Разузнавачко „братство“
Објавено во: Колумни 05 Август, 2024
На 1 август во Анкара
се случи размена на 26 лица во која од една страна учествуваа САД, Германија,
Полска, Словенија, Норвешка и Русија и Белорусија од друга страна. Домаќин на
настанот беше Турција. Русија и Белорусија дадоа 16, а Западот 10 лица. Тоа
беше најголема размена од времето на Студената војна. На Германија и беа
предадени 13, на САД три лица, а за Москва летнаа 10, меѓу кои и две малолетни.
Сите тие, освен двете малолетни, беа во затвори на Западот, во Русија и Белорусија.
На аеродромите во Мосвка, во Вашингтон и во Келн/Бон, тие беа дочекани лично од
првите лица на државите. Владимир Путин, Џо Бајден со Камала Харис и Олаф Шолц.
Зад размената стојат долги подготовки, далеку од очите на јавноста. Некои тврдат дека се разговарало година и пол. А главни играчи беа разузнавачите од тие земји, секако поддржани од официјалната политика. Се потврди правилото дека и во време на најзатегнати односи меѓу државите и во време на војни, разузнавачите се тие кои можат да вршат работи од полза на спротивставените страни. Постои невидливо разузнавачко „братство“. Тие се среќаваат си пренесуваат пораки, закани и се договараат. Подобро се разбираат меѓу себе, отколку политичарите. Од Турција доаѓаа вести дека разузнавачи на Русија и на САД и во време на војната во Украина се среќавале на нејзино тло. Политичарите можеби нема да сакаат да се видат, ама кога треба во тајни мисии ги испраќаат разузнавачите.
Така беше и сега. Долго време се зборуваше дека имало подготовки за размена на затвореници, меѓу Русија и САД, но ништо немаше во јавноста од тоа. Меѓу редови рускиот претседател Путин во интервјуто со Такер Карлсон го спомна американскиот новинар, кој беше во руски затвор, Еван Гершкович. Карлсон се надеваше дека Гершкович ќе биде ослободен за време на неговиот престој во Москва. Но Путин само наметна дека работите треба да се остават да се водат од луѓе задолжени за тоа, патем спомнувајќи дека и Русија е заинтересирана за враќање на нејзини луѓе од затвор на Запад. А луѓето задолжени за таа работа се разузнавачите.
ЗАДОВОЛСТВО ОД РАЗМЕНАТА
Ако тогаш немаше волја од сите страни за размена на затвореници, по неколку месеци работите созреаја. Пазарот заврши. Нема веќе еден за еден, како што беше за време на Студената војна. Во игра беше паритетот. 16 руски затвореници вредат колку осум западни. Од Русија заминаа за Германија, во најголем број, осудени опозиционери и политички противници на власта. Во САД покрај Гершкович, уште двајца американски државјани. Во Москва слетаа, главно, припадници на разузнавањето, меѓу кои и еден осуден во Германија за убиство на припадник на чеченските борци за независност од Русија. Никој не спомна колку е законски се’ она што се направи. Кога работат разузнавачите, за нив се прилагодуваат и законите. Па така од Русија луѓето беа протерани, иако некои сакаа да останат во затвор, без да бидат помилувани. Едноставно не ги потпишувале документите за помилување, кои им биле понудени. Во Германија државниот обвинител жестоко реагираше на одлуката за слободување на затвореникот, кој беше осуден на доживотен затвор. Па се нашло решение, за да се задоволи законот, дека затвореникот не се ослободува, туку се депортира!
Размената на затвореници донесе задоволство. Пред се на Западот, н не помалку и во Русија и покрај тоа што таа доби помалку затвореници. Се чини дека најзадоволни се Турците. Тие уште една покажаа дека можат да бидат одлични посредници. Не само околу војната во Украина. Националната разузнавачка агенција со завршената работа само го потврдува она на што сме сведоци. Турција, претседателот Ердоган, може и натаму да се гордее со својата геополитичка улога. Таа е регионална сила и игра важна улога во многу политички процеси. Од посредување меѓу Русија и Украина, навлегување во Средна Азија, поддршка на туркофонските земји, па и поддршка на територијалните аспирации на Азербејџан. Нормално водител на ваквото однесување на Ердоган е интересот, пред се’, на Турција. Почитувањето на националниот интерес ја прави Турција фактор на мирот, но и на војната во тој дел од светот.
Американското издание Politico, размената ја нарече „подарок“ за демократската партија во предвечерието на ноемвриските претседатески избори во САД. Веројатно тоа е првенствениот интерес на Џо Бајден. Да покаже дека Америка е демократска држава, која се грижи за демократиите ширум светот. Според него „Зделката која го направи тоа можно, беше резултат на дипломатијата. Многу држави помогнаа да ја постигнеме целта. По мојата молба тие се присоединија кон тешките преговори..“ За Бајден е важно што зделката вклучува во себе ослободување на руски политички затвореници. Луѓе кои се застапувале за демократија и правата на човекот, а кои биле затворени од нивниот лидер. Па САД помогнале да бидат ослободени. Доналд Трамп, пак, ја критикуваше размената како лоша зделка, сомневајќи се дека се платени пари за неа.
„ПАС“ ОД КРЕМЉ
Интересот на Русија е враќањето на разузнавачите и ослободување на долго време од опозиционерите кои по излегувањето од затвор можеа да и’ прават проблеми на власта, па таа ќе мораше одново да посегнува со закани од нови затворања. „Своите не ги отфрламе“ е мотото и на оваа зделка. Путин најави дека ќе ги награди со државни награди ослободените, кои им останале верни на дадената заклетва, на својот долг и родината. Тој заблагодари на белорускиот претседател Александар Лукашенко за помилување на германскиот граѓанин осуден на смрт, а им оддаде признание на раководствата на сите земји, кои помогнаа во подготовката на размената. За Шолц, пак, „решението да се депортира осудениот на доживотен затвор за убиство, било ставено наспроти слободата, опасноста за животот на невино осудените во Русија“.
Големата размена на затвореници породи верзии дека може да дојде до промени во односите меѓу Западот и Русија. Се’ до договор за прекин на војната во Украина. Ова е за оптимистите. Размени имало и ќе има. Па, Русија и Украина постојано разменуваат воени заробеници, ама војната продолжува. Оттука, размената може да се оценува како потез, добро одмерен од страна на САД, и во прилог на Русија. Бајден не случајно уште во февруари во Вашингтон му го наметнал прашањето на Шолц за рускиот затвореник во Германија, а пред извесно време разговарал и со претседателската на Словенија. Се смета дека размената може да биде и „пас“ од Кремљ за демократите во САД, кој може да се искористи во предизборната кампања на Камала Харис. Истовремено да избрише една од тезите на Трамп, дека кога тој ќе дојде за претседател веднаш ќе ги ослободи американските затвореници во Русија, притоа обвинувајќи го Бајден дека е неспособен за такво нешто. Дали зад овој гест на Путин се крие нешто друго, може само да се нагаѓа. Можеби Украина, преговори за мир, за прекин на огнот? Но и тоа е отворено прашање.
Може ли гласно да се зборува за преговори и мир, а од друга страна да се даваат над две милијарди долари за оружје на Украина? Или, еве сега кога таму стигнаа десетте авиони Ф-16. Тие не доаѓаат да донесат мир. Туку само нова ескалација, со непредвидлив крај. Можеби Владимир Зеленски, претседателот на Украина, намерно постојано зборува за некакви преговори, а во суштина мисли на нова контраофанзива, која би му ги поправила шансите за поправеден мир. Во едно последно интервју тој рече дека се можни преговори со Русија и без условот за враќање на територии. И дека прашањето за враќање територии би било поставено на референдум. Има гледања дека ваквата реторика на Зеленски е за замајување на земјите од Глобалниот југ и Кина, дека еве, Украина е за мир, ама Русија не доаѓа на состанок за такво нешто.
На Украинците, секако, не им е јасно што во крајна линија може да значи размената на затвореници меѓу Западот и Русија. Сомнежите дека разузнавачите можеби пак ќе се вклучат во некаква зделка околу Украина не можат да бидат без основа. Бајден постојано вика „Ништо за Украина, без Украина“, но можеби тој ќе сака да го избие и последниот адут на Трамп околу војната дека за 24 часа ќе донесе мир во Украина. А тоа би се направило со некаков договор со Русија. И тоа до 5 ноември. На Бајден во моментов изборите за претседател му се многу поважни од Украина. Колку и да се болни или грешни, американските претседатели секогаш ја ставале Америка над другите интереси. Своевремено и Ричард Никсон, кога беше притиснат од доказите за тајно мешање во работите на демократите и кога беше најавено дека ќе се покрене инцијатива за негово отповикување, се обрати до јавноста со повик дека Америка е над се’ и се повлече од претседателската функција. Да не заборавиме дека Украина преживува благодарение на странските пари и оружја. А пред се’ од САД.
Оттука, се’ ќе зависи од тоа какви ќе бидат интересите на сојузниците на Украина. Судејќи, според дочекот на затворениците на аеродромите од страна на највисоките политичари, со црвени килими и почесна стража во Русија, размената повеќе треба да се сфати како пропагандистички потег, за внатрешна употреба, отколку за некаква подготвеност за поблиска соработка. И дека се’ е направено на задоволство на страните вклучени во размената. Па, според тоа, Украина и не мора да биде многу загрижена од договорената размена на затворениците. Се’ додека не почувствува дека во игра се вклучуваат разузнавачите.
Мирче Адамчевски
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.