29 Септември, 2024
0.0282

РЕКОРД: УСЈЕ ќе исплати 37,5 милиони евра дивиденда!

Објавено во: Анализа 27 Септември, 2014

Добивај вести на Viber

Од тие пари најголемиот акционер, холандската компанија која е дел од групацијата „Титан“ ќе добие 35,56 милиони евра, а во земјава ќе останат 6 милиони евра од кои 4,16 милиони евра се за данок, а 1,84 милиони евра се дивиденда за македонски акционер. Скопската цементарница „УСЈЕ“ ќе подели 37,5 милиони евра дивиденда на своите акционери. Со тоа целата нераспределена добивка на компанијата од минатите години што се акумулирала, сега ќе биде исплатена како дивиденда. Ова е исклучителен случај и веројатно, според неофијалните податоци со кои располага Фактор, е преседан при што котирана компанија одлучува целата нераспределена добивка да ја исплати во форма на дивиденда. Вака одлучија вчера сопствениците на акциите на оваа компанија и одлуката ја објавија на интернет страницата на Македонската берза за хартии од вредност. Секоја акција на „УСЈЕ“ носи дивиденда од 4.094 денари што претставува принос од 20,5 отсто од последната пазарна цена на таа акција постигната на Македонската берза за хартии од вредност. „УСЈЕ“ е успешна компанија која се занимава со производство на цемент и други градежни материјали. Доминантен сопственик на таа компанија подолго од 15 години е холандската компанија „Титан Цемент“ која е дел од групацијата „Титан“, со доминантен грчки сопственик, еден од најголемите производители на цемент во континенталниот дел на Европа. Холандската компанија „Титан Цемент“ поседува 94,84 отсто од акциите во македонската „УСЈЕ“ што значи дека ќе добие 35,56 милиони евра дивиденда од нераспределената добивка на скопската цементарница. Според официјалната евиденција на Централниот депозитар за хартии од вредност во УСЈЕ акциите имаат 197 домашни физички лица кои поседуваат 4,9 отсто од капиталот. Тие акционери ќе поделат 113,13 милиони денари односно 1,84 милиони евра. Во земјава ќе останат уште 256,5 милиони денари односно 4,16 милиони евра колку што ќе бидат задржани за плаќање за данок кон државата за исплата на дивидендата. Како што објавивме неодамна, Цементарницата „УСЈЕ“ е една од најуспешните домашни компании чии акции котираат на Македонската берза затоа што во првите шест месеци годинава оствари добивка од 789,2 милиони денари (12,8 милиони евра) и во споредба со истиот период лани е зголемена за 28 отсто. Во првата половина на годинава „Усје“ ја зголемил продажбата на домашниот пазар за 260 милиони денари односно за 15 отсто, постигнал ниво на продажби од домашен пазар од 1,71 милијарди денари. На странските пазари успеал да го одржи идентичното ниво на продажби како и лани и тие изнесуваат 265 милиони денари. Значајно е тоа што оваа компанија нема воопшто кредитна изложеност, што може да се види во билансите на компанијата. Р.Ф.