Добивај вести на Viber
Градбите кои се дел од проектот „Скопје 2014-та“ не се квалитетни и за 10 години ќе бидат во лоша состојба, вели претседателката на Асоцијацијата на архитекти Сања Раѓеновиќ - Јовановиќ во неделното интервју за Радио Слободна Европа.
„За десет години сите ќе се чудиме како ќе изгледаат тие објекти, особено што на старите објекти, што под етикета дека се прават енергетски ефикасни објекти, што апсолутно не е точно, се ставаат само стиропор фасади само на онаа страна што е видлива од улицата, затоа што имаат потреба да направат кулиса, а не да се направи објект, а другите фасади што не се видливи се останати такви какво што биле“, вели таа.
Раѓеновиќ-Јовановиќ го објаснува незадоволството на дел од архитектите од овој проект.
„Проектот Скопје 2014-та не е одраз на стручна и естетска студија, туку едноставно е резултат на замисла на нарачателот. Тоа е резултат на кризата на општеството што го живееме секојдневно. Архитектурата не може да биде различна од општествениот момент којшто го живееме, тоа важи генерално и за архитектурата и за уметноста и за скулптурата. Тука има многу вткаено дневна политика од најразлични побуди и со најразлично мотиви за локална употреба и времена злоупотреба за манипулација. Да се биде архитект во ваква ситуација е многу страшно, тоа значи да се доживее пораз и чувството е многу лошо. Мене ми е жал што не успеавме да го спречиме и понекогаш си велам дека ако ја спречиме изградбата на ГТЦ, тоа ќе покаже дека тука некогаш постоеле некои луѓе коишто се бореле против ова и успеале да го сочуваат барем овој објект тука, како некоја енклава“, нагласува претседателката на Асоцијацијата на архитекти.
Истовремено, таа потсетува дека Асоцијацијата уште во јуни поднела иницијатива за референдум за изгледот на ГТЦ до општина Центар, но од таму се уште нема одговор на тоа барање.