10 Декември, 2024
0.0269

Самит за мир во Украина - спласнати амбиции

Објавено во: Колумни 27 Мај, 2024

Добивај вести на Viber

Во средината на јуни, 15 и 16, во швајцарското туристичко место Биргеншток, треба да се одржи Глобалната конференција(Самит) за мир во Украина. На неа, според разни извори се очекува да присуствуваат од 70 до 100 земји и меѓународни организации. Замислена е на чело на делегациите да бидат лидерите на тие земји. Како што стојат работите денес, на неа нема да бидат тројцата главни играчи, американскиот претседател Џо Бајден, кинескиот претседател, Шји Џинпинг и рускиот, Владимир Путин. За волја на вистината, Путин и не беше поканет.

Украина, организатор на конференцијата, заедно со Швајцарија, имаат замисла Русија да се вклучи во некои натамошни конференции. Сега би и’ бил испорачан пакет документи усвоени во Биргеншток, па таа нека си ја чука главата за нивната иднина. Русија од своја страна изјави дека и нема намера да учествува на таква конференција, бидејќи Швајцарија не е неутрална страна во конфликтот во Украина, а исто така на која би се разгледувала украинската формула за мир од 10 точки.  Но, како што сега стојат работите на Конференцијата ќе доминираат три од десетте точки.  Амбициите спласнаа после се’ што се заклучи при подготовките за неа.

Украинската формула за мир, претседателот Владимир Зеленски, ја обелодени на собирот на „Групата 20“ во Индонезија во ноември 2022 година. Според него, ако се реализира таа формула тогаш војната би завршила веднаш. Кои беа десетте украински услови за мир? Прво, нуклеарна енергетска безбедност, потоа безбедност за извозот на украинско жито и други прехранбени производи, ослободување и размена на сите заробеници и депортирани, Почитување на Повелбата на ОН и обновување на територијалната целосност на Украина и светскиот поредок, повлекување на руските војски на границите од 1991 година и прекина на борбите, враќање на праведноста преку компензација на загубите(репарации) и специјален трибунал за воени злосторства,  спротивставување на екоцидот, недозволување натамошна ескалација и потврдување на крајот на војната.

ПРОМЕНА НА ФОРМУЛАТА

Работите на организирањето на конференцијата не тргнаа по саканата украинска формула. На швајцарската конференција и претходеа четири самити, во Данска, Саудиска Арабија, во Давос и на Малта, на експерти и претставници на агенциите за национална безбедност на десетици држави. После сите тие средби и активирањето на Швајцарија во подготовките на конференцијата очигледно на површина испливаа сознанијата дека така, како што е замислена таа не може да се одржи. Главната цел на Конференцијата беше на неа да се привлечат што поголем број светски лидери, не само од Западот, туку и клучните земји од БРИКС, од „Глобалниот југ“. И на неа да се усвојат документи за притисок врз Русија. Оттука и желбата за привлекување на што повеќе земји. Тоа требаше да биде кулминација после четирите претходни средби. Но и на нив, од она што допираше во јавноста, некои држави не сакаа да се договараат за сериозни точки од „формулата на Украина“. На пример повлекување на руските војски на границата од 1991 година. Многу од тие држави сметаа дека нема мир беа покана за Русија на такви конференции. Но Украина беше упорна и се договори со Швајцарија да се одржи конференција на 15 и 16 јуни. И почна поканувањето на лидерите на државите. За жал тоа не оди како што сакаат Украинците.

Па така, Зеленски го убедија дека самитот мора да оди по друга формула. И на самитот од десетте точки ќе се дебатира за три. За оние за кои сигурно ќе се постигне согласност. Бидејќи се општо прифатливи. Но нема ништо од клучните точки за мир во Украина.  „Ние го тргнавме тоа што може да ги разедини земјите и ги вклучивме само трите точки за првиот самит“, рече вчера Зеленски. Очигледно тој смета и на други самити. Но, „не умри коњу до зелена трева“. Кој знае што се’ ќе се случи до некоја наредна конференција.

Па, Зеленски обнароди дека ќе се разговара за нуклеарната и енергетската безбедност, со оглед на тоа што Запорошката атомска централа сега е под контрола на Русија. А таа е најголема, има шест блока, од вкупно 15 што има низ цела Украина. Втора точка ќе биде безбедноста за извоз на храна. Особено што имаше проблеми со транспортот на украинско жито низ Црно море. И трета точка размена на сите заробеници и децата кои се префрлени на труска територија. За Зеленски овој Самит е инаугуративен, но „ние не сакаме само да се поздравиме, туку да имаме три точки, за некако да се движиме напред“, рече вчера тој во едно интервју за новинари од Централна Азија. Тој ја обвини Русија, врз основа на разузнавачки податоци, дека сакала да го спречи Самитот, да покаже негова нелегитимност со неучество на странски лидери. Како што рече:„Се’ со цел таа да ја земе иницијативата за крај на војната во свои раце и крајот на војната да се темели на нејзини ултиматуми“.

БЕЗ ГОЛЕМИ НАДЕЖИ

Што може да се очекува од Конференцијата? На неа сигурно ќе дојдат многу лидери од Западот. Пред се од ЕУ, кандидати за членство, НАТО , сојузници, но не се знае колку лидери ќе дојдат од земјите на „Глобалниот Југ“. Од БРИКС исто така. Некои земји од нив и нема да учествуваат воопшто. Шји Џинпинг не доаѓа. Џо Бајден го избра Холивуд наместо Биргеншток, пишуваат медиуми. Ќе оди на предизборен собир за собирање пари за изборната кампања. Тој ќе биде на 15 јуни во Италија на Самитот на Г-7, но треба да замине во Холивуд каде што ќе му се присоединат Џорџ Клуни, Џулија Робертс, Барак Обама и други...Со Зеленски би можел да се види во Франција, дента кога таму ќе се одбележува „Денот-Д“. Нема да биде ни потпретседателката Камала Харис. Можеби ќе дојдат другите учесници од Г-7. Од Индија нема да дојде премиерот Моди, туку некој друг претставник, Од Бразил исто, наместо Лула да Силва ќе дојде некој друг претставник. Се’ на се’, ќе се потврди актуелната поделба во светот. На што сме сведоци и во ОН. Еден куп земји ја осудија агресијата на Русија и гласаа во полза на територијалниот интегритет на Украина. Но кога треба да се воведуваат санкции тогаш, работите одат поинаку, Тука се солидарни само западните земји и нивните сојузници 50-60 држави.

Зеленски очекува средбата во Биргеншток да биде вовед во нови средби на темата Украина. Германскиот канцелар Олаф Шолц во интервју за Stern, пред десетина дена, изјави дека не гаи големи надежи дека на Конференцијата во Швајцарија ќе дојде до пробив кон постигнување мир во Украина.„Никој не треба да има претерани очекувања. Ние не водиме преговори за крај на војната“, рече Шолц  Тој уште тогаш најави дека Конференцијата ќе има скратен дневен ред. Што сега го потврди и Зеленски. Од друга страна Кина и Бразил најавија меѓународна конференција на која би учествувале и Украина и Русија. На таа конференција би биле разгледани повеќето идеи кои постојат за мир во Украина. И на Ватикан, и на Африка и на Кина и на Бразил...Се разбира и на Украина, но и погледите на Русија. Доколку ова се случи тогаш ќе дојде до разводнување на украинската формула за мир.

Украинскиот претседател е свесен за ова и вчера го упати последниот повик до глобалните лидери. Во видео обраќање тој рече:„ Ги повикувам глобалните лидери, кои се’ уште се настрана од глобалните напори на Самитот – лидерот  на САД, претседателот Џо Бајден и лидерот на Кина, Шји Џинпинг. Ве молиме покажете лидерство во промовирањето на мирот. Реален мир, а не таков, кој ќе стане пауза во меѓу удари...Поддржете го самитот за мир со ваше лично учество“. Бајден и Џинпинг имаат уште неполни дваесет дена да го послушаат повикот на Зеленски. Нему треба да му се честита на упорноста. И кога знае дека нешто нема да успее, тој се бори. А не како нашиве малодушни политичари и дипломати.

 Доколку Бајден и Џинпинг не дојдат во Биргеншток и ако самитот биде игнориран од земјите на „Глобалниот Југ“, тогаш тоа ќе значи нарушување на основата на стратегија на Украина за промоција на „формулата за мир“. Тоа повлекува со себе и потреба од промена на стратегијата. Во западните медиуми се повеќе се пишува за „координиран притисок“ врз Зеленски за почеток на преговори со Русија.

Мирче Адамчевски



* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.

Можеби ќе ве интересира

Асад избега – што ќе биде со Сирија, Блискиот Исток и војната во Украина

Асад избега – што ќе биде со Сирија, Блискиот Исток и војната во Украина

Чекајќи го Трамп – Зеленски за членство во НАТО ќе даде и територии

Чекајќи го Трамп – Зеленски за членство во НАТО ќе даде и територии