Русија и Азербејџан одново разговараат
Објавено во: Колумни 25 Август, 2025 13:29
Заладувањето на односите меѓу Азербејџан и Русија кон крајот на минатата година, кога руска ракета по грешка собори азербејџански патнички авион, како да почнува да ја менува температурата и од кон затоплување. Русија и Азербејџан почнаа да разговараат. Сигурно станува за пробни балони кои треба да дадат одговор на прашањето, дали двете земји се подготвени да ги нормализираат односите, како што беа пред соборувањето на авионот.
Се’ почна минатата недела кога во Русија, за разгледување на трговско-економски прашања, допатува делегација од Азербејџан. Во Астрахан, град во делтата на Волга, се одржа заседание на Меѓувладината комисија за економска соработка на двете земји. Пред заседанието двете делегации положија цвеќе пред споменикот на Гајдар Алиев, долгогодишниот претседател на Азербејџан и татко на сегашниот претседател, Илхам Алиев.
На постсоветското пространство има обиди власта да оди од таткото на синот или ќерката. Династии. Во Азербејџан тоа успеа. Во Таџикистан како да се во тек подготовките, Емамоли Рахмон да биде заменет од неговиот син. Во Казхстан,Нурсултан Назарбаев ја донесе ќерката до претседател на Парламентот, но не и н ачело на државата. Причина, исфрлањето на Назарбаев од власта. Неговите противници беа посилни од приврзаниците. Назарбаев го нарекуваа „татко на нацијата“, а главниот град Астана беше именувана како Нурсултан, според неговото име. За потоа се’ да се врати на старо. Затоа , пак, Илхам Алиев е на власт од 2003 година. Три години помалку од рускиот претседател Владимир Путин.
Како и да е, на средбата во Астрахан беше стопен мразот во меѓусебните односи. Освен односите во економијата и соработката меѓу Астрааханскиот регион и Азербејџан се зборувало и за културна соработка. Како и за перспективите на меѓусебните односи. Оваа зборува дека во игра е вклучена дипломатијата. За почеток средби на пониско ниво, а потоа на повисоко. Па така во саботата имаше телефонски разговор меѓу министрите за надворешни работи на двете земји, Сергеј Лавров и Џејхун Бајрамов. На иницијатива од Азербејџан, како што е соопштено од руското МНР, Лавров и Бајрамов размениле мислења и ги дале првите оценки на заседанието на Меѓувладината комисија во Астрахан. Исто така се разгледани и последните настани во регионот н Јужен Кавказ и заемната соработка на Москва и Баку на мултилатерален план. Во соопштението од азербејџанското МНР се вели дека министрите, покрај другото, разгледале различни аспекти од меѓународната соработка и прашања од регионалната и меѓународната безбедност. Како и теми од заемен интерес.
ПУТИН ЛУТ НА АЛИЕВ
Од овие сувопарни соопштенија може да се претпостави дека е зборувано за договорот што го постигнаа Азербејџан и Ерменија во САД и отворањето на врата на Америка за влез во Јужен Кавказ. Ставот на Русија е јасен. Според руското МНР : „Што се однесува до принципиелната позиција, најдобрата опција за решавање на проблемите на Јужен Кавказ е да се пронајдат и понатаму да се имплементираат решенија донесени од самите земји од регионот со поддршка на нивните непосредни соседи. Вклучувањето на трети страни треба само да придонесе за зајакнување на мировната агенда, како што веруваме, но не и да создаде дополнителни тешкотии и линии на поделба“. Многу веројатно е дека е зборувано и за меѓусебните односи во светлината на последните изјави на Алиев за можна војна. Односно, дека Азербејџан во секој момент треба да биде подготвен за војна. Исто така и за бомбардирањето на енергетските постројки на азербејџанската компанија во Одеса од страна на Русија, но и воената помош која Баку ја дава на Украина, како што тврдат некои руски извори. Околу мултилатералата, најверојатно станало збор за соработка во рамките на Шангајската организација за соработка чие заседание треба да се одржи на 31 август и 1 септември. А таму ќе бидат и Путин и Алиев. Можно е, но со многу, многу мала веројатност, на заседанието на ШОС да има средба меѓу Путин и Алиев.
Тавата средба би била добродојдена, но веројатно Путин е многу лут на Алиев. Русиот претседател се извини јавно за соборувањето на авионот, но Алиев таа тема постојано ја подгрејува. Што не наидува на одобрување во Москва. Дека Путин е лут на Алиев и „не сака да му го спомне името“ може да се суди и од еден настан деновиве. На големо изненадување, за странски агент во Москва беше прогласен политикологот и поранешен пратеник од владејачката партија и поддржувач на Путин, Сергеј Марков. Марков последниве години се занимаваше со прашањата околу судирите меѓу Азербејџан и Ерменија. Но тука, за разлика околу војната со Украина, не ја поддржуваше руската позиција.
Ова лето, Марков учествуваше на медиумскиот форум во Азербејџан, каде што позитивно зборуваше за претседателот на републиката, Илхам Алиев, за што беше критикуван во јавноста.. „Брилијантен интелектуалец, дипломиран на МГИМО(елитна образовна установа за меѓународна политика в Москва з.м.), каде што и малку предаваше, тој е несомнено еден од најискусните лидери во современиот свет. Лидер кој претставува победничка земја. Нема многу земји кои заслужено добиле војна“, рече Марков за Алиев на форумот. Се цитира и негова изјава дека „Азербејџан одржал прекрасна, чиста победа, на која и се восхитуваат не само пријателите на Азербејџан, туку и целиот свет“, дадена во 2023 година по завршувањето на воената операција на Баку во Нагорно Карабах.
СЕПТЕМВРИ ВО ЗНАКОТ НА КИНА
Ваква изјава, кога Ерменија ја критикува Москва дека не и помогнала, само придонесува за лутината на официјален Ереван. Не поради друго, туку поради фактот што Марков важи за човек на Кремљ, кој пак се обидуваше да посредува и да ги смири двете земји. А тоа значи неговите зборови ќе се толкуваат како од извор близок на Кремљ! Што може да се толкува како поддршка на Азербејџан. И како удар врз напорите на Путин за мир. Официјално, Марков е прогласен за странски агент за „учество во создавањето и распространувањето на материјали за други странски агенти и распространувал лаги(фејк) за решенија на руските власти. Марков во својата прва реакција во својот Телеграм-канал напиша:„ Јас не сум странски агент. Тоа сите добро го знаат. Јас сите 25 години ја поддржував и ја поддржувам политката на Владимир Путин и сум под санкции од Канада“.
Путин кон крајот на неделава ќе замине во четвородневна посета на Кина. Таму ќе се одржи заседанието на ШОС и ќе се одбележи 80 годишнината од победата над Јапонија во Втората светска војна. Во Пекинг веќе се одржаа проби на воздушниот дел од парадата, која ќе се одржи на 3 септември. Ќе дојдат и многу други лидери. Меѓу нив и Алиев и ерменскиот премиер, Никол Пашинјан. И српскиот претседател Александар Вучиќ. Дали ќе се забрза затоплувањето на односите на Москва и Баку ќе зависи од тоа дали Путин ќе сака да се сретне со Алиев. Во меѓувреме владата на Јапонија, по дипломатски канали ги повикува земјите од Азија и од Европа да не присуствуваат на парадата. Токио смета дека парадата „има антијапонски подтекст“, за да „создаде прокинеска интерпретација на историјата“.
Почетокот на септември ќе биде во знакот на Кина и настаните што ќе се одржат таму. Можат да се очекуваат и многу интересни работи. ШОС е меѓународна организација основана во 2001 година. Во неа членуваат Индија, Иран, Казахстан, Кина, Киргистан, Русија, Таџикистан, Пакистан и Узбекистан. Во јули 2024 година, на самитот на ШОС во Казахстан, Белорусија стана полноправна членка на организацијата. Земји набљудувачи: Авганистан и Монголија, држави-партнери: Азербејџан, Ерменија, Египет, Катар, Камбоџа, Непал, Саудиска Арабија, ОАЕ, Турција, Шри Ланка и други. Состав што предизвикува почит кон ШОС.
Мирче Адамчевски* Македонска берза и оваа година во соработка со Фактор доделува повеќе награди во различни категории за „Акција на годината“ при тргувањето со хартии од вредност.
Еден од критериумите за доделување на признанијата ќе биде и мислењето на јавноста. Гласањето ќе се одвива до 12 декември, а предвиден термин за доделувањето на самите награди е 23 декември.
Од таму, може да гласате за едно од следните котирани друштва:





