30 Април, 2024
0.0268

САД и Русија се далеку од затоплување на односите

Објавено во: Колумни, Свет 27 Март, 2016

Добивај вести на Viber

Државниот секретар на САД Џон Кери деновиве беше во Москва. Се сретна и разговараше четири часа со неговиот колега Сергеј Лавров, а имаше дури и четиричасовен разговор со претседателот Владимир Путин. И сето тоа на фонот на неодамнешните заеднички договори за решавање на кризата во Сирија, кои кулминираа со прекин на огнот во таа земја меѓу силите чиј заднички непријател е Исламската држава и некои нејзини сателити во  Сирија. Токму договорите околу Сирија покажаа дека двете големи држави со помош на отворениот разговор можат да најдат заеднички решенија во кои ниту едната, во целата дипломатска игра, нема да се смета за победник над другата.

Некои набљудувачи после средбата на Кери со Путин веќе говорат за голем напредок на односите меѓу двете земји. Дека отсега натаму се ќе биде поинаку...Дали навистина е така? Можеби на билатерален план  има мал напредок во односите или „позитивни придвижувања, како што изјави прес секретарот на Путин Димитриј Песков. Сега е битно дека се раговара, да има дијалог. Но, САД и Русија се далеку од затоплувањето на односите. Сирија е само една епизода на тој пат. И тоа се уште не до крај завршена. Американците притискаат околу политичката транзиција во Сирија, околу судбината на претседателот Башар ал Асад. За Москва е поважно сегашните преговори на опозицијата и власта  во Женева да донесат некакви резултати, а потоа да се разговара за Асад. Не знаеме, но можеби САД бараат Асад да биде третиран како воен злосторник, а Русите не го дозволуваат тоа. Исто така, САД не сакаат да го видат Асад како претседателски кандидат на некои идни избори во Сирија, додека Москва одговара дека за тоа треба да одлучи сирискиот народ. Кери во Москва изјави дека сега е момент Асад да донесе правилно решение. Што значи тоа, останува да нагаѓаме. Инаку Кери изјави дека по нападите во Брисел „е чесно да се каже дека ние подобро ги разбравме решенијата кои во последно време ги донесе претседателот на Русија Владимир Путин, а исто така да направиме исчекор во насока на Сирија“. Оттука и потребата, според Кери, „да се реши конфликтот во Сирија и целото внимание да се насочки кон уништувањето на ИД“. Што се однесува до преговорите во Женева меѓу опозицијата и сириската влада Кери  вели дека со Русија се договориле за роковите за формирање преодна влада во Сирија и за новиот устав на таа земја. А тоа треба да се заврши до август годинава. За потоа, наредната година да се одржат избори во таа земја, која треба да биде единствена и секуларна држава.

Ако Сирија била во центарот на вниманието на московската средба, не помалку важни за САД се идните потези на Москва околу Украина. Американцие се непомирливи. Тие не го признаваат Крим за руска територија и ќе продолжат со санкциите кон Русија. Тие се моќно оружје во убедувањето на Русија за некакви попуштања. Иако Кери зборуваше дека САД ја почитуват целосноста на Украина, во моментот кога зборуваше за санкциите кон Русија, тој рече дека услов за нивно укинување е спроведувањето на Минските договори. Ова му „легна“ на Лавров за да повтори што се треба да се направи од украинска страна за спроведување на договорите. Преговорите за Украина одат во таканаречениот „нормандиски формат“ во кој се вклучени Украина, Русија, Франција и Германија. Русија досега, и покрај барања од Украина не сакаше вклучување директно на САД во тие преговори. Сега е јасно дека вратата полека се отовора и за САД, но во дијалог со Русија, а не во рамките на „нормандиската четворка“. Целта ќе биде, а тоа го кажа и Лавров, САД и Русија поодделно да влијаат врз Украина, односно сепаратистите од Доњецк и Луганск. Тоа да влијаат значи да се врши притисок врз нив за доследно спроведување на договорите. Треба да се каже дека дента кога Кери дојде во Москва таму беше германскиот министер за надворешни работи, Франк Валтер Штајнмаер. Тој беседеше со Лавров најмногу за спроведувањето на договорите од Минск, процес кој очигледно е во ќорсокак. Штајнмаер за ова разговараше во Москва и со Кери. Сигурно е дека нешто ќе излезе од овие средби. Иако, за волја на вистината, Украина денес не е подготвена да ги спроведува тие договори, со оглед на кризата во која што се наоѓа, пред се политичка, но и економска. А згора на тоа во тек се работите за менување на премиерот на владата на таа земја.

Во Москва е разговарано и  многу други прашања. На дневен ред биле Либија и Јемен, Корејскиот полуостров, Израел, Палестина...Сето ова дава повод да се претпостави дека двете големи држави постепено преминуваат кон прагматични односи, по пат на дијалог. Сигурно нема  да разговараат за преуредување на светот или делење на некакви сфери на интереси. Но барем си го опипуваат пулсот за она што се случува во светот. Веројатно го опипале пулсот и за меѓусебните односи. Пред се ширењето на НАТО и проектот на САД за  противракетна одбрана. Тоа се работи кои се влечкаат со години и ја оптоваруваат меѓусебната доверба и не дозволуваат затоплување на односите во скоро време.

Сепак, посетата на Кери на Москва потврдува дека дијалогот е најдобра алатка за да се разберат работите, без оглед на тоа дали и кога ќе се затоплат односите меѓу двете големи држави. Американскиот претседател Барак Обама, кому за неполна година му истекува мандатот, а ефективно ќе владее до ноември годинава, може да му остави на својот наследник добра темел за развој на односите со Русија. Но доцна е тој темел да биде направен поцврсто. А Путин, од друга страна, ќе дочека уште еден американски претседател. Во меѓувреме погледот на руската дипломатија ќе биде насочен кон она што го говорат претседателските кандидати. Ќе треба да се гради нова дипломатска стратегија за односите со САД. Она што важеше за ерата на Обама сигурно нема да важи за Хилари Клинтон, Доналд Трамп или друг кандидат.

Исто така не треба да се гаат илузии дека сега, по средбите во Москва, ќе тече мед и млеко во меѓусебните односи. Доволни се зборовите на Обама дека треба да се уништи ИД, но без навестување дека за тоа ќе се направи заедничка коалиција со Русите. Значи недовербата се уште постои, освен ако нешто не договориле „тајно“ за поделба на работите. Сегашната разврска на работите околу Сирија дава можност само да се наслути такво нешто, но не е и доказ.

Мирче Адамчевски    

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД