Рочиштето за „Диво насеље“ затворено за јавноста, ќе се презентираат транскрипти
Објавено во: Македонија 07 Ноември, 2016
Новото судско рочиште во случајот „Диво насеље“ денеска продолжува зад затворени врати во големата сала на Врховниот суд.
Судењето е затворено за јавноста затоа што ќе бидат презентирани транскрипти и извештаи од посебните истражни мерки на Управата за безбедност и контраразузнавање.
Судската постапка се води против 29 лица, кои се товарат за тероризам и терористичка организација за настаните поврзани со случувањата од 9 и 10 мај 2015 година во Куманово. Случајот подоцна се спои со „Молња“ во кој се води постапка против осум лица, кои биле логистика на вооружената група од Диво насеље.
На 9 и на 10 мај лани во Куманово вооружена група се судри со безбедносните сили. Во престрелката загинаа осум полицајци од специјалните и посебните единици на МВР, додека четириесетина беа тешко повредени. Убиени беа и десет лица од вооружената група.
И денеска делот околу судот е под силно полициско обезбедување.