Добивај вести на Viber
Јавното претпријатие “Куманово Гас” не ги исполнувало условите за да добие регулирана цена по која би се продавал гасот на домаќинставата и фирмите, реагираат од Регулатората комисија за енергетика по обвинувањата дека тие ја кочат гасификацијата. Цената на гасот за Куманово ќе биде утврдена кога ќе се исполнат условите бидејќи според регулаторите досега поднесените барања не биле комлетни.
„ Барањето беше некомплетно не ги содржеше сите документи кои се дефинирани во Правилникот. Имено Барателот достави предлог за продажната цена на природниот гас за потрошувачите приклучени на дистрибутивната мрежа, а не за услугите кои тој ги врши, стои во бреакцијата на РКЕ. Тие додаваат дека во повеќе наврати имале средби со цел подетално да ги информираат во „ Куманово Гас “ како да ја подготват документацијата која е неопходна за да се направи анализата и пресметката за утврдување на цената на гасот.
Иако подоцна била доставена дополнителна документација од страна на „Куманово Гас“ членовите на Регулаторната комисија за енергетика повторно констатирале неправилности.
„Барателот доставува податоци покрај за мрежата за која има добиено лиценца, и за мрежа која е во тек на градба, односно за објекти кои се во инвестиција и за истите немаат добиено употребна дозвола, а со тоа ни лиценца за вршење на енергетската дејност. Исто така Барателот во своите податоци доставува и проектирани количини на природен гас за потрошувачи кои се уште не се приклучени на мрежата, за која и нема добиено лиценца “, пишува во реакцијата на РКЕ.
Оттаму додаваат дека со ваквите доставени податоци се добива нереална слика за вредноста на мрежата за која е добиена лиценцата и дополнителна потешкотија за утврдување на цена на гасот од „Куманово Гас“.
Сепак , Регулаторната комисија за енергетика потенцира дека во наредниот период, согласно пропишаната постапка, ќе ја утврди цената по која ќе се продава гасот во Куманово за домаќинствата и фирмите.
Пред два дена градоначалникот на Куманово , Зоран Дамјановски обвини дека Регулаторната комисија за енергетика не дозволува гасот во Куманово да стигне до домовите на граѓаните. Според него сите услови од страна на претпријатието „Куманово гас“, за дистрибуција на гасот до домаќинствата биле направени , но и покрај барањата што оттаму се упатени до Регулаторната комисија за енергетика, која треба да ја утврди цената на гасот, тоа не се случило.
Според него , фактот дека веќе десет месеци не можат да добијат регулирана цена на гасот, што треба да го продаваат на домаќинствата, а без тоа не можат да испорачаат сметки за граќаните и фирмите , и не можат да го дистрибуираат гасот до домовите и компаниите, има политичка причина , бидејќи на тој начин токму пред локалните избори се кочи еден од најзначаните проекти на локалната самоуправа.