Рочиштето за „Пуч“ се одложи, Јанева реагираше затоа што судењето се одлага година и половина
Објавено во: Македонија 01 Ноември, 2016
Рочиштето за случајот „Пуч“ во кој обвинет е и лидерот на СДСМ, Зоран Заев денеска повторно беше одложенo, бидејќи две од поротничките немале безбедносни сертификати.
Судијката во случајот, Љубинка Башевска рече дека и покрај интервенцијата на судот и поднесеното барање поротничките засега не ги добиле сертификатите. Судењето е одложено на неопределено време.
На ова реагираше специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева која ја обвини судијката за злоупотреба на службена должност, затоа што неоправдано година и половина се одложува рочиштето.
„Нели ви е срам што го одложувате судењето цела година, го одложувате предметот и нѐ малтретирате“- кажа Јанева.
Заев подоцна изјави дека уште еднаш се покажало дека судот е на колена.
„Oва е уништено судство, клекнато на колена. Наместо да дели правда, судот постапува политички. Судењето постојано се одлага, а и според Пржинскиот договор веќе еднаш мора да се утврди кој и зошто нелегално прислушувал во државата“ - рече Заев.
Тој додаде дека ќе биде трпелив и ќе ја чека правдата.
Во „Пуч“, за неовластено прислушување се обвинети Зоран Заев, екс разузнавачот Зоран Верушевски, неговата сопруга Соња Верушевска, Ѓорѓи Лазаревски, поранешен вработен во МВР и вработениот во струмичката општина, Бранко Палифров.