„САКАВ ДА СЕ ОТКАЖАМ, НО ПАЛЧО ДВА ПАТИ МИ ПОВТОРИ ДЕКА ЌЕ МИ ЈА УБИЕ ФАМИЛИЈАТА ПРЕД МЕНЕ“: Од денешното рочиште за убиствата на Вања и Панче
Објавено во: Македонија 24 Март, 2025 13:03
Во Основниот кривичен суд денеска со прашања на Судот
завршува сослушувањето на Велибор Манев, еден од обвинетите за двојното убиство
на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, по што се очекува да продолжи со сведочење
на Боре Видевски. На денешното рочиште, Манев во одговори на прашања од Судот,
генерално, ги повтори деталите околу грабнувањата и убиствата на Вања и Панче
кои ги изнесе на минатото рочиште, но кажа и зошто одлучиле да киднапираат.
„Требаше да се оформува партија и ни фалеа пари. Така се роди идејата за грабнување. Реков претходно дека 150 илјади евра ни беа ветувани, но откако виде дека не е таа жена, ни рече дека ќе се обиде да извади по 20 илјади евра по човек. Се двоумеше Палчо меѓу поранешен директор на Гранит и оваа ќерка на фармацевт. Имавме намера да грабнеме едно лице“, рече Манев.
Тој се бранеше дека не би учествувал во грабнувањата ако знаел дека Палевски има пиштол. Но истовремено, вели и: „Имаше моменти кога сакав да се откажам, но два пати ми повтори дека ќе ми ја убие фамилијата пред мене“
Прашан дали видел дека Палевски носи огнено оружје, Манев рече: „Да видев немаше да бидам овде”.
Тој раскажа и како со Боре Видевски купиле WD-40 средство, за да бришат траги. Судот, на Манев му приложи фискална сметка на која се гледа дека бил купен спреј ВД-40 и ракавици и го праша дали му е позната, за која одговори потврдно.
Ден по убиството на Панче, Манев заедно со Видевски отишле до домот на Панче, со претходно купените спреј ВД-40, ракавици и крпа, за наводно да ги избришат трагите, но, како што рече, не можеле да ја отворат вратата.
- Откако го грабнавме Панче Жежовски го ставивме во гепекот на неговата кола. Од куќата на Панче до пругата каде што нѐ чекаше Кешишев, возилото на Панче марка Цитроен го управуваше Палевски, јас бев на совозачкото седиште, Боре Видевски седеше назад, додека Жежовски беше во гепек. Кај пругата, каде што нѐ чекаше Кешишев застанавме, го туривме горивото кое ден претходно го наточивме од бензинската „Макпетрол“ и продолживме кон „земуницата“, посочи Манев.
Прашан зошто ја копале земуницата претходно заедно со Кешишев, тој рече дека идејата била најпрво да биде чуван Панче, додека тие го користат неговото возило за грабнувањето на жената, по што, како што рече би се направило смена, односно би го пуштиле Панче заедно со Цитроенот, додека во земуницата ќе ја чуваат грабнатата жена.
На изминатото рочиште, на кое исто така беше сослушуван Манев, рече дека грабнувањата биле координирани од страна Љупчо Палевски, кој е првообвинет во случајот, и дека сметал оти требало да извршат само грабнувања и се изненадил кога Палевски ги застрелал Вања и Панче.
По сослушувањето на Манев кое е предвидено да заврши денеска со прашања од Судот, треба да сведочи Боре Видевски, Влатко Кешишев, Александар Ѓорчевски и на крај Палевски.
Можеби ќе ве интересира
ФАКТОР НА ДЕНОТ: Eкс градоначалниците на Кочани, Димитровски и Илијев добија куќен притвор

ДВАЈЦА МАКЕДОНЦИ ЗАГИНАА ВО ИТАЛИЈА: Комбето се судрило со камион

MOJСОСКА ЗА СНИМКАТА КАДЕ РАДОВИШАНЕЦ ТЕПА БРЕМЕНА ЖЕНА: Ова е општество на лудаци на слобода

ПЕТАР ШАПЕ: Ќе поднесам иницијатива МКЦ да го носи името на Андреј Ѓорѓиески-ДНК

(ВИДЕО) СТИПЕНДИЈА ЗА ЈОВАН КОСТАДИНОВ: Mицкоски рече дека тој е светла точка во деновите на темнина

ЗА ПОЖАРОТ ВО КОЧАНИ: Двајца поранешни градоначалници пуштени во куќен притвор

ДУИ: Сопственикот на клубот полицијата го однесе без лисици, а Бектеши со лисици
