работат за мизерни плати“.
Но, има и граѓани кои педупредуваат што би донел законот за неработна недела, доколку не биде флексибилен.
„А кој работник во месецот има месец има 30работни дена??? Со законов, ако не биде флексибилен,ќе останат без работа над 5.000 народ. Ама се уште не сте свесни“, вели една реакција.
Но, други веднаш се спротивставуваат.
„Во голем број земји не се работи во недела, па газдите не банкротираа“.
„Газдите и само газдите, а работниците? Срамота за газдите....“.
„Во мое време исто така не се рабоеше во недела и беше се добро. Се е до навика. Браво за законот“.
„За се има навика и одвика. Не треба да се работи во недела“.
Дел од граѓаните раскажуваат искуства од други држави.
„И сега што?? Ако не сме богата држава, сакаат ли да кажат дека работникот треба да им работи беспари? Глупости невидени, никој не треба да им работи за џабе. Ајде кажете во која држава се работи во недела? Насекаде недела е неработен ден, а во некои држави се сабота и недела. Еве на пример во Австралија. Сабота и недела се неработни денови, но има многу кои работаат во сабота и недела. Продавниците се отворени преку цела година со исклучок на Божик и Велигден, а сите други денови се отворени, освен некои мали продавницикои се затворени само во недела или на државни празници. За сите вработени важи пет работни дена во неделата. Ако некој работи во сабота или недела слободен е други два дена во неделата, што знаци дека не работи седум дена туку пет. Ако има потреба да работи во еден од слободните денови, првите четири часа му се плаќа 1,5 часа за еден час, а преостанатите му се плаќадва часа за еден час. Е сега, како се платени вработенитешто работаат во сабота, недела или на државен празник. Во сабота првите 4 часа, наместо за 1 час му се плаќаат по 1,5 часа, а преостанатите 4, по 2 часа. Во недела сите 8 сати му се плаќаат двојно, што значи работи 8 часа, а му се плаќаат 16 часа. А ако работи на државен празник за 8 часа му се плаќаат 20 часа, плус добива еден ден екстра во годишниот одмор. Па ајдебизнисмените кај нас нека ги отворат кесињата и нека ги плаќаат како овде во Австралија, па нека им работаат и во недели. Ако некој треба да остани да работи повеќе од 8 сати што треба да ги работи за првите четири сати им се плака по 1,5 часа, а преостанатите по 2 сати за секој сат на работа. Сакам да кажам дека секоја минута после работното време ти е платена а не како кај нас сакаат да им работаат и во недели па дури и прекувремено а да не им се плаќа. Е овде за такво нешто постојат големи казни, не 200-500 или 1.000 евра како кај нас, туку казни во милони долари. Пред долго време се вработив во една фабрика, не ми се допадна работата, па после два часа си отидов дома. После две недели ми дојде чек за тие два часа што ги одработив“, коментира еден наш граѓанин кој живее и работи во Австраија.
Има и граѓани кои повеќе се интересираат што ќе биде со оние работници кои и покрај се, ќе мораат да продолжат да работат во недела.
„А тие што работат во недела??? Како ќе им биде сметано,по час,дневница плус, вишок саати,или слободен ден??? Студио??? Или кој како ќе стигне така ќе го протолкува законот, па пак подебелиот крај ќе го извлече работникот“.
Некои од граѓаните, пак, негодуваат на предлогот од работодавачите во недела да се продолжи со работа, но наместо редовната дневница, таа во тој ден да биде зголемена за 35 проценти.
„Од 1.000денари, во недела 1.350 денари. Немој не ме радувај. Срамота“.
„Зарем во оваа земја има Синдикат, кој здушно ќе се бори за работничките права?“, е едно од прашањата.
Некои, пак советуваат „Плаќајте двојна девница во сабота и во недела, па работете“.
„Газдите секогаш и за се што се однесува на проширување на правата на работниците, се и ќе бидат скептични. Неработењето во недела нема којзнае колку да ги намали приходите во нивните џебови, бидејќи и досега доволно ги имаат оштетено работниците, давајќи им само минимални плати“, се вели во една од реакциите.
„Ако им е нормално да не се работи во недела во други држави, ќе прифатат и тука. Тие на скијање за викенд, а други да не можат да бидат еден ден со семејството дома!?“.
„Едно
е сигурно, во изминативе 30 години самостјност на државава газдите се
однесуваат како робовладетели. За работниците често не важат законите, а нем ни
контроли врз газдите од надлежните инспекции, ниту во однос на платите, ниту по
однос на условите за работа и за работното време, крајно време е да се стави крај
на ваквото беззаконие“, вели еден граѓанин.
„Одговорот е прост - газдите се пребогати за да се работи во недела. Од друга страна, семејствата ни се распаѓаат за да мислиме на тоа колку газдите се богати!“, се вели во една од реакциите.
„Кој може и нека работи, но да му се плати двојна дневница“, се вели во една од реакциите.
„А кога била недела работна? Само оние кои станаа газди, ги присвоија фабриките 1998-2002 направени во социјализмот и ги тераат работниците во фабриките да работат“, велат дел од реакциите.
Инаку, додека власта молчи за деталите на законот, се поставуваат и прашањата што ќе биде со работењето во неделите на зелените пазари, трговските центри, или на вработените во дејностите каде што природата на работата не дозволува прекин. Министерството за труд и социјална политика ќе каже набргу повеќе детали.
Нина Нинеска-Фиданоска* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.