Реплек оствари 42 отсто раст на приходите од продажба - годинава растот ќе продолжи со освојување на нови пазари
Објавено во: Економија 12 Јануари, 2024
„Репек АД“ оствари раст на консолидираните приходи од сегментот фармација, со што реализацијата на Годишниот план на компанијата за 2023 година е надминат и изнесува 100,5 отсто. Консолидираните приходи од продажба реализирани во 2023 година изнесуваат над 25 милиони евра и пораснале за 42 отсто или за 7,4 милиони евра. Продажбата на странските пазари порасна за 43 проценти и изнесува 19,7 милиони евра, а во однос на минатата година вредноста на продажбата на овие пазари е зголемена за 6 милиони евра. Позициите на компанијата се зајакнуваат и на домашниот пазар, каде што е остварен раст од 37 отсто во однос на 2022 година, со реализирана продажба во износ од 5,4 милиони евра, односно зголемување за 1,45 милиони евра.
„Реплек АД“ е извозна компанија и на над 20 странски пазари пласира повеќе од 78 отсто од своето производство во фармацевтскиот сегмент. Со своето портфолио компанијата е присутна на пазари во земји членки на ЕУ, Адриа регионот, во земјите на Блискиот исток, во Африка, Југоисточна Азија,како и на пазарите во ЗНД. Дел од производите на компанијата од фармацевтската програма се меѓу најпродаваните на дел од пазарите, што е директна потврда за квалитетот и високата конкурентност на глобално ниво и го докажува потенцијалот за натамошен раст и развој.
„Успехот на компанијата и заокружувањето на една успешна година се должи на стратешката развојна политика, во чии рамки инициравме храбри транзициски процеси кои ги подобрија и зајакнаа перформансите на компанијата. Ние цврство веруваме дека промените и напредокот започнуваат од внатре, а оваа нова компаниска енергија веќе е препознаена на пазарите. Имаме амбициозни планови и ова е само почеток на нивна реализација. Цврство веруваме во нашето портфолио на чие збогатување посветено работат нашите фармацевтски тимови и уверени сме дека нашата посветеност ќе донесе дополнителен раст на компанијата, но и ќе придонесеворазвојот на целокупната македонска економија“, истакна Душан Пецовски, главен извршен директор на „Реплек АД“ Скопје.
„Реплек АД“ минатата година за прв пат објави и предлог среднорочна дивиденда политика, која се темели на остварување годишна профитабилност на друштвото во распон од 60 осто до 150 отсто од последниот тригодишен просек, континуирано намалување на релативното ниво на задолженост и проширување и осовременување на работењето преку инвестирање. Преку овој стратешки акт се овозможува поголема предвидливост на исплатата на дивидендата на подолг временски период, што ќе обезбеди и поголем прилив на свеж капитал во компанијата, правејќи ги акциите на компанијата атрактивни за инвеститорите.
Компанијата продолжува со инвестиции и модернизација, со посебен фокус на фармацевтскиот сегмент и зајакнување на позициите на портфолиото на странските пазари.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.