28 Септември, 2024
0.0237

РЕПОРТАЖА: Во ШТИП се бара стан повеќе и место на факултет, заживеа ли центарот на истокот?

Објавено во: Анализа 25 Мај, 2014

Добивај вести на Viber

Штип, градот под Исарот полека, но сигурно го враќа сјајот, со интенција вистински повторно да се искачи на пиедесталот како центар на Источна Македонија. Некогашниот македонски Манчестер како што го нарекуваа во времето на поранешната СФРЈ, од осамостојувањето на Македонија постепено тонеше во секоја смисла на зборот - од економска до духовна природа. А, да не беа Макфест и познатата пастрамајлија, голема беше опасноста градот да биде оставен на забот на времето..Се менуваат ли работите? Потенцијали има, но зошто Штип и штипјани не ги користат. Од бањски до религиски туризам, од археолошки до образовен. Многу малку е потребно за градот да блесне во сиот свој сјај. Ќе го врати ли Штип повторно назад приматот на центар на Источна Македонија. Главен предуслов е економијата, иако се чини дека полека се придвижува, сепак предизвици и потешкотии постојат. Речиси до вчера, штипјани мака мачеа дури и со водата и тоа во 21- иот век, денес со адаптирањето на филтер станицата за прифаќање на површниските води, проблемот со вода за пиење е решен во следните 50 години. Од некогашните гиганти „Македонка“ и „Астибо“ кои беа стожер на штипската економија денеска останаа само зданијата Некогашниот македонски Манчестер, денеска е полн со конфекции. Од двата некогашни гиганти во Југославија, „Македонка“, „Астибо“ и „Баргала“, кои практично беа стожер на штипската економија денеска останаа само зданијата. Штип и штипјани изминативе две децении тешко се привикнуваа на суровиот капитализам. Денеска во двете најголеми фабрики има повеќе приватни конфекции, иако работат во полн капацитет, сепак најголем предизвик и понатаму се ниските плати. Генерално, не повеќе од 200 евра се месечните примања за работниците. Денови на модата во Штип Според податоците на „Фактор“, во Штип има околу 65 - 70 конфекции, иако во групата на најстари, најпознати и најетаблирани ги има околу 20 - тина. Предизвик за поголем дел од нив е да се направи сопствен прозивод, бидејќи најголем дел работат лон произвдство за Холандија, Белгија, Шпанија, Германија, Австрија. Но, полека се раѓаат брендови каква што е и обновата на Астибо. За прв пат, по 20 години, лани во септември беа организирани и денови на мода со цел промоција на текстилното проиозводство. Десетина елитни конфекции, во текот на три дена ги претставуваа новите модели, а посетителите имаа и органзиирани тури за шопинг по пониски цени. „Се уште во Штип, во сабота и недела егзистира т.н. „штипинг“ кога многумина од други градови во Македонија доаѓаат да купат текстил и обувки, да останат на ручек пак да потрошат помалку отколку во Скопје“, велат штипјани со кои разговараше „Фактор“. Дојдоа и странски инвеститори „Најголемата странска инвестиција во Штип е „Џонсон Контролс“, која вработи 1450 луѓе. Дополнително, во градот се приватизирани фирми со странски сопственици. Таков е примерот со дел од произвиодството во некогашна „Македонка“ каде влезе турската фирма „Јагјамезлер“, во ТИР - зоната веќе треба да се гради нова фабрика на хрватски Кумал за произвдство на градежни матѕеријали, а штипската фирма „Актива“, во соработка со белгиски Ванхол започна со изградба на две фабрики за производство на автобуски каросерии. Имаме странски инвестиции и конфекции во сопственост на странски фирми“, вели Драган Ристов, советник за односи со јавност во општина Штип. Невработени само 2450 штипјани Официјалната статистика покажува дека во Штип како невработени се водат само 2450 лица. Бројката од година во година се намалува, само до пред осум години невработени биле 12.700 штипјани. На пазарот на труд во Штип недостасува женска работна рака, таа е дефицитирна, некои од конфекциите вработуваат и луѓе од околните градови Свети Николе, Пробиштип, Кочани. Ако ги прашате штипјани тие ќе ви кажат овде жените работат во конфекции, мажите возат такси, а другите се на факултет. „Има нешто и во тоа, но полека се става ред. Имаме и прехранбена индустрија, „Макпромет“ и „Европа“,неколку години произведуваат за Американски пазар, фабриката за масло за јадење „Брилијант“, имаме винарии, имаме дрвна индустрија, металопреработувачка, само што таквата квалификација е еден вид на стреотип. Тоа е исто кога ќе се каже Кавадарци, па сите мислат дека освен грозје и вино, таму нема ништо друго. Значи перцепцијата на луѓето е таква, но факт е дека има и други сектори“, објаснува Ристов. Некогаш анемичниот Штип ги избрка младите штипјани? Иако, нема официјално бројки, сепак голем е бројот на штипјани кои изминативе години ја напуштија Македонија. Не е мал бројот и на такви кои заминаа во Скопје. И денес можеби постои желба да се работи надвор од Македонија, многу од младите излезот од тешката економска состојба го гледаат надвор од границите на Македонија. Ристов смета дека ако се избалансира пазарот на труд, ако имаме зголемување на платите, можеби и интересот за работа во конфекциите ќе порасне, па затоа и општината размислува како да се промовираат нови индустриски гранки, попрофитабилни, а кои ќе бидат предизвик за младите да останат тука. Универзитетот Гоце Делчев го наполни и го раздвижи Штип За Штипјани денес Универзитетот Гоце Делчев е можеби најголемиот, највредниот и најважниот проект за градот. УГД се чини внесе вистинска свежина во Штип, за само шест години се наметна како врвна виоско образовна институција. На него во моментов студираат околу 19.000 студенти, не само од регионот, туку и странци. Сега има и студенти од Турција како резултат на потпишани билатерални договори за соработка, има и студенти од Србија и Бугарија. За дел од штипјани со кои разговаравме најважно е што универзитетот го спречил заминувањето на студенти на бугарските универзитети и масовното земање на бугарски пасоши. Според нив, токму универзитетот е еден вид на брана за таа појава, бидејќи трошоците за да се студира во Штип се далеку помали од оние во Бугарија, младите се во својата земја, оние од истокот и југот се поблиску до семејствата, парите остануваат во Македонија, а најважно е што во штипското стопанство, угостителството и слично постојано има свеж капитал... Хурем султан во Штип Особено внимание во јавноста предизвикуваат турските студенти. Тие се тука неколку години, со договор за билатерална соработка. Ги има нешто повеќе од стотина. Модерни, емаципирани, но и конзервативни. Доаѓаат од различни средини, според Ристов засега одлично се интергирани во општетсвото. Не се проблематични, конфликтни или слично. Ако ги прашате штипјани тие ќе ви кажат, се дружат најчесто меѓу себе, иако има и исклучоци. Го изучуваат и македонскиот јазик. Дополнително, во градот имало и два обида да отворат ресторани или објекти за храна, но и двата пропаднаа. Новото кафуле е именувано како „Хурем султан“ се наоѓа на втори кат зад Трговскиот центар, работи веќе неколку месеци. Најчести гости се Турците, иако, понекогаш има и штипјани иако тоа го прават од љубопитност. Инаку, во кафулето исклучиво се слуша музика од турско говорно подрачје. Побарувачка за станови Во последните две години се градат пет станбени објекти, што е резултат и на побарувачката, а и на присуството на студенти. „Голем дел од оние кои студираат во Штип, а се од помали средини, својата иднина ја гледаат во Штип. Имаат потреба од стан, од дом. За да се задоволи тој апетит, ќе бидат потребни уште најмалку 300 - 500 станови, заради што урбанистички се изготвуваат и нови планови за изградба на нови станбени згради. Интеренсо е што засега, 95% од становите во тие пет згради кои се прават се продадени. Дел од сопствениците на становите се и поимотните штипјани, но има и од други градови, на студенти и слично“, тврди Драган Ристов, советник за односи со јавноста во општината. Градежната експанзија според него значи дека дел од студентите ќе останеле во Штип, ќе се вработеле во градот или ќе отвореле фирми, едноставно дополнува Ристов, тие својата иднина ја гледаат во Штип. Градот ратсе, уверува тој само оваа 2014 година ќе бидат понудени на продажба околу 90 плацеви од кои половина се за куќи. Штип гради и нов имиџ Уредувањата покрај реките Брегалница и Отиња се практично двата клучни проекти на општинта. Градот под Исарот несомнено добива друг, поубав сјај. За една година уредени се два дела од коритото на река Отиња. Партерно уредување, со зеленило и цвеќиња, со мал мост во средината на едниот дел од реката, ова е новото место каде штипјани се релаксираат. Проектот ќе продолжи и слендите неколку месеци, се до комплетно заврпшување. Брегалница исто така доби уреден кеј кај населбата 8-ми ноември, иако не е завршено комплетно. Се гради пешачка патека околу Исарот со која ќе се спојат мостот на  булеварот и Ново Село. Во штипско Ново Село веќе се реконструира куќата на Андонци која држвата ја купи и ја претвора во музеј, се уредува и локацијата кај јаворот каде ќе има и нова црква. Направени се најмалку 20 нови паркови, информираат од општината. Недоволно искористени туристичките потенцијали Градот изобилува со туристички потенцијали, но не се искористени максимално. Колку за информација, во близина на Штип се наоѓа планината Плачковица - идеално место за развој на планински туризам. Тврдината Исар е посебен белег за градот. Културното богатство на Штип е огромно. Во градот и во блиската околина се регистирани над 300 цркви. Гордост на градот е црквата Свети Никола, која е седиште на Брегалничката Епархија. Секако, овде е и црквата Св. Богородица во штипско Ново село, тоа е црквата која крие многу тајни. Таму учителствувал Гоце Делчев, а таму се криеле и комитите. Штипската Саат-кула е споменик на културата од 17 век и е под заштита на државата. Во центарот на градот се наоѓа објект што по својата архитектура потсетува на средновековен исламски пазар - се вика Безистен. Денес објектот се користи за културни перформанси. Во близина на Штип се наоѓа и античкиот град Баргала кој и понатаму е главен извор на материјал од антички период. На излезот од Ново Село - Штип, на десниот брег на реката Брегалница се наоѓаат термоминералните води Кежовица и Л’џите . Денес бањата Кежовица е уредена со базени, постои и центар за рехабилитација. Хемиската анализа потврдува дека температурата на водата е константно 58 степени целзиусови, а истата изобилува со мноштво на минерали.  Во склоп на бањата Кежовица е и одделението за физикална медицина и рехабилитација, кое располага со сопствен капацитет на легла. Штипската пастрмајлија - македонски бренд Штипската пастрмајлија несомнено стана македонски бренд. Секоја година, некаде на средината на октомври општината ја организира познатата Пастрмајлијада. Од година во година манифестацијата добива големи размери. Река од луѓе се слеваат тие три дена во градот под Исарот.  Макфест - белег на градот, годинава се руши традицијата. Зошто? Најреномираниот македонски фестивал на забавна музика Макфест оваа година ќе се одржи во првата недела од јуни, наместо како досега во втората недела од октомври. Фестивалот се враќа на старата шема со две полуфинални и една финална вечер. Нема концизен одговор зошто овој фестивал кој значи многу за Македонија ја руши традицијата. Недостасува убав базен, солиден фудбалски стадион и убава спортска сала Градот кој полека но сигурно го забрзува темпото на живеење е сеуште со истиот градски базен од памти век. Иако, можеби постоеа обиди, сепак Штип не успеаа да изгради модерен базен кој ќе биде привлечен не само за штипјани, туку и за жителите од другите градови. Иако, ФК Брегалница е дел од македонската прволигашка елита, сепак градскиот стадион е далеку од европските стандарди. Дополнително проблем е немањето на соодветна спортска сала во која би се играле меѓународни натпревари. Иако, по економската логика е неисплатлива, сепак Штип заслужува убава спортска сала.   Основни информации:
  • површина: 893 км2
  • површина на градот:13,5 км2
  • населби: 34
  • број на жители во општината: 47 798
  • број на жители во градот: 42 625
  • основни училишта: 4
  • подрачни училишта: 2
  • средни училишта: 5
  • универзитет: 1
  • радио станици: 5
  • тв станици: 2
  • клинички центар: 1
  • индустриска зона: 1
  • аеродром: 1
Р.Ф