Расте интересот за садење маслинки во Македонија, еве што треба да знаете за нив
Објавено во: Агробизнис 11 Април, 2023
Во земјава расте интересот за садење маслинки. Најчесто за ваков агробизнис се одлучуваат млади луѓе. Ги засадуваат во јужните делови на Македонија. Сепак, граѓаните имаат доста дилеми за маслинките, начинот на одгледување и веруваат дека тие ќе виреат само во топлите краеви. Има различни видови на маслинки кои успеваат и се барани на пазарот.
„Просечната годишна температура во зоната на одгледување маслинки е околу 15 - 20°C. Апсолутната максимална температура може да биде до 40 °C без штетни последици за маслинката доколку дрвото е добро снабдено со вода. Минимална температура пониска од -7 °C може да предизвика сериозни оштетувања ако ладењето трае подолго од 8 - 10 дена. Бидејќи маслиновото дрво цвета малку подоцна, послабите рани пролетни мразeви не се толку опасни како за другите култури и е добра за производство. Oд тие причини се појавува интерес за подигање на насади од маслинки. Најсоодветната pH вредност за маслинки е помеѓу 7 и 8. Значи, маслинките можат најуспешно да се одгледуваат на длабоки, добро исцедени, песочно-глинести и глинести почви, неутрални, хумусни и добро снабдени со хранливи материи. Голем дел од населението мисли дека маслинката не може да опстане во нашата земја што е погрешно и затоа во јужните делови од Македонија поточно Гевгелија, Дојран, Валандово се одлучуваат за нивно одгледување. Маслинките може да се садат во секое време од годината доколку се користат садници од расадникот. Засадувањето обично се одвива во октомври за јужните региони и во март-април-мај за централно-северните региони. Немаме точна статистика колку површини се подигнати во Македонија, но почнува да се пројавува интерес и тоа од помладата популација“, вели Лидија Бурназова, раководител на Опитно Поле ФЗНХ Дооел Скопје.
Таа објаснува дека на еден хектар површина луѓето засадуваат од 280 до 300 садници. Зависно од начинот на одгледување, садниците даваат род по неколку години. Бурназова вели дека во полна родност, едно дрвце дава по 40 килограми маслинки. Важно е потхранувањето, соодветно одгледување на садниците и агротехнички мерки.
Ангел Попов од Дојран вели дека неговото семејство повеќе од две децении се занимава со производство на маслинки.
„Овде каламатата највеќе успева, но треба да се види зависно од почвата кој вид маслинка треба да се засади. За да може едно семејство да живее од оваа работа, потребно е да има 200 до 300 дрвца. Треба луѓето да следат литература, да се едуцираат, затоа што има болести, да знаат како да ги заштитат маслинките“, додава Попов.
За младите кои сакаат да засадат маслинки им порачува дека ова е макотрпна работа, дека треба да поседуваат знаење, да имаат трпение, затоа што дрвцата после 4 години раѓаат, но со текот на годините понатаму имаат побогат род. Во светот Шпанија и Италија се во самиот врв по производство на маслинки. Турција, Грција, Тунис, Сирија исто така имаат големо производство на маслинки.
Сања Атанасовскаfoto freepik.com/kotkoa
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.