28 Септември, 2024
0.0899

Работните места недостижни за лицата со инвалидитет

Објавено во: Анализа 23 Април, 2014

Добивај вести на Viber

Како до работно место? - прашање кое си го поставува дипломираниот филолог  Борјана Златанова. Таа има 33 години и боледува од церебрална парализа. Но тоа не ја спречило да го заврши Филолошкиот факултет во Скопје,  на отсекот Компаративна книжевност. Вели литературата ја сака од кога памети за себе. Сака да чита,  бидејќи само така може да побегне од суровата реалност на лице со инвалидитет,  а без работа. За да се стекнеш со високо образование треба вистински да вложиш труд и знаење. Тоа, вели Борјана, го знаат особено оние кои вистински се испотиле за секоја оценка. Таа не се срами од својот инвалидитет, туку од општествените стеги кои не и помагаат да се бори и самостојно да се снаоѓа низ животот. Откако пред неколку месеци Владата го објави конкурсот за вработување на 300 лица со инвалидитет во државната администрација, кај неа се вратила надежта дека конечно ќе добие шанса за работа, за реализација на нејзините соништа. Но,  тие кратко траеле. На конкурсот била одбиена со образложение дека нема комплетна документација со која ќе го докаже степенот на нејзиниот инвалидитет. Разочарана и навредена, вели дека не сака да биде само бројка,  туку активен член на општеството. „Јас имам церебрална парализа цел живот. Така сум родена. На конкурсот кој беше објавен за лица со инвалидитет мислам дека бев еден од најпогодните кандидати. Во документацијата доставив уредно заверен медицински документ потпишан од тројца субспецијалисти. Јас и да сакам не можам да излажам за својата здравствена состојба. Таа е очигледна. Но, за жал, очигледно е и дека од за мене неразбирливи причини бев одбиена за документ кој дури и денеска не знам каде би можела да го извадам”, вели Борјана. Според неа,  целиот конкурс би бил транспарентен и праведен доколку надлежните се потруделе  пред да го објават да поразговараат со овие лица,  да ги  интервјуираат и на едноставен, а сепак практичен и веродостоен начин да добијат информација кој со каков инвалидитет е,  и за кои работни позиции може да одговори. Вака, изгубени во административните лавиринти, по електронски пат, според Борјана, сè се сведува на парче хартија кое треба да  претставува услов за прием на работа. “Идејата да се примат на државна работа лица со инвалидитет е позитивна и ја поздравувам. Јас не сум против тоа. Напротив, искрено се радувам,  бидејќи знам како е да живеете со  нега од 3800 денари, да зависите од грижата и вниманието  на друга личност. Но,  јас сакам да работам, сакам само да ми биде дадена шанса да го докажам тоа, да покажам што знам и што умеам. Јас имам физички, но не ментален хендикеп. Дури многу посветено и поодговорно би си ја извршувала задачата. Знаете, размислувам честопати, бидејќи постојано сум опкружена со книги, дека во најмала рака можам да надсинхронизирам серии. Со мојата дикција, глас и знаење и  тоа би  го работела, само да  ми  понудат”, вели Борјана. За себе се сеќава дека секогаш била опкружена со книги и литература. Целиот свој живот вложува во образованието. Во тоа најмногу и помагала нејзината мајка која е почината,но до последниот здив се трудела Борјана да се стекне со квалитетно знаење. “Мајка ми ме  носеше од населбата Бутел во која живееме, до населбата Ѓорче Петров во училиште, во гимназија, бидејќи пред десетина-петнаесет години  во училиштата ретко каде  имаше пристапни рампи за инвалиди. Сето тоа беше трошок за нас, но мајка ми го сакаше најдоброто за мене. И јас и враќав со тоа што многу учев, се трудев да добијам знаење. Постојано се зборува за инклузивен процес во кој активно ќе бидат вклучени лицата со инвалидитет, но се наметнува прашањето зошто токму тие не работат како наставници на пример, па да можат своето знаење да го пренесат на другите? Јас сум сигурна дека можам своите стекнати знаења да ги пренесам на децата“, вели Борјана Златанова. Иако завршила со студии лани во септември, поради административните лавиринти Борјана уште ја чека  дипломата од Филолошкиот факултет “Блаже Конески”. Но, тоа не ја  обесхрабрува. Битката не е завршена. Ведра и упорна,  вели дека ќе продолжи да се бори низ животот, со упорност, со желба и знаење. Нејзиното учење не сопира тука. Вели, следните планови се да се запише на постдипломски студии. Таа е активен член на Здружението на студенти и младинци со хендикеп. Верува дека преку својот личен пример ќе ги охрабри останатите,а  со подршка на нејзината сестра која најмногу и помага, ќе успее во својата неостварена желба - да најде работа.