Добивај вести на Viber
Додека се чека официјално доделување на концесијата за рудниците за олово и цинк „Тораница” и „Злетово”, српската компанија „Металфер” која е една од елиминираните во тендерот, поднесе жалба до Комисијата за спроведување на постапката при доделувањето концесија. Од компанијата велат дека целата тендерска постапка е сомителна и треба да се испита по кој основ е направена елиминацијата.
-Нашата жалба е основана, и ние сметаме дека тендерската комисија има донесено погрешна одлука, врз основа на погрешни факти.Нашите адвокати поднесоа жалба и ќе го продолжиме процесот, ќе ја бараме правдата во сите надлежни иснтитуции во Македонија, вели Бранко Зечевиќ, директор на „Металфер“.
Претходно и британската „Минеко” најави дека ќе поднесе жалба. Од претставништвото на британската „Минеко“, тврдат дека се незаконски елеминирани од страна на Комисијата за спроведување на постапката за доделување на концесија на рудниците Тораница и Злетово и веќе посочија дека нивната документација била комлетна, но дека се обесправени.
-Ја очекуваме официјалната одлука од Министерство за економија. Секако дека ќе поднесеме жалба бидејќи сметаме дека процесот на проверка на документацијата не е спроведен според постоечкиот Закон за доделување на концесии на минерални суровини. Со повеќе информации сигурно ќе излеземе следната недела кога и официјално ќе ја поднесеме жалбата, изјави деновиве, Александар Билбилов директор на македонската филијала на Групацијата „Минеко Обоени Метали” Дооел.
Во отчетот и „Минстрој“
Во меѓувреме од Министерството за економија нема коментар за обвинувањата од двете странски компании што беа елиминирани на тендерот за рудниците.Фактор вчера побара став од економија колку компании учествувале на тендерот за избор на концесионер, зошто две се дисквалификувани, под кои услови го доби тендерот бугарската „Минстрој, но одговор не добивме. Претходно до економија посочија дека откако компаниите ќе бидат писмено известени за резултатите од јавното наддавање официјално ќе се објави одлуката, а оние компании што сметаат дека се оштетни ќе имаат право на жалба.
А пред два дена на десетгодишниот „Отчетот” на владејачката ВМРО ДПМНЕ, на прашањето од лидерот на партијата Никола Груевски, заменик-министерот за економија Христијан Делев изјави дека неделава ќе и официјално ќе се објави концесионерот а за два месеци рудниците ќе се рестартираат.
- Процесот трае и во следната недела ќе има официјален концесионер. Има уште една фаза откуп на стечајна маса што треба да ја објави стечајниот управител и ќе се премине кон правење план за рестартирање. Првата фаза ќе почне во јуни и за 3 месеци концесионерот ќе може да ги ангажира поголемиот дел од вработените во овие два рудника. Тоа е многу важно за овој крај бидејќи повеќе од 920 рудари очекуваат да се вратат на работа, изјави Делев.
Бугарскиот „Минстрој” е новиот концесионер
Концесијата за експлоатица на руда во „Тораница и „Злетово ја доби бугарската компанија „Минстрој”, која ќе стопанисува со рудниците 30 години, a годишно понудила да плаќа по два милиони евра, што е два и пол пати повеќе од почетната цена од 850.000 евра. На тендерот наместо пет компании како што било предвидено учествувале само две заинтересирани фирми, бугарскиот холдинг „Минстрој” и руската компанија „Солвеј” преку рудникот за бакар во земјава Бучим.
Во меѓувреме сеуштре трае стечајната постапка. Во двата рудника има речиси 1.000 вработени на им се должат три пол плати во износ од околу 2 милиони евра. Судот во Штип утврди дека вкупниот долг на двата рудника изнесува 7,5 милиони евра, а имотот ќе се продава без почетна цена.
Лани рударите неколку пати штрајкуваа поради несиплатени плати и не лоши услови за работа. Тогашниот сопственик индиската компанија „Индо минерали” доцнеше со иплатата на платите а рударите се пожалија на лоши услови за работа. Во ноември лани Министерството за економија еднострано го раскина договорот за концесија за експлоатица на руда со „Индоминерали”, поради неплаќање концесиски надоместок за експлоатација на минерални суровини.
Жалбите од двете компании од Србија и Велика Британија отвораст сомнеж како се спровел тендерот, дали конкуренцијата била нарушена, како бугарската компанија го добила тендерот и зошто се елиминирани.
Т.С