Реконструкцијата на „Копанки“ ќе започне на пролет, помош ветува и општината
Објавено во: Македонија 01 Февруари, 2013
Општината Битола ќе даде максимална и конкретна помош за реконструкција на планинарскиот дом „Копанки“, најави градоначалникот Владимир Талески кој денеска со локален стручен тим од архитекти, геометри, правници, економисти, урбанисти, градежници и други експерти го посети опожарениот дом на Баба Планина.
„Констатиравме стопроцентна оштета на објектот што ќе треба целосно да се расчисти за успешно да се реконструира. Објектот во моментов е заштитен и се истражува, а од денеска врз основа на сите законски надлежности ќе преземеме мерки за санација на планинарскиот дом. Потребна е изработка на проект за реконструкција со финансиски план за како општина да понудиме максимална и конкретна помош. Штетата е голема бидејќи се однесува и на имиџот на едно од најголемите обележја на Пелистер што поврзува многу генерации со многу пријателства“, рече Талески.
Општина Битола со почетокот на градежната сезона ќе ја интезивира реконструкцијата на планинарскиот дом „Копанки“ што се наоѓа на надморска височина од 1.600 метри и до кој во зимски услови се стигнува само со активната жичарница или ратрак. За време на денечната посетта на „Копанки“, Талески истакна и дека надлежните национални институции треба да ја зголемат грижата и одржувањето на регионалниот патен правец Битола-хотел „Молика“ и да го санираат свлечиштето на еден дел од патот кој го отежнува сообраќајот во двата правци. Инаку Копанки изгоре во пожар кој избувна во понеделникот кога огнот ги пеплоса и двата ката со покривот. Останаа само потпорните ѕидови издигнати од камен, а штетата се проценува на околу 250.000 евра.