28 Септември, 2024
0.2091

Сѐ што треба да знаете за цигарите, и најважното: КАКО ДА ГИ ОСТАВИТЕ?!

Објавено во: Анализа 31 Мај, 2014

Добивај вести на Viber

Цигарите се едно од најскапите и најопасните задоволства и за здравјето и за џебот.  Секоја   година се зголемува  бројката на активни пушачи, но исто толку и на смртни случаи. За сопственото но и здравјето на оние кои се секојдневно во директен контакт со димот од цигарите, скоро и да не се размислува. Без цигара, велат барем поголемиот дел од пушачите, неможе да помине денот. Но, дали ова е навистина така? Има ли спас од ова модерно зло на денешницата кое е на врвот на пороци со поразителни статистики? Нутриционистите се најголемите оптимисти дека преку здрав и правилен начин на исхрана може да им се каже “НЕ”  на цигарите. Потребна е велат само цврста воља и упорност. Фактор контактираше неколку од нив. Нутриционистот Цвета Динева вели дека за да се остават цигарите и да се сочува здравјето со помош на правилна исхрана,  активните пушачи  треба да се обидат да се “разведат” од цигарите така што   утрото  ќе им почне со алкална храна која не е приемчива за никотинот. Тоа би изгледало вака:
“На гладно да се испие цеден лимон со една супена лажица ленено или рибино масло, а веднаш потоа да се јаде свежо овошје по избор, едно јаболко, банана или една рака јаготки кои овој период од годината ги има на зелените пазари. По овој ритуал ретко кој сака да запали цигара. Секако предлагам да се продолжи со пиење вода и јадење свежо овошје барем до пладне. Вака поминато алкално претпладне едноставно не сака цигари. Помалку сол во исхраната, преод на повеќе вегетаријанска исхрана бидејќи токму сега има изобилство од овошје и зеленчук . Водата никако да не се заборава, но не и сокови и чаеви. Месото треба постепено да се исклучува, заедно со сирењето и благото. Овој третман треба да се почитува барем 21 ден бидејќи помага за создавање на алкалност во телото, а  алкалната средина не се дружи со цигари. Пробајте дали ќе ви годи да јадете јаготки и пиете вода со цигари? А, ако јадете сендвич? Сами ќе си го најдете одговорот”-вели Цвета Динева.
Според неа пушачите кои немаат намера да ги остават цигарите мора да се обидат со помош на исхраната барем  да ги  превенираат заболувања од типот на хроничен замор, чести главоболки-мигрени, кај жените тежок пмс, бронхит, астма,воспаление на белите  дробови, карцином .Јасно е вели дека многумина своеглаво ќе речат дека цигарите не се најголемото зло за организмот, но се лажат.  Таа смета дека ако веќе неможат целосно да ги отфрлат цигарите, тогаш барем можат да ги намалат. Како да си помогнат со помош на здравата храна?
“Секојдневно да се конзумира ГОЛЕМА количина на свеж зеленчук кој содржи бета каротен како моркови, брокули, спанаќ, марули, тиква, сладок компир, додека од овошјето портокали, праски, кајсии. Би препорачала кај долгогодишните пушачи да земаат и суплементарно бета каротен,C витамин, цинк и други антиоксиданти. Во поново време се препорачува зеолит. Пушачите да не забораваат во исхраната да ги вклучат мешунките како грав, леќа, боранија, наут, потоа рибата. Дневно е препорачливо да се пие две чаши зелен чај. Детоксикацијата на организмот е долготраен процес”-додава Динева.
И нутриционистот Тања Турунџиева повторува дека пушењето е штетно по здравјето на човекот, бидејќи  предизвикува оштетување на клетките, го зголемува холестеролот, кардиоваскуларните заболувања,предизвикува  проблем со циркулацијата, болести на дишните патишта и карцином. И според неа примарно што треба да се внесе во организмот се овошјето и зеленчукот, бидејќи пушачите патат од недостаток на многу есенцијални витамини и минерали, бидејќи пушењето влијае на способноста за нивна апсорпција од продуктите. Пушењето најмногу влијае на намалување на количината на витаминот Ц и со тоа што е поголем бројот на испушени цигари во текот на денот витаминот помалку го има во крвта и во ткивата. Поради ова, според неа,  на пушачите им е потребно повеќе витамин Ц како би дејствувал против оштетените ќелии кои се предизвикани од пушењето. На пушачите дневно,вели,  им е потребно 2гр витамин Ц.
“Првиот совет за пушачите е да престанат да пушат , а во меѓувреме би требало да се хранат поздраво од непушачите. Во нивната исхрана треба да бидат застапени повеќе овошје и зеленчук. Ликопенот е главниот каротеноид кој се наоѓа во доматот и во прозводите од доматот, додека извор на бета-каротенот е морковот, портокаловото и црвеното овошје и зеленчук. Витамин Е ги спречува создавањата на масните наслаги на ѕидовите на артериите. Се наоѓа во семките од сончоглед и во јатките. Витамин Д  пушењето значајно влијае наметаболизмот на витаминот Д. 50% пушачи го немаат доволно овој витамин во однос на непушачите. Калциум- пушењето многу влијае и на недоволната апсорпцијата на калциумот во организмот. Поради ова пушачите во поголем процент патат од остеопороза”-вели нутриционистот Тања Турунџиева.
Според неа поголемиот број на пушачи имаат и лоши навики во исхраната како што се прескокнување на оброци- најчесто појадокот, се прејадуваат во текот на викендот исто така и во некои специјални пригоди, се прејадуваат при стрес или доколку им е досадно, го намалуваат внесот на водата, помалку одмараат и ја намалуваат физичката активност.Таа вели дека дури и пред почетокот на одвикнување од  пушење,  треба да се променат навиките во исхраната.
“Пушачите  се плашат дека одкако ќе престанат со пушењето ќе ја зголемат телесната тежина - која што може да се спречи. Треба да се направи разлика помеѓу вистинска глад и потреба да се јаде нешто поради задоволство. Почнете со прошетки и повеќе здрава храна и внесувајте повеќе  прородно цедени сокови” -советува Турунџиева.
4000 хемикалии во чадот! Недостиг на воздух, тешко дишење, тежина во градите, хронична кашлица, замор и намалена способност за физичка активност се некои од симптомите што ги чувствуваат  пушачите. Сето ова резултира со недостиг на воздух, а особено е отежнато издишувањето-вели д-р Ани Видоевска-интернист пулмолог. Според неа,   пушењето е  главна причина за појава на хроничен бронхитис и емфизем на белите дробови  и се среќава кај 80-90 отсто од заболените. Постојат повеќе од 4.000 хемикалии во чадот од цигарите и овие супстанции со текот на годините ги уништуваат малите дишни патишта. Хигиено-диететски режим  кај пушачите е пресуден. Таа  додава дека храната треба да е разновидна, со поголема застапеност на протеини (месо, млечни производи, јајца) и овошје и зеленчук .
“Иако е веќе добро познато и многупати зборувано, мора да напоменам дека цигарите се многу штетни не само за пушачите туку и за луѓето околу нив, а најмногу децата. Бремените жени исто така носат одговорност доколку пушат за време на бременоста, бидејќи со пушењето го намалуваат кислородот со кој се снабдува и расте бебето. Пасивните пушачи кои секојдневно се опкружени од димот на цигарите се во поголема опасност. Пасивното пушење предизвикува трајно оштетување на детските артерии кои престојуваат во зачадена просторија и исто така предизвикува предвремено стареење на нивните крвни зрнца за повеќе од три години. Здебелувањето на ѕидовите на крвните садови го зголемува ризикот од срцев удар во подоцнежни  години, а  исклучителна штета настанува ако и двајцата родители се пушачи. Стручњаците велат дека не постои безбедно ниво на пасивно пушење. Кај активните пушачи најчести заболувања се емфизем и ХОББ (хронична опструктивна белодробна болест), каде  бројката е  шест пати почеста кај пушачите и 15-20 отсто од пушачите заболуваат од емфизем, односно 85-90 отсто од пациентите со ХОББ се пушачи”- вели д-р Видоевска.
Цигарите-психолошка зависност Пушењето спаѓа во  категоријата на зависности. Предизвикува физичка зависност, всушност зависност од никотин. Но, потешкиот облик на зависност кој го предизвикува пушењето е психичката зависност која е најтешко да се победи-вели психологот Мирјана Јовановска Стојановска. Според неа , личноста која се обидува да престане да пуши во краток временски период ја пребродува кризата која ја предизвикува физичката зависност, но многу потешко е со психичката.Пушачите најчесто си даваат рокови, од понеделник,  од следниот, па од следниот и така во недоглед додека не се изгубат во својата лага.
“Никотинот не предизвикува менување на личноста како што го предизвикуваат наркотичните средства на пример пушењето марихуана. На почетокот нема штетно влијание на психичкиот дел на личноста. Штетата од континуирано пушење е директно врз здравјето, дишните патишта, срцето, крвните садови. Оштетувањето на крвните садови доведува до промена во работата на мозокот кои доведуваат до промени во психичкото функционирање. Значи примарната штета е физичка. Повеќето пушачи дури доживуваат задоволство од пушењето, сметаат дека им дава помош,  а намалување на анксиозноста, го решава внатрешниот притисок, нуди помош за справување со стресот и животните проблеми. Некои пак сметаат дека е одличен начин како да се одморат и релаксираат. И ваквите размислувања ги наведуваат одново и одново да запалат цигара и покрај тоа што ги знаат сите последици од пушењето ги занемаруваат тие информации” –вели психологот Мирјана Јовановска Стојановска.
Пушењето е глобален проблем  за кој сеуште нема конкретно решение, но според психолозите мора истиот да се третира индивидуално. Личноста мора зрело да ја прифати одговорноста и како пушач и како непушач, бидејќи кога е веќе доцна и кога се работи за живот сите стануваат ранливи и дисциплинирани. Но за жал тогаш е најчесто доцна. Според податоците на Светската здравствена организација   годишно како последица на цигарите и тутунот умираат 6 милиони луѓе, а само во Европа бројот на смртни случаи достигнува до 1,6 милиони луѓе. Во Македонија најалармантна е бројката кај медицинарите. Последните истражувања говорат дека  дури 30отсто од возрасната популација во земјава се пушачи, а најголемиот број од нив се лекари. Тие што треба да ги советуваат граѓаните да не пушат тешко се откажуваат  од навиката. Последната студија за употреба на тутунот покажува дека секој трет лекар во земјава е пушач, но загрижува токму  фактот што  32 отсто од испитаните 275 лекари изјавиле дека почувствувале мирис на цигари на своето работно место. Ова говори дека и покрај советите и годинешната  порака на светскиот ден против пушењето 31 Мај, кој се одбележува под мотото „Зголемете ги даноците, намалете ги смртните случаи и болестите“ , цигарите си го “земаат данокот”  и покрај тоа што се  нагласува дека зголемување на цените на тутунот преку оданочување е најефикасна политика со која се намалува употребата на тутун и се спасуваат животи. Според експертите, најлошо е што некогаш  пушачите многу доцна сваќаат за последиците и за својата животна грешка од несериозниот однос  кон еден навистина сериозен проблем. С.Б.