29 Септември, 2024
0.0231

Русија објави трговска војна на половина свет, Македонија демне своја шанса!

Објавено во: Анализа 07 Август, 2014

Добивај вести на Viber

Русија воведе забрана за увоз на храна од земјите кои и наметнуваат економски санкции на земјата. Под одмазднички удар на Москва спаѓаат сите земји членки на ЕУ, САД, Канада, Австралија и Норвешка. Во потрага по алтернативи од руското Министерство за земјоделство велат дека традиционалните снабдувачи од засегнатите страни можат лесно да бидат заменети. Месото од ЕУ, САД и Канада може да биде заменето со увоз од Бразил, Уругвај, Парагвај, Аргентина и Белорусија, вели рускиот министер за земјоделство Николај Фјодоров. - "Работата веќе започна и на повеќе од 40 нови претпријатија од Бразил вчера им беа издадени дозволи за увоз", објасни тој. Нов Зеланд и држави од Јужна Америка пак можат да го пополнат недостигот во снабдувањето со сирење, путер и млеко во прав. Увозот на овошје ќе се потпомага од Турција, Аргентина, Чиле, Кина, Узбекистан и Азербејџан. Главно вишни, цреши, праски и кајсии Москва може да очекува од Узбекистан, Азербејџан, Ерменија, Турција и Иран, а цитрони - од Египет, Мароко, Турција и ЈАР, истакнуваат од Министерството за земјоделство. Македонија не се споменува на листите што ги лиферуваат медиумите во Русија, но упатените гледаат можност за македонските земјоделски производи сега засилено да се промовираат на рускиот пазар. Меѓу најтешко погодените од ембаргото ќе бидат европските производители на овошки. Годишно во Русија се консумираат по 15,9 милиони тони, од кои 3 милиони тони се увезени. Тоа е речиси 20% од годишната потрошувачка на овошје во земјата, проценуваат од руското Министерство за земјоделство. Од ограничувачките мерки ќе биде засегнат околу 1/3 од увозот на овошје и зеленчук, или 916 илјади тони. Засегнат ќе биде и увозот на сирење, посочуваат од институцијата. Според податоците на Министерството годишно во Русија се консумираат 35,7 милиони тони млечни производи, од кои увозни 1,4 милиони тони, или 4% од потрошувачката. Под забрана спаѓаат 33,7% од увозот, или 459 илјади тони млечни производи. K.K.