Решавачки преговори за судбината на Грција
Објавено во: Балкан 11 Јули, 2015 22:43
Уште еднаш министрите за финансии од Еврогрупата и кредиторите на Грција се собраа за да разговараат за конечниот предлог на Атина. Лидерот на еврогупата Јерун Деиселблум не пропушти да забележи дека се очекува тешка средба со еден главен проблем - довербата. Сега прашањето е дали Европа ќе ги продолжи разговорите со Грција или ќе го остави нејзиниот банкарски систем да колабира, а земјата да западне во банкрот.
Еврогрупата се собра откако кредиторите дадоа позитивна оценка на грчкиот план. „Сеуште не сме подготвени. Постојат некои критики по предлозите во однос на фискалните прашања и реформите. Но тука е и прашањето со довербата и дали може да и се верува на грчката влада дека ќе го исполни она што го нуди“, коментирал претседателот на Еврогрупата.
Сепак шансите за Грција пред почетокот на седницата беа 50 на 50. Повеќето земји се скептични дека Атина ќе ги исполни ветувањата. „Планот е послаб во некои области, но главното прашање е неговата примена“, изјавил министерот за финансии на Холандија, Ерик Вибес.
Министрите сакаат да слушнат конкретни одговори - кога и како, но досега такви не добиле. „Грција продолжува да ветува, но конкретни реформи не се прават во последните пет години“, изјавил Ханс Јорг Шелинг, министер за финансии на Австрија.
Очекувано, најголем скептичар е Берлин. Германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле дури се закани со вето. „Ние не сме подготвени да ги прифатиме сметките, кои се незадоволителни. Надежта за Грција беше уништена во последните месеци на неверојатен начин“, коментирал тој.
Најсилниот поддржувач на Атина е Франција, чии експерти беа испратени од претседателот Франсоа Оланд да учествуваат во изготвувањето на предлогот на кредиторите. Тежок збор ќе кажат европските лидери, кои утре се собираат на Европски совет, за да одлучат за судбината на Грција.
Предлогот на Грција беше одобрен доцна синоќа од парламентот на земјата. Во парламентот Ципрас мораше да се потпре на гласовите на опозицијата, откако дел од неговите пратеници одбија да ги преминат црвените линии и да гласаат за зголемување на даноците и намалување на трошоците. Поради затворените банки во Грција и целосната зависност од Европската централна банка, мерките се единствената шанса за избегнување на банкрот.
„Времето ни истекува во неделата. Не можам ни да се замисли како ќе изгледа земјата во понеделник, ако не завршиме со тоа“, коментирал Вангелос Меимаракис, лидер на „Нова демократија“. 251 пратеници гласаа „за “, а 32 „против“, осум беа воздржани. Меѓу оние кои не го дадоа својот глас, беа членовите на партијата на премиерот - поранешниот министер за финансии Јанис Варуфакис, министерот за енергетика и претседателот на парламентот.
Можеби ќе ве интересира
Вјоса Османи се пофали дека уште една земја го призна Косово
Што вели Рама за идејата на новите членки на ЕУ да им се ограничи правото на вето?
(ВИДЕО) Пратениците во албанското Собрание се тепаа и фрлаа чадни бомби
„МИНИСТЕРОТ НЕ ЗЕМА НИТУ ДИНАР“ Вучиќ: Обвинението против Селаковиќ е срамно и безобразно
„Њујорк тајмс“: Фирмата на зетот на Трамп - Кушнер се повлекува од договорот за изградба на хотел во Србија
Граничниот премин Богородица затворен за сообраќај
Потврден случај на лепра во Хрватска: Почната е задолжителна постапка за вакцинација




