29 Септември, 2024
0.0241

РОДИТЕЛИ АЛАРМИРААТ: И деца со дијабетес ја чекаат донацијата на инсулин, каде заглави потписот?

Објавено во: Анализа 16 Октомври, 2014

Добивај вести на Viber

“Вашете дете има дијабетес тип 1 (инсулин-зависен )” -ова е реченицата која постојано и се врти во мислите на мајката Наташа Деспотовска Димитриевска,  која пред околу една година дознала дека нејзиниот двеипол годишен син  има дијабет. Вели, шокот не може да се опише бидејќи покрај  измешаните чувства и стравот,  во тој момент единствено што ја плашело е прашањето: што сега, како понатаму? Наташа раскажува дека нејзиното дете имало само 14 месеци кога му бил дијагностициран дијабетот, седум дена откако ја примил ММР вакцината. Тоа за неа остава сомнеж дека оваа состојба настанала како последица од вакцината. Од тогаш вели,  нивниот живот добил сосема поинаков тек.
“По откривањето на дијабетот, претпоставувам исто како и кај секој родител на дете со дијабетес откако ќе му биде дијагностицирана оваа состојба, се најдовме во длабок шок. Во целата несреќа тогаш, за среќа самата состојба, самиот дијабетес не ни дозволи да останеме долго во тој шок – сознанието дека детето ти е дијабетичар. Затоа што таа состојба бара континуиран 24 часовен надзор: мерење на гликемии (ниво на шеќер во крвта) 7-8 пати дневно, понекогаш и повеќе, водење сметка за редовно земање на оброците – во одреден час од денот, кога и детето прима инсулин. Инсулин прима 5 пати дневно, 3 пати Новорапид, аналог кој се дава со секој оброк, а се грижи за шеќерот во крвта по оброкот да остане во нормални граници, и 2 пати дневно Левемир - базален инсулин кој во организмот ствара база, односно обезбедува инсулин во текот на 24 часа”-вели Наташа.
Секој нов ден за лицата со дијабет-нов почеток!  Родителите-доктори! Дополнително според родителите на децата со дијабет, секоја вироза, па и најмала настинка веднаш се одразува на нивото на шеќер во крв,  што дополнително бара познавање како на исхраната, внесот на течности така и на манипулацијата со дозите на инсулин. Промената на инсулинската терапија, велат, дополнително би го усложнила и онака комплицираниот режим на животот кај овие деца.
“Нема доктор што не ни кажал дека секоја промена на инсулинска терапија мора будно да се следи бидејќи организмот задолжително реагира, бидејќи сите инсулини не се идентични. Со оглед дека сега состојбата е одлична, не гледаме причина зошто би менувале инсулинска терапија односно зошто детето би го ставале во фази на ново прилагодување кое може да трае две, три или повеќе недели. Во тој период неговите гликемии би варирале горе-долу – значи свесно го туркаме да не се чувствува добро, со страв дека можеби тој нов инсулин нема да биде прифатен од неговиот организам. Башка што при такви ненормални гликемии имате и милион други реперкусии -кетони во крвта и урината, хаос во електролитскиот статус на организмот, дехидратации.
И уште што е најважно е фактот дека новите инсулини што ни се нудат како замена, на пример “лантусот“ како замена за “левемирот“, т.н. бавен инсулин, според самите производители – тоа е наведено во нивните упатства за користење на овој инсулин – прецизно си навеле дека за него непостојат клинички студии за деца под шестгодишна возраст. Тоа значи дека тој воопшто не е тестиран за малите деца. Па затоа мене ни на крај памет не ми паѓа од моето дете да правам заморче и да се коцкам со неговото здравје. За едно такво непромислено коцкање со вакцините веќе плаќаме скапоцена цена, така што не постои  сила што ќе не принуди да ја промениме сегашната терапија која за детето е добра и одлично ја поднесувa- потенцира Наташа. Слатки, сладолед, чоколади? Како да му кажете на едно дете НЕ? Наташа е  само една од мајките кои станале вистински “доктори”  во грижата за своите најмили. Вели дека дијабетесот како состојба е различен за секоја индивидуа -  па храна која што кај еден човек не предизвикува хипергликемии – зголемен шеќер,  кај друг човек делува сосема поинаку.  Ист вид храна наутро дава една гликемија и тоа со повеќе даден инсулин, а навечер со помалку инсулин се појавува хипогликемија  или пад на шеќерот. Според неа, дијабетичарите или родителите на деца дијабетичари, мора постојано да ја следат состојбата, да ја програмираат односно комбинираат исхраната без шеќери, со пресметани количини јагленохидратни единици наспроти количината на дадени инсулини. Земената храна и дадениот инсулин мора да биде во баланс затоа што секоја грешка во пресметката  има последици – прво во нивото на шеќерот – или е многу високо или е многу низок, а ако грешките се повторат или траат подолго, последиците се  пострашни поздравјето на детето.
“Иако звучи чудно, децата  дијабетичари, што и нас многу не зачуди,  немаат склоности кон пребирање со оној вид храна инаку така “нормален“ за таа доба (сладоледи, чоколада, грицки),  така да во тој поглед нашиот 2,5 годишен син е прилично кооперативен и немаме никаков проблем. Тие слатки работи ги надоместуваме преку овошјето. Докторот може да укаже да посоветува, но главниот збор секогаш го има родителот кој следи, запишува,  води дневник со сатници на исхрана, гликемии, време и количина на ставен инсулин”-додава Наташа.
Иако нејзиното детенце е сеуште мало и таа целосно е посветена на неговата грижа за правилен раст и развој, за Наташа стравот како родител  се зголемува поради потребата еден ден нејзиното дете да оди во градинка. Искуствата на останатите родители со кои е во постојан контакт и покажале дека во градинките не постои доволно едуциран кадар, ниту пак услови за деца со дијабет, така што истите често не ги примаат во градинка.
“Каде да го оставам моето дете и да има работа за мене? И како да го оставам? Самиот факт што јас не смеам да се вработам се додека детето не стане доволно самостално за да води сметка за некои клучни работи при контрола на дијабетесот, значи  најмалку до неговата  10 годишна возраст, доволно говори колку скапа работа е дијабетесот за моето семејство. А за исхраната можам реферати да напишам”-завршува Наташа Деспотовска Димитриевска.
Баланс МК: Донацијата чека еден потпис! Од Асоцијацијата за детски дијабетес Баланс МК  потенцираат дека лицата со дијабетес сеуште ја чекаат донацијата на инсулин која е на одобрување од надлежните. Барањето за одобрување на странската  донација за   инсулини од типовите “ново рапид“ и “левемир“ од данската компанија “Новонордиск“ , според нив е поднесено пред повеќе од десетина дена, но сеуште нема официјален одговор од надлежните. Од Баланс МК  го вклучија алармот откако  пред неколку недели во инсулинските аптеки се потрошија речиси сите залихи од инсулинот кој досега го користеле околу 20.000 дијабетичари. Тендерот за набавка на нови инсулини е во тек, а во меѓувреме, дел од лицата со дијабетес се принудени да ја променат терапијата, за која стравуваат дека ќе  има последици по нивното здравје. С.Б.