31 Март, 2020
0.0255

Рибарска

Објавено во: Колумни 26 Јануари, 2020

Ако Париз, Прага, Санкт Петерсбург (па и безброј други) сосе своите реки што го преполовуваат и красат урбаното градско ткиво имаа свои „проспекти“ и нашето Скопје со Вардар не заостануваше на разгледниците нималку зад нив (кој ќе рече?).Тие имаат безброј мостови, туристички бродови и бистроа покрај теченијата на познатите реки и „рекишта“,а ние на реката што летно време можеше да се прегази ги имаше, покрај Камениот мост,Офицерски и Банката на плоштадот,рибарите наредени како тараби на обата брега,но и загазени во плитката бистра река што долго имаше препознатлив мирис на чиста незагадена вода на која со тага се сеќава секој жител(се уште жив и со непоматен ум).

Секое маало си имаше свој риболовен ревир (нескромно кажано), дел од брегот на кој „фаќаа риба“ следени од сеирџии што требаше да сведочат за големите подвизи и за умешноста на мајсториштата на трската,тапата,удицата и оловцето.Риба се лови цела година-зависи од тоа кога јаде бојникот,кога кленот,а во кој период мрената(неретко излегуваше и „шаран“,па и пастрмка залутана од некоја притока и примамена од чистата и брза вода).Со уловот нанижан на врбово гранче или гранка со чатал (зависно од среќата тој ден) се парадира пред очите на восхитените сограѓани(ова не важи за слабите рибари-како пацери во шах или глад и бељот)кои кришум шепотејќи се прибираа дома со надеж дека утре ќе имаат подобра среќа- се разбира ако некој не им рече „среќно комши“ кога ќе ги забележи со трската в раце.....

Со првото рибарско искуство се стекнав две-три години пред земјотресот,пред да се преселиме од Дебармаало у центар.Фаќавме риба со двајца соученици од школото „Карпош“,а спремата што да ти кажам-место бамбус малку подебелка трска за малтерисување тавани,конец најлон,ама исповиткан и згужван,тапа од плута изделкана во вид на конус и офарбана со лак за нокти-демек врвот е црвен,а јадица ко за китои-таква се нашла.Важна е желбата и волјата за риболов.Стоиме на еден ракавец на Руска плажа што го прегазувавме кога одевме на островчето кај што си игравме Робинзони и Петковци и кај што имавме колиба од гранки и лисја во која чувавме скришни работи.Еднаш фативме некое ситно и јадно рипче-рибарите го викаа царево куре и баш тогаш до нас риба фаќаа двајца браќа од населбата Карпош –Роко и Странец.Вадеа риба на секое фрлање,ни пријдоа и со сериозен тон ни се обраќаат-„носите го ова рипче во Млин балкан на лекар,мора да е умно пореметено или со слаб вид кога сте успеале вие да го фатите“....се смеат и продолжија со рибоцидот,а ние се собравме и како помочани си отидовме.

Продолжив со хобито со променлива среќа-научив како се врзува удица,како се мести оловце, купив оригинална карбонска трска од 4,5 метри,торбица со резервни тракатанци.Првите часови по рибарење ги добив од Бакар,рибар од Тафталиџе кој и ден денес кај и да се појави без риба не се враќа,продолжив кај Миле поп,Џина и уште понекој скопски махер и почнав дома да носам по некоја риба.

Се дружев и риболовев со Бато,Брада и Армен,повеќе заради другарската љубов и долгогодишно почитување.Некои од нив и ден-денес одат по риба дури у Грчка,а јас останав рибар сањалица....тоа ти е!За мене изгледа не важи онаа-еднаш рибар засекогаш рибар......

Мојсо Мојсовски

Можеби ќе ве интересира

Образованието во доба на корона (дел втори)

Образованието во доба на корона (дел втори)

Тарзан фризура

Тарзан фризура

Европски и економски перспективи на Македонија во време на Корона!

Европски и економски перспективи на Македонија во време на Корона!

Факторингот како инструмент за финансирање на меѓународната трговија

Факторингот како инструмент за финансирање на меѓународната трговија

Европски и економски перспективи на Македонија во време на Корона!

Европски и економски перспективи на Македонија во време на Корона!

Образованието во доба на Корона (дел први)

Образованието во доба на Корона (дел први)

Економијата и етиката

Економијата и етиката

Од Цаци си страдаме

Од Цаци си страдаме

Букет

Букет