05 Декември, 2025
0.0343

Интервју Рафаел Клеменс Барт – претседател на Управниот одбор на CIOS ГРУПА

РАФАЕЛ БАРТ ОД ЦИОС - ВО ИНТЕРЕС НА МАКЕДОНИЈА Е ДА СЕ ПОСТИГНЕ РЕШЕНИЕ, ДОЛГОТ Е ЗАГАРАНТИРАН

Објавено во: Интервјуа 21 Октомври, 2025 11:01

Добивај вести на Viber

Господине Рафаел Клеменс Барт, долгот на Македонски железници кон вашата компанија остана нерешен повеќе од две децении. За потсетување, првично овој долг беше пренесен од Хрватски државни железници и во 2010 година легално продаден како побарување на компанијата CIOS. Како го толкувате фактот што институциите во Македонија сè уште не презеле чекори за конечно решавање на ова прашање?

БАРТ: Како актуелен претседател на Управниот одбор на CIOS ГРУПА, ја сметам оваа ситуација за многу сериозен проблем. Побарувањата од Македонски железници произлегуваат од глобалниот и неглобалниот биланс – транспортни приходи од железнички услуги – кои потекнуваат од периодот меѓу 1991 и 1995 година. Основниот долг, во износ од приближно 3,85 милиони евра, до крајот на 2023 година нарасна на повеќе од 25 милиони евра со камати. Секоја година се додаваат околу 2 милиони евра нови камати, едноставно затоа што не постои никакво порамнување. Веќе 15 години, моите претходници во CIOS ГРУПА бараат дијалог и преговори за порамнување, но институциите не покажаа ниту интерес, ниту иницијатива да се најде решение и да се сопре ова непотребно зголемување. Сепак, ние остануваме посветени на пронаоѓање фер, остварливо и задоволително решение за двете страни – преку вонсудско порамнување. Многу е важно да се напомене дека износот од 25 милиони евра се однесува на 2023 година – годината кога CE-ZA-R, хрватската членка на CIOS ГРУПА, поднесе тужба. Преговори се бараа од 2011 година сè до септември 2023 година, кога случајот конечно беше пренесен на суд, бидејќи не беше можно да се постигне надворешно порамнување — нашата спротивна страна (Владите во Македонија) не покажа никаква волја за тоа.

Дали вашата компанија сè уште е подготвена да влезе во преговори и да го реши долгот преку договор?

БАРТ: Да, секако, ние и понатаму сме отворени за пријателско порамнување. Како што дознаваме од медиумите, во изминатите години биле постигнати договори со други меѓународни железнички компании за подмирување на долговите на Македонски железници, со структуриран распоред за отплата и државни гаранции. Подготвени сме да преговараме во рамките на разумни услови, под претпоставка дека ќе бидат почитувани нашите правни и финансиски права. Многу е важно да се нагласи дека ние правно ги купивме сите преостанати долгови, гарантирани од HŽ Cargo, а со тоа и од Хрватската држава, уште во 2010 година.

Ако не се постигне напредок во преговорите, дали сте подготвени да го продолжите судскиот процес до крај?

БАРТ: Наш приоритет секогаш е дијалогот и постигнување договорено решение. Судскиот процес е веќе во тек од неговото поднесување во 2023 година, при што се одржаа неколку рочишта за презентирање докази и експертски извештаи. Главното рочиште е закажано за крајот на октомври 2025 година. Додека правниот процес продолжува, ние остануваме отворени за постигнување заемно прифатливо решение во духот на добра соработка со Република Македонија. Цврсто веруваме дека договорното решение би било во интерес на двете страни, повеќе отколку продолжена правна битка. Тоа, исто така, треба да биде и во интерес на Република Македонија, како краен должник.

* Македонска берза и оваа година во соработка со Фактор доделува повеќе награди во различни категории за „Акција на годината“ при тргувањето со хартии од вредност.
Еден од критериумите за доделување на признанијата ќе биде и мислењето на јавноста. Гласањето ќе се одвива до 12 декември, а предвиден термин за доделувањето на самите награди е 23 декември.
Од таму, може да гласате за едно од следните котирани друштва: