29 Септември, 2024
0.0255

„Албсиг“ нема доволно капитал во гарантниот фонд, од компанијата уверуваат – ситуацијата се надминува

Објавено во: Анализа 14 Август, 2014

Добивај вести на Viber

Откако ревизорите во април оваа година утврдиле дека гарантниот фонд на Друштвото за осигурување АЛБСИГ АД Скопје на крајот од 2013 бил за 824.004 евра помал од минималното ниво пропишано со закон, Агенцијата за супервизија на осигурување на компанијата и дала рок до кога треба да се докапитализира. Од АЛБСИГ, пак, за „Фактор“ уверуваат дека проблемот веќе се надминува и оти друштвото за осигурување работи постабилно од било кога во минатото. Осигурителната компанија „Албсиг“ мора да обезбеди 824.004 евра со кои ќе го дополни гарантниот фонд во согласност со Законот на супервизија на осигурувањето, утврдила независната ревизија која завршила со скенирање на компанијата во април годинава. Агенцијата за супервизија во осигурувањето реагирала и на „Албсиг“ и дала рок да го надополнат гарантниот фонд или ќе следуваат санкции за компанијата, потврди Климе Попоски, претседател на Советот за експерти, орган што управува со Агенцијата за супервизија во осигурувањето. Попоски потенцираше дека на „Албсиг“ му е даден рок во кој треба да обезбеди прилив на свеж капитал, но не кажа до кога е тој рок со образложение дека е деловна тајна.
„Агенцијата за супервизија на осигурување е запознаена со наодите на ревизорскиот извештај и веќе се преземени мерки. Првична мерка е барање за осигурителната компанија да изврши усогласување со законските одредби и да го надомести недостигот на капитал во гарантниот фонд. За ова имаат и одреден рок, но должината на тој рок е во доменот на деловна тајна. Доколку и по истекот на рокот не се усогласат, законот пропишува и други мерки како санкции за акционерите, принудна управа и слично, а ликвидацијата на друштвото е последна мерка во ваква ситуација“, соопшти за „Фактор“ Климе Попоски, претседател на Советот на експерти, орган што управува со Агенцијата за супервизија во осигурувањето.
Ревизорите во белешките кон нивниот извештај заклучиле дека заклучно на 31 декември 2013 година вкупниот капитал на друштвото изнесувал 2.175.996 евра и друштвото не го исполнува законски пропишаниот минимум од 3 милиони евра во однос на гарантниот фонд што компанијата, согласно со законот, мора да го поседува за да може да работи и да исплаќа штети на своите клиенти. Генералниот директор на компанијата Хашим Реџепи вели дека ревизорскиот извештај ја претставува реалната состојба во компанијата, но оти ситуацијата веќе се надминува.
„Нормално е фирмите понекогаш да имаат вакви проблеми. Ги презедовме сите мерки за состојбата да ја доведеме во нормала. Резултатите од првиот и вториот квартал годинава покажуваат дека ситуацијата се консолидира и во договорениот рок со Агенцијата за супервизија на осигурувањето ќе ја вратиме состојбата со гарантниот фонд во нормала“, вели Реџепи.
Според него, акционерите веќе презеле мерки и на Акционерско собрание во февруари годинава донеле одлука за префрлање на 300.000 евра за да се покрие дел од недостигот на капитал. Остатоткот ќе се надокнади целосно од профитот остварен оваа година.
„Оваа година сме меѓу подобрите осигурителни компании во Македонија и имаме раст 13% во споредба со 2013-та година, имаме повеќе полисирани премии и функционираме без никакви проблеми. Дубиозите се со минлив карактер. Можам да гарантирам за сите наши клиенти дека компанијата е стабилна и ќе биде во согласност со сите законски прописи и дека нема никакви грижи за сите што соработуваат со Албсиг. Нашата компанија е ликвидна и солвентна, нема никаква нестабилност, туку напротив постабилни сме од кога и да е во нашата историја“, вели Реџепи.
Како потврда за овие ставови тој наведува дека „Албсиг“ е единствената компанија во Македонија која потпиша договор со Евроопа Ре, формирана од Владата, преку која нуди производи за заштита од ризици од природни катастрофи. „Овие производи ќе и бидат понудени на економијата, ќе им бидат понудени на граѓаните и се потврда дека не само што немаме проблеми, туку веќе лансираме нови продукти на осигурителниот пазар“, додава Реџепи. „Албсиг“ е една од петнаесетте компании кои работат на македонскиот осигурителен пазар и таа се занимава со неживотно осугурување. Минатата година оваа компанија ја завршила со загуба од работењето во износ од 30,6 милиони денари. Оваа компанија и 2012 година ја завршила со загуба од 19,9 милиони денари. Р.Ф.