РАБОТНОТО ВРЕМЕ НЕМА ЕФЕКТ ВРЗ ЗДРАВЈЕТО: Угостителите велат - исцедени сме, бараат работењето да продолжи до 23 часот
Објавено во: Економија 14 Јануари, 2021
Нема информации дали и кога ќе заседава Комисијата за заразни болести, за да донесе одлука дали евентуално може порано да се врати работното време на угостителските објекти до 21 часот, наместо до 18 часот како што е сега, но и дали може да се продолжи работењето на локалите за дополнителни два часа, до 23 часот.
Извори на Фактор од Комисијата за заразни болести велат дека е многу тешко да се очекува дека работното време на угостителските објекти ќе се продолжи пред 21 јануари, кога по автоматизам би се вратило до 21 часот.
Комисијата се уште не е свикана, а и не се знае кога би била, меѓу другото и поради здравствената состојба на нејзиниот претседател, д-р. Жарко Караџовски.
„Не е дискутирано тоа прашање на Комисијата за заразни болести. Ние не сме имале ни состанок во последниве денови. Не знаеме кога ќе не свика министерот Венко Филипче, така што околу прашањето за продолжување на работното време на угостителските објекти, најдобро е да прашате кај министерот. Инаку, ние како Комисија за заразни болести ги следиме бројките и ќе видиме каква ќе биде епидемиолошката состојба во следниве денови“, вели член на Комисијата за заразни болести.
Согласно последната мерка која Владата ја донесе на 18 декември, на локалите и на рестораните работното време им се скрати само до 18 часот, и таа одлука е предвидено да важи се до 21 јануари.
Пред извесен период министерот за здравство Венко Филипче изјави дека состојбата со вирусот е прилично стабилна и дека ако остане вака, на рестораните ќе им се врати работното време до 21 часот. Тоа беше причина угостителите да побараат мерката да биде укината и работното време да се продолжи веќе од сега, наместо да се чека 21 јануари. Тогаш министерот Филипче изјави дека нивното барање е логично и дека ќе биде разгледано на некој од следните состаноци на Комисијата за заразни болести.
„Ова скратување на времето дополнително, иницијално кога беше донесено минатиот месец, рековме дека ќе биде до 21 јануари, кога практично и завршуваат прославите, верските празници и тогаш веќе по автоматизам се враќаат на работното време до 21 часот. Ние ќе го разгледаме барањето дали би можело да се продолжи за уште два часа“, нагласи тогаш министерот.
Од
друга страна, угостителите со кои разговараше Фактор, велат дека токму согласно
со намалувањето на бројките на новозаболени во наредниот период, се очекува
здравствените власти да одобрат продолжување на работното време на локалите и
рестораните не до 21 часот, туку макар до 23 часот, ако веќе не може да се
врати старото регуларно работно време.
„Во текот на минатиот период се увиде дека кратењето на работното време на угостителските објекти е беспредметно, бидејќи тоа има исклучително негативен ефект врз нашето работење, но нема никаков позитивен ефект врз здравјето на граѓаните. Односно, без разлика дали еден локал работи до 18, до 21 или до 23 часот, доколку во него се почитуваат сите правила, како што се дистанца меѓу масите и столчињата, носење маски кај персоналот, како и дезинфекциски средства, нема да има никаква разлика“, вели Мартин Ангеловски, потпретседател на Туристичко угостителската комора при ССК.
Единствено оваа мерка би вродила плод доколку работно време до 18 часот важи за сите економски оператори, и тогаш, според него, би имало навистина голем ефект. Но, сега сме сведоци како граѓаните после тој период се многу густо сконцентрирани по молови, или на други места, што не помага во превенција од ширење на вирусот. Иако, како што нагласува, никој од угостителите нема ништо против тоа да работат и другите економски оператори.
„Јас тврдам дека речиси во 99 отсто од угостителските објекти се почитуваат мерките и протоколите за заштита на здравјето на граѓаните, иако некаде, во некои помали места каде што нема толку чести контроли, можеби има одредени отстапки“, вели Ангеловски.
Тој за Фактор објаснува дека угостителите, поради скратеното време до 18 часот, се соочиле со многу проблеми, односно големи тешкотии во обезбедување на ликвидноста, а во исто време и со големи трошоци, бидејќи, како што објаснува, плати на работниците мора да им се исплатат, без разлика дали се работи до 18, до 21 или до 23 часот.
„Ние кои што држиме објекти за свадби барем знаеме дека не работиме и не смееме да работиме и дека нашите приходи се нула, но во локалите, со работото време до 18 часот, само се прават поголеми трошоци отколку приливи“, објаснува Ангеловски.
Затоа, тој смета дека иако министерот Филипче рече дека после 21 јануари работното време ќе се продолжи до 21 часот, угостителите ќе бараат тоа да биде до 23 часот.
А од друга страна, мора да се притисне и врз власта побрзо да го донесе петтиот економски пакет на мерки за помош на стопанството и за субвенционирање на платите, бидејќи јануари кко месец останува непокриен, а тоа се случило и со неколку месеци од претходната година.
„Мора да се притисне врз власта мерките од петтиот пакет кои ќе се однесуваат на првиот квартал, да се донесат до 15 јануари. Во моментов ја чекаме државната помош за исплата на плати за декември. Без владини мерки, многу е тешко да се преживее оваа криза, бидејќи приходите се многу намалени“, објаснува Ангеловски.
Неодамна, лекарот од Универзитетската клиника за токсикологија, д-р Нико Беќаровски реагираше на причестувањето на православните верници за празникот Божик. Според него, причестувањето е поопасно за ширење на вирусот од работењето на кафеаните.
„Сите вие кои вчера со една иста лажичка по храмовите се причестивте, го обесчестивте десетмесечниот деноноќен труд на белите мантили. Кога на 19 јануари ќе ви требаат белите мантили, а не црните мантии, ние ќе се ‘бањаме’ за да симнеме дел од потта под скафандерите и талкот под ноктите. П.С. Отворете ги кафеаните, таму барем даваат една лажичка за еден гостин“,напиша тој на својот фејсбук профил.
Нина Нинеска-Фиданоска* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.