Ременски најави кривични за Поповски и Спасов, тие го возвраќаат ударот со тужба
Објавено во: Македонија 01 Ноември, 2016
Министерката Ременски јавно да се извини за лагите кои ги изнесе, реагираат денеска од Агенцијата за вработување откако таа најави кривични против Спасов и Поповски и побара нивни оставки.
Оттаму посочуваат дека министерката немала дигнитет да бара оставки.
„Техничката министерка за труд и социјална политика, Фросина Ташевска Ременски денеска одржа прес конференција за медиумите која всушност беше обид за црна политичка кампања која нема никаква поврзаност со реалните факти. Изнесе мноштво дезинформации и непознавања за она што го говори на сметка на Агенцијата за вработување. Сите постапки за кои говореше техничката министерка се во рамки на законските процедури. Ја повикуваме во рок 48 часа јавно да се извини за изнесените лаги во спротивно ќе и биде поднесено тужба согласно Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета“, се вели во реакцијата од АВРМ.
Претходно Фросина Ташевска Ременски изјави дека во МТСП не постојат документи со кои би се докажале тврдењата на директорот на АВРМ Влатко Поповски оти постои договор со кој расположливи службени моторни возила од Агенцијата се ставаат на располагање на Министерството.
Според неа, Правилникот на АВРМ не дава можност тој да дал овластување за користење на возилата на лица кои не се вработени во Агенцијата.
Ташевска Ременски најави и кривични пријави за Поповски и дополнителниот министер за труд и социјална политика Диме Спасов и побара тие да се повлечат од функциите што ги извршуваат, поради незаконското работење поврзано и со сообраќајната несреќа во која учествувал и Спасов.